Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Земјите-кандидати со пристап до програмите на ЕУ

seregalsv

Земјите-кандидати со пристап до програмите на ЕУ

Чешка која од 1 јули претседава со ЕУ насочена е кон унапредување на процесот за проширување на Унијата, пред се, на тој начин што статусот земја – кандидат да им нуди и овозможи предности додека некоја од нив, или сите заедно не станат полноправни членки.

Некои европски весници забележуваат дека првичниот оптимизам кон интеграциски процеси, со давањето кандидатски статус на земји какви што се Украина и Молдавија е различен од реалноста, според која одлуката за тоа е, пред се, политичка. Веројатно, ќе помине многу време, можеби и децении пред да може тие воопшто да бидат дел од една Обединета Европа, посебно, онаква каква што е таа денес.

Немирни води

Во исто време се изразува и загриженост дека работите и на Западен Балкан, каде инаку општо гледано ситуацијата, кога станува збор за ЕУ, е далеку понапред отидена, се брануваат. Особено, кога се гледа како Брисел се мачи – со направен и понуден компромис – “да ја протурка Северна Македонија“ да го почне преговарачкиот процес,  додека земјата, а со тоа и регионот, се во „немирни води“ во екот на анти – ЕУ протестите во Скопје.

Во Прага се верува дека тој процес, сепак, ќе тргне и дека токму поради долгиот застој во примањето нови земји – членки и апатијата и незадоволството во делови од јавноста на регионот, процесот на проширување мора да се видоизмени и да се унапреди.

Идејата на чешката дипломатија е ЕУ да се откаже од досегашната ситуација – или направете се што се бара, или нема ништо. Наместо тоа, се нуди нова фаза кога кандидатскиот статус ќе биде како некој вид „чекална“ пред целосно зачленување. Или уште попрецизно речено – таа „чекална“ за влез во ЕУ да биде далеку погостољубива, со пристап до програмите на Унијата, за да на тој начин ги поттикне и земјите – кандидати да се ангажираат во неопходните реформи, но и нивните граѓани да не се претвораат во евроскептични.

Практични погодности

Шефот на чешката дипломатија Јан Липавски прифаќа дека процесот за влегување во ЕУ е долг. Трае најмалку седум, а некогаш и десет години,  па затоа сугерира на земјите со кандидатски статус да им се даде нешто практично, да им се понудат погодности што би било од полза за тие земји, но и за положбата на самата Унија.

За таа цел Прага настојува, во текот на месеците додека Чешка е претседавач со ЕУ, да се продлабочат дискусиите за проширувањето, па во тие рамки, се нуди да биде домаќин на еден неформален Самит на лидерите од ЕУ со земјите кои не се членки, што би се одржал во октомври.

Не се знае дали тоа би било во функција на идеите за креирање на една поширока заедница на земјите од Европа, кои застапуваат заеднички вредности. Во таа група се става и Велика Британија која, инаку, самата се повлече од Унијата.

Ревитализација на проширувањето

Целата таа замисла, сепак, како што велат европски дипломати е само една идеја за која се разговарало на последниот Самит во Брисел.

Но, од Лондон, актуелната министерка за надворешни работи Лиз Трас, која е и еден од кандидатите за нов лидер на британските конзервативци, а тоа значи и за иден премиер, веќе порача дека Британија нема намера да биде дел од таа иницијатива.

Како и да е, со Британија, или како што е сега без неа, Европската Унија е за прв пат, по многу години, насочена кон ревитализација на своето проширување, прво кон регионот на Западен Балкан.

Меѓутоа, ова е време кога (за прв пат) Брисел има проблем со една земја – кандидат, каква што е Македонија, каде антиевропската и антизападната опозиција, организира анти – европски протести и заговара неприфаќање на стартот за преговори за влез во ЕУ!

Руска иницијална каписла

Тие се случуваат под изговор за (наводно) чување на македонските национални интереси кои божем ЕУ ги загрозува преку претходно изнесените бугарски националистички испади, контра Македонија, иако е јасно дека иницијалната каписла – и за однесувањето на Софија и за сегашните анти – ЕУ протести во Скопје, ја има дадено Русија.

А, токму путиновата агресија врз Украина и војната што ја води на тлото на Европа, ја покрена ЕУ многу посилно да се сврти кон Западен Балкан.

Се тоа го одразува ставот на ЕУ дека Унијата е соочена со рускиот напад врз демократските и либералните вредности во Европа, па затоа не може повеќе да се однесува дефанзивно кон делот од континентот кој со години очекува помак во својот европски статус.

Пред Чешка тоа го покрена Австрија која заговара уште поенергично отворање на ЕУ за земјите од балканскиот регион, со пристап на земјите кандидати од Западен Балкан до буџетските фондови на Унијата, во некои сегменти и за некои потреби. Секако при тоа со условот да се почитува системот на правната држава.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе