Поврзете се со нас

Skopje Global

Екстра Глобал

Пршута од мечка за Џонсон во Словенија

"Boris Johnson Covid-19 23/03" (CC BY-NC-ND 2.0) by UK Prime Minister

Пршута од мечка за Џонсон во Словенија

Британскиот премиер на заминување Борис Џонсон, на триесетина денови пред да се повлече од Даунинг стрит 10, уште еднаш ги има разгневено Британците со својот (велат) раскошен меден месец, што го поминува во Словенија.

Џонсон и неговата четврта сопруга Кери на (сепак) кусиот меден месец се сместени во ексклузивната вила – хотел во словенечката област Језерско, каде на гостите им се нуди „смирувачка рамнотежа од енергија“, супер еко чиста околина, најбогата со магнезиум вода за пиење, а за вечера – пршута од месо од мечка.

Релаксирачка еко – атмосфера

Хотелот е на 30 минути возење од Љубљана, во собите нема телевизори, а Wi – Fi има само во хотелското лоби и во предворјето – за да се постигнала максимална еко – атмосфера, како што тоа го имаат објаснето сопствениците, за британските медиуми. Сето тоа го прави хотелот да биде скап за „обичните гости“ – каков што се уште не е актуелниот британски премиер – затоа што цената на собата за една ноќ изнесува 650 евра.

Според признане на сопствениците на хотелот, брачната двојка Џонсон денот го минувале во долги прошетки низ планината, во капење во локалното алпско езеро и во откривање на околните пештери.

Кабинетот на словенечкиот премиер Роберт Голоб има потврдено дека неговиот британски колега престојува во Словенија на – како што е речено во соопштението – краток, приватен одмор.

Задоцнет меден месец

Џонсон беше присилен да поднесе оставка на функцијата, после серијата демонстративни оставки на неговите министри, како последица на низата скандали во кои се покажа дека тој (практично) во неколку наврати ја има измамено домашната јавност.

Во Британија во тек е гласањето на членовите на владеачката Конзервативна партија, која до почетокот на септември, треба да изберат нов лидер на партијата кој по автоматизам ќе стане и нов британски премиер. Конзервативците имаат мандат уште две ипол години.

Борис и Кери Џонсон во Словенија се на задоцнет меден месец. Тие се венчаа во мај минатата година, откако Кери живееше во службената резиденција на британскиот премиер како невенчана сопруга, затоа што неговата трета сопруга не му даваше развод, што беше преседан во британската политичка историја. Две години тие беа само вереници.

Британците лути на Џонсон

Венчани се без никаква свеченост, на приватна церемонија, што се објаснуваше со времето на пандемијата и корона кризата. Вистинска свадба за бракот тие имаат направено дури пред две недели.

Кери е поранешна советничка во Конзервативната партија, која Џонсон ја има запознаено додека беше градоначалник на Лондон, кога таа станува негова советничка. Брачната двојка Џонсон има две деца. Борис Џонсон од сите свои бракови и од една вонбрачна врска има седум деца.

Веста дека премиерот на одење е на меден месец не ја изненади британската јавност, но ја разгневи кога се разбра дека тој се наоѓа на скап меден месец додека земјата е во голема финансиска и економска криза и бележи инфлација од 13,5 отсто, најголема во последните 40 години.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Екстра Глобал

Горе