Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Сергеј Лавров го направи Хитлер – Евреин!

Ale_Mi/Depositphotos.com

Сергеј Лавров го направи Хитлер – Евреин!

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, еден од најблиските и најлојалните соработници на Владимир Путин и еден од главните виновници за војната во Украина, го направи нацистичкиот лидер Адолф Хитлер – Евреин по потекло. Само за да ги оправда руската инвазија и барањето кон властите во Киев да извршат – денацификација на државата, која за претседател го има избрано Володмир Зеленски, инаку украински Евреин.

Шефот на путиновата дипломатија во изминатите над 18 години не можејќи да го скрие гневот кон Украина и Украинците, а посебно кон Зеленски, кого често го дисквалификува во своите јавни настапи, веројатно, го има направено најголемиот министерски „лупинг“ во кариерата.

Неисториското и погрешно тврдење е навредливо за украинскиот претседател, затоа што е изречено во еден таков контекст, но е навредливо и за сите Евреи, како и за државата Израел. Официјален Ерусалим веќе реагираше мошне гневно, барајќи од Лавров и од Москва јавно извинување.

„Откритијата“ на министерот

Во интервју за италијанските медиуми Лавров, очигледно, го покажа своето вистинско лице, па има речено дека „тоа што Зеленски е Евреин, не ги негира нацистичките елементи во неговата земја “ тврдејќи притоа дека и Хитлер „исто така имал еврејска крв“, па сепак ги има извршено сите злосторства за кои е влезен во историјата. Тоа значи и злосторствата како што се Холокаустот и монструозната политика за уништување на цел еден народ – еврејскиот!?

„Верувам дека и Адолф Хитлер имал во себе еврејска крв. Зеленски, затоа, може да заговара мир само ако престане да им дава офанзивни команди на своите нацистички сили“ – рекол Лавров.

И во оваа прилика тој ги има критикувано „дежурните виновници“ – САД, овој пат заедно со Канада, дека ги обучувале “нацистичките сили“ вклучени во украинската армија, алудирајќи на борците кои успеваат да ги задржат руските сили кај железарницата Азовстал, во украинскиот приморски град Мариупол.

Уште и тврдејќи дека Москва имала документи за тоа како Канаѓаните ги имаат обучувано „ултрашите“ за кои од порано и упорно повторува дека се „неонацистички единици“, но по стариот обичај на руската страна, нема наведено за какви документи станува збор.

„Евреите сами себе се убивале“!?

Од Израел уследи остра реакција, а со вчудоневиденост и осуда реагираше и меѓународната јавност.

Министерот за надворешни работи Јаир Лапид му порача на Лавров дека неговата изјава за Хитлер е “неопростлива грешка, срамна изјава и историски целосно неточна“. Лапид поради тоа го повикал рускиот амбасадор во Тел Авив за да му вложи протест.

„Да се изјави дека Хитлер бил Евреин е исто како да се каже дека во Втората светска војна Еверите самите се убивале. А, се знае дека нацистите ги прогонувале Евреите. Само нацистите ги убивале и ги прогонувале“ – рекол министерот Лапид.

Реагираше со осуда и Дани Дајан, претседател на Меморијалниот центар на Холокаустот Јад Вашем во Ерусалим, обвинувајќи го Лавров дека “ги претворил жртвите во злосторници, само со едно лажно тврдење дека Хитлер имал еврејско потекло“.

Дајан исто така изјавил дека се спротивставува Украинците да се нарекуваат „нацисти“, затоа што на тој начин се искривуваат терминот (нацизам) и неговото главно значење, а им се нанесува штета на жртвите на нацизмот“.

Антисемитизам на руската елита

Изјавата на рускиот министер дека цел на руската инвазија била денацификацијата на Украина, како и дека во земјата дејствуваат „нацистички елементи“ значат голем пад во израелско – руските односи.

Особено затоа што изјавата на Лавров доаѓа во време кога Израел настојува да заземе внимателен пристап кон руската агресијата врз Украина, настојувајќи целосно да не си ги расипе односите со Москва, што му се потребни поради безбедноста на Блискиот Исток.

Премиерот Нафтали Бенет кој е прилично одмерен во критиките на руската инвазија, сепак, остро ја осуди изјавата на Лавров за наводното „еврејско потекло на Хитлер“. Според него, Израел вложува напори за добри односи со Русија, но и за тоа има граници. „Користењето на Холокаустот врз еврејскиот народ, како политичко средство, е погрешно и мора да престане“ – рекол премиерот Бенет.

Од Киев се има огласено само шефот на дипломатијата Дмитро Кулеба. Изјавата на Лавров ја означи како пример и показател за антисемитизмот на Сергеј Лавров, но и на целата руска политичка елита.

„Станува збор за искривоколчена логика на елитата во Русија, затоа што Русите ги мразат сите други нации, верувајќи во надмоќноста на својата нација над другите“ – рекол украинскиот министер Кулеба.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе