Поврзете се со нас

Skopje Global

Жена за генерален секретар на НАТО?

Свет

Жена за генерален секретар на НАТО?

XavierLejeune/Depositphotos.com

Жена за генерален секретар на НАТО?

Земјите членки на НАТО ги започнале консултациите за тоа кој ќе го наследи Јенс Столтенберг на функцијата генерален секретар на Северно – атлантската алијанса, чиј мандат истекнува во следната 2022 година.

Европските медиуми веќе оперираат со неколку имиња и како сега стојат работите, сите се жени – политичарки кои мадридскиот весник „ЕЛ Паис“ ги има поделено во две групи. Во Брисел, во седиштето на НАТО, меѓутоа, одбиваат да ги коментираат ваквите написи, освен што е потврдено дека течат консултации, што е вообичаено кога претстои смена на првата функција во Алијансата.

Тереза Меј – фаворит

Според шпанскиот весник, како главен кандидат се споменува поранешната британска премиерка Тереза Меј, која актуелниот премиер Борис Џонсон, со своите „тврди“ брегзитери, ја собори со партсики пуч од лидерската позиција во Конзервативната партија и од премиерската функција. Изговорот беше дека е „премногу попустлива“ кон ЕУ, во текот на преговорите на Лондон и Брисел околу повлекувањето на Британците од Унијата.

Втор, велат, силен кандидат е Италијанката Федерика Могерини, поранешна европска „министерка“ за надворешна политика и безбедност, а трето рангирана е актуелната германска министерка за одбрана Анегрет Крамп – Каренбауер, која едно време се сметаше за наследник на Ангела Меркел во Германија.

Весникот тврди дека во Брисел, полека, се гради позицијата дека после 72 години постоење на НАТО, време е една жена – политичар да го предводи овој западен воено – политички сојуз, откако низа европски (и светски) политичарки се на челото на влади, на парламенти, на претседателски функции во своите земји, како министри за одбрана, или се наоѓаат на разни меѓународни организации.

Источна конкуренција

Освен оваа прва тројка, како кандидати се споменуваат и три други политичарки од земјите на Источна Европа, кои изминатите петнаесетина години станаа членки на Алијансата по падот на комунизмот, пропаѓањето на Советскиот Сојуз и повторното обединување на Европа.

Во втората тројка се споменуваат поранешната претседателка на Литванија Далија Грибаускајте, актуелната претседателка на Естонија Керсти Калјулај и поранешната хрватска претседателка Колинда Грабар – Китаровиќ која единствена од овие три има работено во НАТО.

Сепак, она што засега единствено е познато, тоа е дека изборот на нов генерален секретар ќе се изврши на следниот Самит на НАТО, што ќе се одржи во Мадрид и дека ставот на сите земји – членки е тоа да биде „искусен Европеец, или Европјанка“.

Брегзит и Косово

За Тереза Меј се вели дека е во предност затоа што доаѓа од земја која е дел од Алијансата уште од нејзиното создавање во 1949 година, која е членка на Советот за безбедност и една од големите сили во меѓународната политика. Освен тоа, Меј била премиер на Британија, а пред тоа министер за внатрешни работи.

Но, некои партнери на НАТО, како нејзин хендикеп го ставаат Брегзит, односно тоа што Британците повеќе не се во ЕУ. Без разлика што на референдумот 2016 година, Меј беше за останување во Унијата, се стравува дека со Британка на челото на НАТО, би можело да дојде до недоразбирања, доколку Европа би сакала да развие своја одбранбена политика, за што Лондон отсекогаш се противи.

За Могерини, пак, не и одат во прилог критиките за „лошо водење на европската надворешна политика“.

Западот не и заборава дека таа брзоплето прифати дека како едно од решенијата за косовската криза би можело да биде поделбата на територијата на Косово и цртањето нова граница на косовскиот север, кај Митровица, на што се спротивставија Берлин и Париз, а го бранеа Белград и Москва.

Нова стратегија

Проблемот за Германката АКК (како што Германците ја ословуваат Анегрет Крамп – Каренбуер) е што една друга Германка е на челото на ЕУ, како претседател на Европската комисија – Урсула фон дер Лајен. Би било премногу уште една политичарка од Германија да предводи една толку важна организација каква е НАТО. И освен тоа, и Могерини и АКК не биле премиерки во своите земји.

Улогата на генералниот секретар на НАТО, во основа, изгледа како техничка позиција. Затоа што на крајот – при носењето на главните стратешки решенија – се одлучува колективно и според практиката – последниот збор да го има САД, главниот контрибутор во Алијансата.

Сепак, функцијата што сега ја има Столтенберг не е техничка, бидејќи е прилично важна при утврдувањето на темите и прашањата, како и за тоа кои и какви расправи ќе се водат.

А, токму на Самитот идната година во Мадрид треба да се утврди новата стратегија на Алијансата. Таа треба темелно да ја измени позицијата на Алијансата, затоа што како главен противник повеќе не се гледа само Русија, туку и Кина која во низа сектори се именува како директен непријател.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе