Поврзете се со нас

Skopje Global

Наместо со Кина – криза меѓу сојузниците

Свет

Наместо со Кина – криза меѓу сојузниците

Наместо со Кина – криза меѓу сојузниците

Азиско-пацифичкиот пакт, што го создадоа САД, Австралија и Велика Британија, во основа е насочен за заштита на Австралија од се позасилената интервенција на Кина, во и околу земјата – континент и во целиот пацифички регион. Подолго време, Пекинг настојува да се смести во тој дел од светот, да ги истисне Австралијанците кои досега беа како во “својот двор“ и да им се спротивстави на Американците – поставувајќи се како доминантна сила.

Канбера и Пекинг веќе ги имаат расипано своите билатерални односи, особено откако кинеската страна покрена трговска војна со соседот во регионот, настојувајќи да ја казни Австралија за, наводно, “анти – кинеската политика“, што австралиската дипломатија ја означува како одбрана и заштита на националните интереси.

Остра реакција од Париз

Кога станува збор за новиот пакт на тројцата сојузници, Кина не се споменува директно во нивното заедничко соопштение, меѓутоа, јасно е дека опремувањето и на Австралија со подморници на нуклеарен погон, за патролирање низ огромниот Пацифик, е за надгледување на движењето и на однесувањето на Кина и нејзината воена флота.

Кина, нормално, реагираше со осуда на пактот, но меѓународната јавност многу повеќе се занимава (и се интересира) за расправијата на Франција со САД и посебно со Австралија, затоа што станува збор за прв ваков остар судир меѓу сојузници.

Официјален Париз не бира зборови во обвинувањата кон Канбера, но и кон Американците, од каде Французите, револтирани поради раскинувањето на договорот за купување француски конвенционални подморници, за австралиската морнарица, ги повлекоа своите амбасадори.

Франција знаела за пактот

Австралијанците објавија дека Париз знаел за намерата на Канбера да се повлече од договорот, уште пред обелоденувањето на пактот. Американците, исто така, објавија дека француската страна знаела за пактот, но Францускиот шеф на дипломатијата го отфрли ваквото објаснување од Канбера (и од Вашингтон).

Во интервју за француската телевизија тој изјави дека тоа е “лажно тврдење“, дека ништо од тоа не е вистина, дека станува збор за „нож во грбот на Франција“, како и дека станува збор за некоректен однос кон еден лојален сојузник.

Факт е дека австралиската влада ќе мора да плати „дебели“ пенали за еднострано раскинување на зделката, за која долго се преговарало и која (што е точно) се има развлечено повеќе години. Засега не се знае кога ќе се олади лутината и кога ќе се намалат тензиите во односите од кои никој нема полза.

Нема ниту најави дека брзо ќе завршат “консултациите“ на кои се повикани во Париз француските амбасадори во Вашингтон и во Канбера.

Разговори Макрон-Бајден

Портпаролот на француската влада, сепак, во неделата вечерта соопшти дека “во наредните денови“ ќе се одржат разговори меѓу претседателот Емануел Макрон и американскиот претседател Џо Бајден.

Станува збор за криза во француско – американските односи, па Париз во овие разговори ќе бара „разјаснување на ситуацијата“, затоа што Австралија ја откажа зделката од 56 милијарди евра, во интерес на влегувањето во пактот со САД и Британија.

Австралискиот премиер Скот Морисон, од своја страна, одново изјави дека француската страна знаела дека Канбера има “длабоки и сериозни резерви” во врска со подморниците од Франција, уште пред да се раскине договорот. Тој има речено дека може да го разбере разочарувањето на француската влада, но тврди дека тој и некои австралиски министри „уште пред неколку месеци“ ги имаат покренато проблемите околу (сега) раскинатиот договор.

Резервите се појавиле околу капацитетите на подморниците од класата „Атак“ која беше договорена, затоа што се покажало дека тие не одговараат на австралиските стратешки интереси, како и дека Австралија ќе донесе конечна одлука, што ќе се потпира само на тие интереси.

Спротивставени изјави

Во сличен тон е и реакцијата на австралискиот министер за одбрана Питер Датон кој рекол дека Канбера била “и чесна, и искрена, и отворена“ со Франција во врска со договорот, за кој открива дека го има прекорачено договорот и дека се реализира со големо задоцнување.

Датон тврди дека за австралиските дилеми околу зделката ја известил и француската министерка за одбрана Флоранс Парли.

Датон објаснува и зашто Австралија не купила француски подморници на нуклеарен погон. Според него, француските подморници треба да бидат полнети со нуклеарно гориво секои десет години, за разлика од американските, како и затоа што Австралија нема нуклеарна централа.

Освен тоа, според експерти, подморниците „Атак“ треба да испловуваат на површина на секои десет денови, додека американските тоа не го прават. Може да останат под вода во Пацификот, се додека не ги истрошат резервите од храна.

Кому му треба кавга

Двете страни засега настапуваат од своите позиции. Некои европски аналитичари, затоа, побрзаа да објават дека кавгата на Париз со Вашингтон значи „криза на НАТО“ и доаѓа во време кога се погласно во ЕУ (некои) заговараат креирање на европски сили за интервенција.

Меѓународната јавност, пак, настојува да стои настрана од расправијата, иако сето ова изгледа дека (од трговски аспект) станува збор за нефер потег на Австралија.

Меѓутоа, ако се точни тврдењата на Канбера дека на Франција и било навестувано за дилемите на Австралија, тогаш реакцијата на Париз е премногу груба и изнасилена и покрај загубата на оваа голема зделка.

Се смета дека кавгата со САД му е потребна на Макрон за пред домашната јавност, во која има анти – американизам, како и пред ултра – десничарката Марин ле Пен. Изборите за претседател во Франција се на крајот од април следната година, но на Макрон му треба подигнување на рејтингот и во Франција, а и во Европа, сега кога Меркел оди во пензија.

(П.Ф.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе