Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Жужа Хегедуш: „Ова е чист нацизам“

Alesinya/Depositphotos.com

Жужа Хегедуш: „Ова е чист нацизам“

Долгогодишната советничка и сојузник на Виктор Орбан, една од оние кои се меѓу најдоверливите соработници на унгарскиот премиер, Жужа Хегедуш, демонстративно поднесе оставка, несогласувајќи се со ставовите и позициите на својот шеф, изречени во Романија, во врска со „немешањето на расите“. Во нив отворено се заговара „расно чиста Унгарија и Европа“.

Хегедуш која 20 години работи со Орбан , неговото излагање пред претставници на унгарското малцинство на романска територија,  го има оквалификувано како – „чист нацизам“ – што таа никако не може да го прифати.

Нема (засега)  реакција на унгарскиот премиер, додека портпаролот на владата во Будимпешта ги обвини новинарите за бурната реакција и за осудата во дел од унгарската и европската јавност, тврдејќи дека (наводно) погрешно го интерпретирале она што Орбан го има речено.

„Во стилот на Јозеф Гебелс“

Може сега неговиот кабинет да се обидува да го извлекува од ситуацијата во која самиот премиер се стави со својот говор во минатата сабота, но она што го има речено делува застрашувачки и за неверување, после се што Европа има преживеано пред повеќе од 80 години. Станува збор за неговата заложба за „расно чиста Европа“ и за јавно изречената порака – „Спремни сме и вољни за мешање (едни со други во ЕУ), но не сакаме да бидеме луѓе од мешана раса“.

На ваквата порака испратена уште и од друга, соседна земја, Жужа Хегедуш која добро ги познава антимиграциските и националистичките ставови на Орбан, реагираше со повлекување од сите позиции на кои се наоѓаше и со напуштање на тимот на унгарскиот премиер. За неа ставовите во Романија значат – минување на црвената линија.

„Не знам како не забележуваш дека твојот говор е чист нацизам – во стилот на (нацистичкиот министер за пропаганда) Јозеф Гебелс – има напишано во својата оставка Хегедуш.

Весникот „Маѓар Немзет“, меѓутоа, познат по своите националистички ставови и врзан за партијата Фидес и за нејзиниот лидер,  ги велича и Орбан и неговите позиции. Според весникот „добро е истакнувањето на националното, наспроти настојувањето за мешање на сите нации во една сива, непрепознатлива маса“.

Закана за Европа/ЕУ

Ова будимпештанско гласило, притоа, не споменува кој тоа во Европа/ЕУ и кога барал и бара откажување од националната посебност (од било која нација) и „создава сива маса“. Затоа и ваквата позиција, која е сосема измислена, се истакнува само за да се одбрани декларираниот расизам.

Оставката на Хегедуш, сепак, малку е веројатно дека ќе предизвика и други да го следат нејзиниот пример, или да ги делат нејзините гледања.

Во националистичката атмосфера која е распалена во Унгарија и се поострото десничарење на режимот, а особено во услови на строга, речиси војнички поставена дисциплина, во владејачката партија, демонстративни оставки не треба да се очекуваат. Нив затоа во Унгарија и ги нема, откако Орбан деспотски владее со земјата.

Она со што се согласуваат европските политички посматрачи тоа е дека унгарскиот премиер, во својата војна со ЕУ, овој пат, го има покажано своето вистинско лице, па веќе станува закана за Европа и за нејзиното натамошно интегрирање.

Ставајќи се во функција на стратегијата на Владимир Путин, за дестабилизација на Унијата и за попречување на процесот на нејзиното ширење кон Западен Балкан, со создавање кризи во регионот и посебно во БиХ и во Македонија, унгарскиот премиер работи против европските интереси.

Расизам и омраза

Но, во исто време го покажува своето крајно десничарско определување и свртувањето кон расизмот и омразата – нешто кое се мислеше дека Европа веќе го има надминато и заборавено.

Некои аналитичари, затоа, сметаат дека на Брисел и на ЕУ веќе им е смачено од Орбан и од неговото антиевропско ултрашење. Особено што оваа средноевропска земја – една ое моторите на посткомунистичката транзиција на Истокот од Европа – се врти против Западот кој и помогнаа да застане на нозе и да се развие по долгите години сателитска улога во времето на советскиот комунизам.

Уште се зборува и дека орбановото семејство е едно од најбогатите во Унгарија. На Унгарците, притоа, им се забележува – дека како да имаат заборавено на 1956 година и на бруталното задушување на нивниот обид за либерална револуција, од страна на советската армија, па сега се вртат кон путинова Русија.

Но, се вртат и кон национализмот и нацистичките определби за расно чисти и национално хомогенизирани држави. Сето тоа ставено во функција на одржување на актуелната власт – за да владее безгранично со земјата.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе