Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

РПЦ ја благослови војната на Путин

Kremlin.ru, Patriarch Kirill of Moscow 2021, CC BY 4.0

РПЦ ја благослови војната на Путин

Руската православна црква (РПЦ) и нејзиниот патријарх Кирил ја благословија инвазијата на руската армија врз Украина, но предизвикаа длабока поделеност меѓу православните цркви и внатрешна поделеност во самата РПЦ. Некои религиозни експерти тврдат дека станува збор за побуна, што се смета како случување без преседан во историјата на црквата.

Од порано се знае дека 75 годишниот патријарх е близок сојузник на рускиот претседател, но во случајот со инвазијата и агресијата врз соседната, христијанска и во најголем процент православна земја, поглаварот на РПЦ, исто како и Владимир Путин, ја смета војната против Украинците за оправдана.

Наводно, освојувајќи ја и покорувајќи ја Украина, путиновите вооружени сили “создаваат бедем против Западот и неговата декадентност“ – посебно кога станувало збор за хомосексуалноста.

Патријархот зборува за „руски свет“

Од друга страна Кирил и Путин ја делат визијата за создавањето на еден „Руски свет“, на тој начин што би се поврзало духовното единство, со експанзијата кон териториите од некогашниот Советски Сојуз.

Само со таа разлика, што за Путин војната е потреба за „политичката реставрација“ на една поранешна држава (до пред 30 години комунистичка), додека за патријархот на РПЦ, војната во Украина е војна за (православното) христијанство.

Меѓутоа, ако за Москва треба да се уништува украинската територија, да се покори и дезинтегрира, за да се задоволат фрустрациите од младоста на Путин и за да реставрира СССР, за Кирил станува збор за, безмалку, крстоносна војна, овој пат, против Западот и против другите христијани. Неколку стотици руски свештеници, сепак, на војната во Украина гледаат со поинакви очи, па ја сметаат за неморална и со ништо неоправдлива.

Над 300 свештени лица, собрани во групата „Руските свештеници за мир“, се имаат потпишано под јавното писмо во кое остро се осудуваат војната и „убиствените команди“ од гинат невини луѓе. „Украинскиот народ треба самиот – без притисок од Западот, но и од Истокот – да одлучи за својата иднина, а не под заканата од оружјето“ – се вели во писмото.

Бранување во православието

Војната и благословот што и го има дадено рускиот патријарх, во исто време, има предизвикано и бранување меѓу православните цркви во Европа и низ светот.

Од околу 260 милиони православни верници во светот, 100 милиони живеат во Русија. Дел од оние во странство, се врзани, или се припадници на РПЦ.

Во амстердамската православна парохоја, свештениците, во знак на протест, повеќе не го споменуваат патријархот Кирил во своите литургии. На тоа уследила заканата од рускиот епископ за Западна Европа, но парохијата на тоа реагирала со прекинување на врските со Московската патријаршија.

Според нив, рускиот патријарх ја има дискредитирано црквата. Има мислење дека такво е расположението во поголемиот број од западноевропските цркви, но дека постои страв од јавно дистанцирање од постапката на Кирил, да благослови војната на Путин.

Битка за Украина

Посебно е сложена ситуацијата околу Украина каде од 44 милиони население – над 30 милиони се православци. А, тие се поделени во три цркви, од кои две од нив се најважни – од пред 2,5 години автокефалната Украинска православна црква и Украинската православна црква – Московска патријаршија (УКЦ – МП).

За Москва, за Кремљ и за РПЦ, Украина е мошне важна територија, затоа што таму е создадена Киевска Русија, првото име на државата Русија.

Средновековниот владетел Володмир/Владимир го има примено христијанството од Византија и од нејзините христијански мисионери кои преку религијата го ширеле политичкото влијание на Истокот. Византискиот император Василиј Втори ја оженил својата сестра со киевскиот владар, а тој и сите негови поданици станале христијани.

На наследството – политичко и религиозно – на таа држава од раниот Среден век, сега се повикуваат и Украина и Русија.

Киевскиот митрополит од Украинската автокефална црква Онуфриј Березовски ја осуди остро воената инвазија и го повика Путин да ја „прекине братоубиствената војна. Но и митрополитот на украинската РПЦ, во источноукраинсккиот град Суми, ги повика свештениците да престанат да се молат за патријархот Кирил.

Москва против автокефални цркви

Рускиот патријарх, пак, смета дека цела Украина треба да биде само под неговата јурисдикција, затоа што земјата ја смета за дел од РПЦ. Тој веќе има прекинато односите со Вселенската патријаршија во Константинопол (Истанбул) и со вселенскиот патријарх Вартоломеј – кој во православниот свет дејствува како прв меѓу еднаквите – откако беше призната автокефалноста на украинската црква.

Оние православни цркви кои се сосема блиски и врзани со РПЦ, како српската црква на Балканот, застанаа на позициите на Кирил, иако Владимир Путин преку руската црква сака да ја промовира својата надворешна политика и да го шири руското влијание во православниот свет. Целта е сосема да се потисна Вселенската патријаршија, а целиот православен свет да стане проруски и под руска (политичка) контрола.

Угледни европски теолози тврдат дека некои православни цркви се толку гневни на рускиот патријарх и на благословот на украинската неправедна војна, што предвидуваат дека би можело да дојде до голем пресврт во светското православие.

Претпоставка е дека може да има признавање на автокефалноста на некои непризнати цркви, на што од Москва (РПЦ), но и од Белград (СПЦ), се заканија со целосен раскол на православието.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе