Поврзете се со нас

Skopje Global

Преспа не ја сакаат во Софија

Едиторијал

Преспа не ја сакаат во Софија

Wlad_Mus/Depositphotos.com

Преспа не ја сакаат во Софија

Поминаа три години од потпишувањето на македонско – грчкиот договор од Преспа, со кој после три децении се затвори спорот околу тоа кој има право да го користи името Македонија.

Со постигнатиот договор – тоа право го имаат и двете страни – а до тоа се дојде со постигнување компромис.

Република Македонија прифати да додаде географска одредница на своето официјално име, нешто што Атина го бараше 30 години – за да се направи разлика меѓу независната држава Македонија, што настана по распадот на поранешна СФРЈ и географската област Македонија која во најголемиот дел се наоѓа на територијата на северна Грција.

Република Грција, пак, од своја страна, прифати и де – факто призна дека во нејзиното прво соседство живее посебен народ – етнички Македонци, народ од словенско потекло, со свој посебен јазик. Нешто на што македонската страна инсистираше исто толку – време, додека траеше спорот.

Прифаќање на реалноста

Останува за паметење изјавата на тогашниот премиер Алексис Ципрас во грчкиот Парламент, за тоа дека Грција „не може да ги спречи нашите (грчките) соседи да се нарекуваат и да се чувствуваат како Македонци, доколку така се чувствуваат“.

Притоа, уште остро ги прекори пратениците од грчката КП (кои беа против договорот од Преспа) дека забораваат оти токму славомакедонците беа на нивна страна во граѓанската војна (1946/1949),  како и тоа дека ја дадоа и првата жртва во војната меѓу грчките комунисти и монархисти – Ирини Гини (Мирка Гинова), нарекувајќи го таквото однесување на сегашните комунисти во Грција – предавство на нивните некогашни идеолошки другари и соборци.

Шест месеци пред тоа, на 17 јануари 2018 година, додека преговорите меѓу Скопје и Атина беа на почеток, во Стразбур, тогашниот бугарски премиер Бојко Борисов, промовирајќи ги тезите за бугарското претседателство со ЕУ, што тогаш започнуваше, на европратениците силно им ја препорачуваше европска Бугарија, држава членка на ЕУ (1 јануари 2007) и нејзината нова, европска политика на Балканот.

Зборуваше како силен промотор на Западен Балкан, последното парче од Европа што остана надвор од Унијата и на неговото забрзано интегрирање во Унијата.

Две различни лица

Како доказ и аргумент за европеизацијата на Бугарија, премиерот Борисов го посочи, го бранеше и го рекламираше бугарско – македонскиот договор за соработка и пријателство (тогаш веќе потпишан и ратификуван).

Тоа е истиот меѓудржавен документ што сега во Софија го парчосуваат кој, како ќе стигне – ултрадесничари и националисти, социјалисти и левичари, русофили и прозападњаци, но и оние кои зборуваат за нова, европеизирана Бугарија. Како што е тоа десноцентристичката партија ГЕРБ на Борисов. Некои негови министри се спуштија до нивото на најтврдите националисти од времето на комунистичката диктатура на Тодор Живков, на што тој самиот одмолчуваше.

Но, во својот говор во Европскиот Парламент, истиот тој Борисов, во таа прилика зборуваше сосема поинаку.

“Мислам дека Бугарија и БЈРМ (со потпишаниот договор) дадоа еден исклучителен пример за тоа дека на Балканот има држави кои со такт, со добронамерност, можат да решаваат проблеми, а не да доаѓаат кај вас (во ЕУ/Брисел) со своите проблеми!!”

„Тепање за Македонија“

Притоа, Борисов изрази надеж дека на еден таков начин ќе се завршат и преговорите меѓу Скопје и Атина – со разрешување на спорот околу името, бидејќи, како што рече – „тоа ќе му даде голема перспектива на Скопје за НАТО и за ЕУ. Притоа, посочувајќи дека станува збир за место (мисли на Македонија) кое е како камен – темелник, што ако се растресе, започнува да се тресе целиот Балкан.

Веројатно, во тие моменти Борисов се има присетено на признанието на првиот постокмунистички, демократски избран бугарски претседател Жељу Желев – дека барал од Москва од тогашниот претседател Борис Елцин, да ја признае независноста на Македонија. Со такво барање отишол во Кремљ, откако во Софија се разбраа дека Слободан Милошевиќ, на Грција и нуди поделба на територијата на Македонија (по прогласувањето на независноста) – по принципот – северот за Србија, а југот за Грција.

„Бевме шокирани од тоа сознание. Па, зарем пак ќе мора да се тепаме за Македонија и за тоа кому таа да припадне“ – има речено Желев.

