Поврзете се со нас

Skopje Global

Себастијан Курц бара датум за Западен Балкан

Европа/ЕУ

Себастијан Курц бара датум за Западен Балкан

Ale_Mi/Depositphotos.com

Себастијан Курц бара датум за Западен Балкан

Австрискиот канцелар Себастијан Курц бара од ЕУ, конечно, да определи датум – рок за проширување на Унијата со прием на земјите од Западен Балкан.

„Доколку нема никаков датум, тогаш тоа често пати значи дека нема ни темпо, односно дека, во суштина, тоа се намалува“ – рекол канцеларот во Љубљана, пред неформалниот состанок на европските лидери, што се одржа во вторникот вечерта, пред Самитот ЕУ – Западен Балкан.

Според Курц, сепак, добро е што еден ваков Самит е закажан и што се одржува. За него тоа е знак дека Унијата останува приврзана за проширувањето – процес кој, инаку, застана во 2013 година, кога во јули таа година беше примена Хрватска – последната новопримена членка на ова големо, елитно европско семејство од 27 држави.

„Франција има погрешен пристап“

Австрискиот канцелар притоа рекол дека позицијата на Франција и на нејзиниот претседател – целата работа околу проширувањето (определувањето  датум – рок за примање на западноблакнаците) да се префрли за после француските претседателски избори – е „сосема погрешен пристап“.

Тој смета дека во регионот на Западен Балкан веќе постои  напредок – во реформите, но и во економијата – и покрај долгата пандемија која ја има блокирано и самата Унија. Дека земјите претенденти за влез во ЕУ веќе го имаат постигнато она што им е наложено да го направат, па дека затоа е важно Европа да покаже посилен интерес за обезбедување на нејзината позиција во регионот.

Ваквата позиција на Австрија е идентична со онаа на Германија, за тоа дека треба да се определи рок. Затоа што се смета дека тоа ќе го покрене ентузијазмот за забрзување на потребните реформи во земјите претенденти. Во исто време,  ќе го разувери веќе апатичното население во регионот кое почнува да не верува дека ЕУ – било кога ќе ја отвори вратата. Во регионот се почесто се мисли дека Европејците не ги сакаат Западнобалканците во своите редови, па дека затоа, постојано се измислуваат разни услови, ситуации и предуслови.

Словенија предлага рок – 2030 година

Во тоа се уверија европските челници уште на Форумот Брдо, во Словенија, во минатиот месец, како и Ангела Меркел при нејзината посета, на регионот пред повлекувањето од политиката. Затоа и неколку денови на турнеја, за прв пат, во Западен Балкан,  беше претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен – да ги уверува политичките лидери во регионот дека Европа не го заборава Западен Балкан, туку дека напротив засилено се враќа во него.

На таа линија е предлогот на Словенија за Самитот ЕУ/Западен Балкан – да се определи рок – до 2030 година – или за помалку од осум ипол години, целиот регион да се најде во Унијата.

Покрај Виена и Берлин, со словенечката идеја, што во основа е германска, меѓудругите, се согласуваат и Италија, четирите земји од некогашната Вишеградска четворка (Полска, Чешка, Словачка и Унгарија), потоа Белгија, трите земји – членки од Балтикот, како и Грција.

Сите тие заговараат ваквиот предлог да се вметне и во завршната декларација од Самитот.

Притисок и од Вашингтон

Но, како сега стојат работите, малку е веројатно тоа да се случи. Франција, пред се, како и Холандија и Данска, засега не сакаат да се зборува за рок за влез на Западен Балкан. Во еден момент Париз дури беше и против споменување на проширувањето во завршната декларација, освен вообичаеното декларативно навестување дека – „вратата на Европа останува отворена“.

Не помага ни тоа што во оваа прилика, (вонредно) од Вашингтон се замешаа и САД и претседателот Џо Бајден. Тој во разговор со Урсула фон дер Лајен, силно се заложил за тоа дека „треба да продолжи процесот за пристапување на земјите од Западен Балкан во ЕУ“.

На таа линија, отворено застана и грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, кој пред почетокот на неформалниот Самит на земјите членки, во Љубљана изјавил дека „ЕУ треба веќе да преземе јасни обврски (не само декларации) кон регионот, сега кога првпат по 18 години од Самитот во Солун, се отвора вратата за Балканот.

Нови изјави на Борисов

Самиот Себастијан Курц, инаку, се има сретнато со поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов, чија земја е кочничар на веќе усогласената европска стратегија за навлегување на ЕУ во регионот и за пристапување на земјите од Западен Балкан кон Унијата.

Тој го има уверувано Австриецот дека партијата ГЕРБ ќе победи на третите вонредни избори (во ноември) и дека тој ќе ги обнови нарушените односи со Република Северна Македонија, врз основа на принципите на потпишаниот и ратификуван (во двете земји) Договор за добрососедство и пријателство, постигнат во времето кога тој беше премиер.

Ваквата изјава доаѓа по признанието на Борисов дека „младите Македонци и Албанци во моментот ја мразат Бугарија“ , откако таа има предизвикано тензии против Бугарија во Македонија, во Албанија и во односите со ЕУ (за блокадата за почеток на преговорите со Скопје и Тирана), за што инаку веќе имаше „зелено светло“ од Советот на Унијата.

Меѓутоа, изјавата се појавува и по навестувањата од самата Софија дека – се уште германска канцеларка – Ангела Меркел и во Брдо кај Крањ ќе притиска врз бугарската страна и ќе ја убедува „да се пушти“ Македонија во Унијата.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе