Поврзете се со нас

Skopje Global

Едиторијал

Национализмот на српскиот Австриец

Национализмот на српскиот Австриец

Човек може да биде спортист- не мора да е врвен, но доволно е што  долго е во фудбалот од кој живее. Може да е репрезентативец и да ја претставува својата земја ( Австрија) на едно големо фудбалко натпреварување.

Може да потекнува од мешовит брак, да е роден во цивилизирана држава и во европска  Виена, а како професионалец да игра во разни земји, но доволно е да има корени од Балканот, па нека се тие само половина-  и веднаш да го покаже своето вистинско лице.

А, тоа е лице на човек кој е опседнат со предрасуди,  задоен со омраза и над се, со национализмот што не се обидува ниту да го сокрие.

Токму таков се покажа австрискиот репрезентативец Марко Арнаутовиќ- инаку роден од бракот на таткото Србин по националност и мајка Австријанка.

Псовки и навреди

Својата „голема радост“ што постигнал гол, после една катастрофална грешка на одбраната на македонската фудбалска репрезентација, на мечот во Букурешт, од првото коло на Европското првенство во фудбал, овој српски Австриец, или  австриски Србин, ја прослави со националистички псовки и со вулгарни навреди кон играчите од репрезентацијата на Македонија.

Како и да се декларира во својата родна Австрија, овој фудбалер покажа дека не заслужува да го носи државниот дрес на земјата која е негова-матична. Не заслужува да биде никаде репрезентативец , па и во земјата од каде потекнува неговиот татко- затоа што е очигледно дека е посилно врзан за неа, кога се вклопил во атмосферата што таму постои, во еден не мал дел од тамошното општество.

Тоа е така кога на еден фер и коректен натпревар Арнаутовиќ – на македонските репрезентативци им псуе – „мајката Ш……ка да ви ја е..м „ и тоа и на оние кои, инаку, не се етнички Албанци, но кои играат за дресот на Република Северна Македонија и под македонското знаме

ФСМ бара казна за Арнаутовиќ

Лажниот „српски патриот“ тоа не го знае. Тој  само знае дека во македонската селекција, покрај етничките Македонци, има и етнички Албанци и Муслимани.

За него тоа е исто , па тој ќе псуе, ќе навредува и ќе се заканува на фудбалскиот терен , само затоа што има дадено случаен гол, за кој ниту е заслужен, а ниту е плод на неговото фудбалско умеење. Таков гол може да постигне секое дете во некое австриско, или српско маало.

Македонската фудбалска федерација, затоа , со право, бара од УЕФА да го казни Арнаутовиќ за неговиот, како што се посочува, националистички испад. Дури и не треба да реагира Европската куќа на фудбалот, треба да реагира прво , австрискиот селектор- испраќајки  го назад дома- каде и да е тоа и австриската фудбалска федерација- која треба да ги тргне трајно од списокот на потенцијалните репрезентативци.

Најдобар доказ дека тоа така треба да постапат Австријците е нивниот фудбалер Алаба , инаку со црнечко потекло- кој му ја затвора устата на својот соиграч- „патриот“ , за да не направи поголема глупост.

Осуда и подршка за делијата

Тоа што тој , подоцна, под притисок, се има извинувано на Инстаграм – уверувајќи дека сите ги сака, дека не е расист – не значи ништо. За само малку време на теренот, на сите им покажа дека е обичен балкански националист.

Белградските медиуми не го сокриваат  испадот на австрискиот фудбалер од српско потекло, па на социјалните мрежи има изјави со осуда за Арнаутовиќ. Во стилот- дека покажал оти е  задоен со омраза и дека не му вреди ништо што е роден во Виена.

Но, има и не малку изјави со подршка, па  дури и со одобрување на неговата постапка. Еден таков патриот има напишано дека Арнаутовиќ “требало да го дигне во воздух ( да го натепа со клоци)  малиот- шатираниот и да и покаже на таа беда од човек кој е тој“ , мислејќи притоа на македонскиот фудбалер Есџан Алиоски, кого го има навредувано.

А, за овој „спортски навивач“ како и за „борбениот“ Марко Арнаутовиќ не е лошо да прочешлаат по книги и да дознаат- каков е коренот на презимето на овој делија. Османлиите ги нарекувале Албанците- во тоа време- Арнаути.

Заробенци на национализмот

Можеби некому , сето ова може да му изгледа маргиналн работа- се случило, што се случило, па затоа ајде да одиме понатаму.

Главно е двете соседни земји (Македонија и Србија) да имаат добри односи, взаемно да се почитуваат и да не се гледаат со недоверба и низ очите на омразата- најмалку  низ очите на националистите. Корона кризата покажа дека луѓето од двете страни на границата можат да бидат пријатели и да си помагаат едни на други.

Злото на национализмот, меѓутоа, продолжува да шета по Балканот, да биде присутно во генерациите кои и не го паметат распадот на поранешната заедничка држава во која сакавме да веруваме дека може да изградиме барем единство, ако веќе не можевме да бидеме браќа и да градиме братство. И. сега, и како разделени, секој на својата територија, меѓу своите – продолжуваат изливите на омраза , на нетрпеливост и на недоверба.

Србите и косовските Албанци , веројатно, уште долго време ќе се спорат за тоа дали Белград да прифати една нова реалност, а Приштина да разбере дека ако сака навистина да ја третираат како независна држава,  да почне така и да се однесува. Не едно да зборува, а потоа друго да прави. Во такви услови „шетаат“ разни нон-пејпери кои се претвораат во ревија од националистички желби и исто такви заблуди.

Омраза која тече

Оној делија од Виена се однесува како да живее длабоко инволвиран со балканските реалности, па и на еден натпревар , во моментите кога резултатски мечот беше решен, се определи да се пресметува, гледајќи во своите противници- непријатели што треба да се навредуваат и понижуваат- на национална основа.

Тоа е реалноста, за жал. Во Сплит, на пример, на автомобилот на еден новосаѓанец, некој хулиган ( многу веројатно на националистичка основа) му ги има продупчено сите гуми – затоа што има таблички од Србија,. Тоа  во Белград, пак,  ќе  биде примено како анти-српска провокација и како напад врз сите Срби.

Сплиќанецот, сигурно,  го има направено тоа затоа што двете соседни земји продолжуваат да живеат во атмосферата на недоверба и на работ од непријателството. И тука е проблемот, затоа што така се создаваат националисти.

Но, што е тоа што го има натерано еден Арнаутовиќ да постапи како што постапи во неделата вечерта, на еден фудбалски натпревар, во кој играше како Австриец.

(Спектатор)

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Едиторијал

Горе