А, можеби Борисов, во Стразбур, пред 3,5 години, не мислел на ништо, освен да се афирмира себе си и политиката на неговата партија, давајќи декларативно поддршка на македонско – грчките преговори. Можеби и не верувајќи дека Скопје и Атина може да се спогодат и тоа (за прв пат) во директни преговори.

Нема Ципрас во Софија

Едноставно, затоа што имаше сили на Балканот кои не сакаа решение за спорoт за името – затоа што така се оставаше отворено едно балканско прашање, кое треба да биде вечно отворено, за да може земјите од опкружувањето, некогашни претенденти на територијата што Борисов во говорот ја нарече камен – темелник, продолжи постојано да се тресе, без да им направи штета на соседите. Но, во секој случај, да остане изолирана.

Излегува дека некако така мислел тогашниот бугарски премиер.

Тоа стана јасно кога во деновите кога се одбележуваа трите години од историскиот договор од Преспа, измина една година откако Софија ги погази дадениот збор, ветеното пријателство, ратификуваниот договор и партнерството во НАТО. Кога бугарската страна го блокираше македонскиот европски пат, со вето во ЕУ – и тоа кога за прв пат Република Северна Македонија, се најде на самиот старт за започнување преговори за членство во Унијата.

Сега е сосема јасно дека во Софија нема Ципрас, како и тоа дека таму на повидок нема политичар кој е подготвен да затвори некои бугарски, историски заблуди, за да биде вистински европски ориентиран политички лидер кој ја признава реалноста на Балканот.

Регионална тежина

Затоа што Преспа не разреши само еден билатерален спор, за кој постоеше и Резолуција на ОН која налагаше од двете страни да го затворат. Договорот од Преспа е историчен и затоа што покажува дека на балканските простори, сепак, ИМА ЗЕМЈИ и има ВИСТИНСКИ ПОЛИТИЧАРИ – кои се подготвени да се спогодат во интерес на иднината. Не за свиткување “кичма “ – како што тоа може да го смислат само македонските националисти и ултрадесничари, туку за отворање на една нова перспектива како за двете земји, така и за целиот регион.

Токму Преспа го ревитализира замрзнатиот процес на проширување на ЕУ, Грција излезе од анонимноста во која беше ставена по банкротството на нејзината економија во 2010 година и одново стана регионален фактор.

Регионот сега има спогодба за урнек, како и модел за решавање спорови, додека Македонија, конечно, се оттргна од 30 годишната изолација, во која некој домашни лажни патриоти сакаа (и се уште сакаат) да ја остават – како една Белорусија.

Бегство од вистината

Прашање е дали во Софија постои некој кому би можело да му се верува и некој кој ќе остане доследен на зборовите. Борисов беше во право кога зборуваше во Стразбур за Балканот, за Македонија и за односите со Скопје. Проблемот, меѓутоа, настана кога и тој и официјална Софија ги предадоа и пријателството и над се – европските принципи – повлекувајќи се од дадениот збор, за некоја своја, или за нечија туѓа сметка.

Проблемот добива своја контура кога станува јасно дека Софија, всушност, не ја сака Преспа.

Таму постојано зборуваа дека сакаат Скопје и Атина да се спогодат. Но, изгледа не така како што на крајот се спогодија и како што изгледа договорот. Посебно она што де – факто го прифати и го призна Атина. Националната македонска самобитност, посебноста на македонската, словенска, нација и нејзиниот македонски јазик.

Уште кога стана јасно каков е македонско – грчкиот договор, не се сеќаваме дека од Бугарија стигна честитка, иако во јуни 2018, земјата се уште претседаваше со ЕУ. Повеќе таму немаше задоволство од елиминацијата на 30 годишниот спор, што и требаше да уследи после онаквите зборови на Борисов во Стразбур.

Она што после Преспа можеше да се чуе беше пораката дека договорот на Скопје и Атина не ја обврзува Софија!

Неморална постапка

И, таму се почна да се трага по одговорот на преспанскиот договор. Излезе дека одговорија со барања за наводниот бугарски карактер на македонскиот национален идентитет и на македонскиот јазик. Бугарската страна тоа го употреби како свое орудие за да ги блокира и Македонија, но и целата и Европската унија. Тогаш кога Брисел, конечно, се врати во Западен Балкан.

Неморално е сето тоа. Неморално е некој во 21 век да бара и да покренува вакви прашања и да истакнува претензии кон друг народ. Неморално е да се попречува една земја на нејзиниот европски пат и неморално е да се злоупотреби правото на вето што го даваат правилата на ЕУ, за да се лекуваат националистичките фрустрации.

Во таква ситуација, останува Софија да собере сила и политичка мудрост, за да се врати на зборовите од пред 3,5 години, на својот европски пат и на принципите на ЕУ, за кои Брисел и прогледа низ прсти кога Бугарија ја примаа во Европа.

(Спектатор)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Едиторијал

Горе