Поврзете се со нас

Skopje Global

Франција: Генералски „бунт“ во папучи

Европа/ЕУ

Франција: Генералски „бунт“ во папучи

Wirestock/Depositphotos.com

Франција: Генералски „бунт“ во папучи

Отвореното писмо на група пензионирани, десничарски генерали на француската армија, во кое тие се појавуваат како „бранители“ на Франција од исламот, прво предизвика потсмев, но работите се изменија кога стана јасно дека француската јавност „има симпатии“ за пораките изнесени во писмото.

Француската министерка за одбрана Флоранс Парли, во првичната реакција има речено дека писмото ги изнесува „соништата на осумдесетгодишници во папучи“. Нејзината заедливост исчезна откако се огласи ултра-десничарката Марин Ле Пен, бранејќи ги генералските предупредувања до властите.

Стана јасно дека „бунтот во папучи“ е „десничарско масло“, а тоа е проблем за претседателот Емануел Макрон и за неговите амбиции за втор мандат, на изборите за една година.

Закана од пуч

Писмото се појави во еден десничарски весник и во него дваесетина поранешни генерали зборуваат за “опасноста за Франција” потоа за “исламизмот“ и за „ордите кои шетаат и владеат со предградијата“, населени со мигранти, во кои, наводно, „постојано има хаос и беззаконие“.

По иронизирањето во врска со писмото, уследи предупредувањето на независните и демократски определените аналитичари дека станува збор за закана со пуч, доколку власта, а тоа е Макрон, не направи нешто за да ја заштитиле Франција. Особено по предупредувањето на пензионерите дека би “можело да дојде до ескалација (на ситуацијата) и до интервенција и на активните генерали, за да се заштитиле француската цивилизација и државата“!?

Како своевиден предводник на еден ваков генералки „пуч“ се јавува екс генералот Кристијан Пикемал кој во 2016 година беше исклучен од армијата по обвинувањето за радикално десничарење.

Другите потписници се активисти и членови на Националниот Фронт на Марин Ле Пен, што сега е преименуван во Национално собирање, за да се привлечат и луѓе – гласачи од францускиот политички центар кои не се десничари.

Поддршка од Ле Пен

Меѓу потписници има и 18 офицери од активниот состав кои како што најави и началникот на Генерал-штабот на француската армија Франсоа Леконтр, ќе бидат отпуштени од активната служба, откако сите пензионирани генерали кои се вклучени во овој „бунт“ веќе се тргнати од резервниот состав на армијата.

Сосема е јасно дека огласувањето на поранешните генерали е почеток на кампањата на ултра – десницата за изборите во 2022 година и дека Ле Пен не можеше да ја одмолчи оваа ситуација, застанувајќи зад некогашните генерали изјавувајќи дека “должност на сите француски патриоти да се кренат во одбрана на земјата“.

Кога сфати дека вака интонирана, нејзината порака е безмалку повик на бунт, таа се има корегирано, објаснувајќи дека таа борба за одбрана на државата треба да биде мирна и со мирни средства.

Како тоа го замислуваа оваа политичарка – нескриен националист и популист – борбата која ја заговараат генерали (па и да се во пензија) со мирни средства – останува уште еднаш да го дообјаснува.

Годишнина од пучот против Де Гол

Меѓутоа, заканата до актуелната власт е пратена (и тоа не случајно) во време кога наскоро ќе се навршат 60 години од неуспешниот воен удар на француските генерали против тогашниот претседател Шарл де Гол, во 1961 година, затоа што навести деколонизација на Алжир.

Милитантото генералско крило тогаш создаде и тајна организација ОАС која изведуваше терористички напади и се обидуваше да го убие Де Гол во неколку неуспешни атентати.

Заедно со тие пучисти, Жан Мари Ле Пен, таткото на Марин, го има создадено својот крајно-десничарски, националистички и расистички Национален Фронт.

Неговата ќерка и покрај наводното разидување со таткото и со неговите ултрашки погледи, сепак, остана на линијата што во основа ја има поставено Жан Мари, меѓу другото да ја сака војничката униформа и наклонетоста кон екстремните постапки.

Нема реална опасност

Уште од она време, кога партијата е создадена, делови од армискиот состав имаат повеќе симпатии и даваат поддршка (гласаат) за Фронтот на Ле Пен, отколку што партијата ја има во целата француска јавност. Тоа се објаснува со неспремноста на луѓето во армиските редови да го голтнат „падот на Франција“ како вистинска светска сила, како од времето на колонизацијата и натаму уверени дека на земјата и виси над главата „закана од надвор“.

Впечаток на француските и на европските аналитичари, меѓутоа, е дека големото мнозинство од активниот армиски состав ги почитува вредностите на француската Република. А, тоа се оценува како гарант дека реална закана од воен пуч, или некаково повторување на настаните од пред шест децении – не постои.

Ако има закана, таа се однесува за претседателот Макрон кого крајната десница постојано му гради слика дека е “послаб кога ќе се спореди со Ле Пен“ кога станува збор за француската внатрешна и надворешна безбедност.

Не е затоа чудно што 58 отсто од Французите „со симпатии“ гледаат на отвореното писмо. „Симпатизирањето“ се искачува и до 86 отсто меѓу гласачите за Националниот Фроит.

„Мртва трка“ Макрон – Ле Пен

Ваквата првична реакција на јавноста, секако, се објаснува и со низата терористички напади од исламските екстремисти и џихадисти последниве неколку години, посебно жестоки во годините пред Макрон да влезе во Елисејската палата, што секогаш во француската ксенофобична јавност се врзува за потреба од цврста, војничка рака.

На тоа Макрон се обидува со низа мерки и со носење закони да ги одврати ваквите делови од француското гласачко тело да се свртат кон Марин Ле Пен, но на тоа му се спротивставуваат левичарите кои организираа и протести против сите нови мерки за кои велат дека се отстапка за крајната десница.

Сите аналитичари во Париз се согласуваат дека Макрон настојува да се покаже дека тој е бранител на вредностите на француската Република, а дека тоа не е, ниту може да биде Марин Ле Пен, која уште се сомничи и дека за своите кампањи прима пари од странство.

Така или не, неколку месеци по ред таа и актуелниот претседател се во „мртва трка“ кај Французите. Ле Пен ја има поддршката на 26, а Макрон на 25 отсто од гласачите. Тоа само навестува дека и следната година, на изборите ќе има втор круг – кога овие двајца одново ќе се судрат за тоа кој да биде претседател и во следните пет години – до 2027 година.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе