Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Најголемата измама во Силиконската долина

"Fortune Global Forum 2015" (CC BY-NC-ND 2.0) by fortuneglobalforum

Најголемата измама во Силиконската долина

Судот во американскиот град Сан Хозе, во Калифорнија, ја прогласи за виновна Елизабет Холмс (37), која беше обвинета за измама и за правење заговор. Висината на казната дополнително ќе биде соопштена, но таа се соочува со можноста да остане во затвор, во следните 20 години и уште да плати и висока парична казна.

Осудувањето на Холмс значи крај на неколку годишниот скандал во САД, поврзан со (велат) најголемата досега измама што некој ја направил во американската Силиконска долина, откако оваа млада жена и претприемач успеа, за кусо време, да го увери светот дека има создадено “револуционерна технологија“ во медицинската индустрија.

За тоа дека може да се изведуваат низа медицински тестови само врз основата на една капка крв, земена од прстот на пациентот.

Подоцна, меѓутоа, се откри дека нејзиното тврдење е без основа и дека нема никаква научна револуција, туку дека станува збор за обична измислица и за една голема измама.

Најмладата милијардерка

Во еден момент, сето тоа изгледаше сосема поинаку.

Холмс беше прогласена за најмладата милијардерка во светот, од страна на угледното списание Форбс. Работите отидоа до таму што некои ја споредуваа со Стив Џобс и неговите епохални пронајдоци.

Таа и нејзината компанија Теранос, станаа настан во Америка и за светот, кога Холмс тврдеше дека поседува технологија која целосно ќе го измени начинот на правење анализа на крвта кај луѓето. Уверуваше дека има машина која ќе може само од една капка крв да изработи 70 најразлични анализи, наместо (како што е тоа сега) – за таквата анализа од пациентите да  се земе крв од вената- во неколку ампули.

На тој начин таа успеа да го привлече вниманието на низа влијателни Американци, како што се Хенри Кисинџер и поранешниот државен секретар Џорџ Шулц, или првиот шеф на Пентагон во администрацијата на Доналд Трамп, генералот Џејмс Матис.

Овие и слични на нив луѓе, со углед и влијание во американското општество, го засилија уште повеќе рејтингот на Теранос, па компанијата, во 2014 година вредеше на пазарот девет милијарди долари.

Од врвот до бездната

И кога изгледаше дека светот е на јуриш освоен, веќе од 2015 година, работите почнаа да се менуваат. Таа година, Американската агенција за храна и лекови, прв пат покрена истрага, а медиумите почнаа да пишуваат со сомнежи за револуционерната технологија на Холмс.

Весникот „Вол Стрит Џорнал“ (инаку сопственост на медиумскиот тајкун Руперт Мардок) прв објави напис за тоа дека станува збор за измама, кога се зборува за анализите на крвта со машините на Теранос.

Набргу се покажа дека технологијата што Холмс ја фалеше на сите страни, не функционира. Се откри дека наместо револуционерни новини и такви откритија, во нејзините машини има компоненти од други и дека (во основа) станува збор за позната технологија која само е солидно „нашминкана“ – за да изгледа дека е нова.

Тоа и доведе, во 2018 година, компанијата Теранос – да пропадне.

Која е Елизабет Холмс?

Дури тогаш, како што тоа беше  и во текот на штотуку завршеното судење, почнаа да се отвораат разни прашања. За тоа, како таа се појави во светот на научните откритија, околу новите технологии и за брзото правење пари. И, за тоа- која е младата Холмс, која по втор пат ја шокира американската јавност – сега како обичен измамник.

Потекнува и е израсната во угледно семејство, на родители постојано блиски до администрацијата во Вашингтон, или до она што Американците го означуваат како – американската бирократија. Оние кои ја знаат велат дека таа раснела во опкружуање определено дека мора да се успее, па уште од малечка постојано има зборувано дека  мора да открие “нешто револуционерно“.

На Универзитетот Стенфорд, на кој студира хемиско инжинерство, ја има разгласено идејата да се создаде фластер што ќе може да детектира инфекција и да испушти антибиотик – за да лекува! Ја имаат убедувано дека тоа, едноставно, не е можно, па после една година го напушта факултетот, но останува силно „запалена“ за откривање на „нешто големо“.

Приближно така некако Холмс доаѓа и до идејата за формулата околу крвна анализа од една капка крв. Успева да формира своја компанија (Теранос) и со голема брзина да привлече за себе низа угледни и богати личности – како инвеститори и акционери.

Прв пат во затвор

По првите написи во медиумите – со сомнежи околу изумот – и посебно по текстот во „Вол Стрит Џорнал“, меѓутоа, почнуваат да пристигнуваат тужби – главно од измамените инвеститори кои вложувале пари во, практично, непостоечка технологија.

Во годината кога  пропадна компанијата, Холмс беше прв пат уапсена. Обвинета за доведување во заблуда во врска со тестовите, со кои значително ги има зголемено перформансите на нејзината компанија. Но, тоа завршува со правно спогодување и таа е ослободена од затвор – со кауција. По тоа, се мажи за богат наследник на еден американски синџир хотели и станува мајка.

Сега, после осудувањето, медиумите прашуваат – како  оваа млада жена успеа сите да ги убеди  дека  е генијалка. И, уште врз основа на таквата манипулација, да привлече многу пари, за да стане милијардерка. Нејзините адвокати во текот на процесот ја бранеле  дека “не била свесна да ја разбере комплексноста на сопствениот изум“ (!?), а таа се има брането дека е невина. Во тоа, меѓутоа, веќе  никој не верува. Не веруваше ниту поротата во судот во Сан Хозе.

Мардок меѓу измамените

Меѓу оние кои и поверуваа на Холмс и вложуваа во нејзините измислени технологии,  има угледни луѓе и такви бизнисмени.

Еден од нив е големиот медиумски тајкун Руперт Мардок кој има свои медиуми од САД, па преку Европа се до Австралија – со 115 милиони долари. Човек кој и тоа како знае да прави пари за да изгради медиумска империја. Или, остарениот бард на американската политика Кисинџер кој имал вложено девет милиони, како и ќерката на основачот на Волмарт, најголемата трговска компанија во светот, која вложила 100 милиони долари.

Тие како и сите оние кои имаат вложувано пари во „изумот“ на Теранос, сопственичката Елизабет Холмс, успеала да ги натера да се  обврзуват за нешто што изгледа наивно. А тоа е  дека ќе инвестираат пари, но дека таа нема да има обврска да им открие како функционира нејзината „револуционерната технологија“. И, сите таа обврска ја имаат прифатено.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе