Москва бара од Србија да се определи
Од почетокот на руската инвазија врз Украина, а особено откако ЕУ, САД и Британија имаат воведено цела низа санкции против Москва, од властите во Белград се бара и Србија да се приклучи на санкциите. Особено што станува збор за земја – кандидат за влез во Унијата, која веќе ги има започнато преговорите со Брисел и која доколку, навистина, сака да биде дел од ЕУ ќе мора да ја усклади својата надворешна политика со европската.
Тоа го имаат направено сите земји – членки, примени во бранот на ширењето на ЕУ кон Истокот, по транзицијата на пост – комунизмот во Источна Европа, па тоа се однесува и за сегашната европска определба да се санкционира неиспоровоцираната агресија на Русија врз една независна земја – членка на ОН.
Неусогласеност со ЕУ политика
Српската страна одолговлекува со своето приклучување на сите други земји од Унијата, вклучувајќи ги и земјите кандидати за членство, како и оние кои не се полноправни членки, но кои се целосно врзани со ЕУ.
Се брани на тој начин што се затскрива врз својата контроверзна политика на „неутралност“, за која и српската проевропска опозиција тврди дека е „лажна и неискрена“ и дека не сака да ги расипе односите со Русија, поради „зависноста на земјата од рускиот гас“.
Некои од опозиционерите тврдат дека Србија има одбрано на која страна е свртена и каде сака да припаѓа – тоа е Истокот – опишувајќи ја „путинофилијата“ во српската јавност како „болест“, затоа што држењето на Русија кон Србија е „неискрено и градено само на интереси“ – да се има контрола врз целиот балкански регион.
Московскиот весник „Комерсант” деновиве тоа на некој начин го има потврдено, кога во својата анализа за состојбите во Србија и за руско – српските односи заклучува дека – „Москва бара од Србија да се определи“ на која страна сака да застане.
Притисок и од Русија
Тоа значи дека Белград сега се соочува со отворен притисок од руската страна – да престане со својата политика за – седење на две столчиња – и да покаже кој е нејзиниот стратешки интерес – Истокот и Русија, или Западот и ЕУ и САД, како нејзини сојузници и партнери.
Барањето за изјаснување, не стигна директно од Кремљ, туку преку Минск, од каде белорускиот претседател ја повика Србија конечно да се определи. „Комерсант“ ја цитира изјавата со предупредување на Александар Лукашенко за тоа дека – „Србија би сакала да седи и на три столчиња, со Русија, со ЕУ и со САД, но тоа повече нема да може да продолжи“!
Секако, една ваква изјава, на земја – сателит на Русија и дадена од еден шеф на држава – деспот кој се одржува на власт со руска помош и поддршка, не е негово лично мислење, туку порака на Москва до власта во Белград и до српската јавност.
Таа изјава, затоа, со загриженост е примена во Србија, особено затоа што само една недела подоцна – предупредувањето за нетолерирање на седењето на неколку столчиња – беше засилено со изјавата на рускиот амбасадор во Белград околу изградба на руска база на српска територија.
Приказната за руска база
Изјавата на амбасадорот Александар Боцан – Харченко предизвика силно бранување во српската политичка јавност и во целата земја, но предизвика загриженост и во регионот и во Европа.
Затоа што веќе подолго време во меѓународната јавност се оперира со сомнежот дека Русија ќе се инсталира во Србија – со своја база – и на тој начин ќе го официјализира она што се знае – дека „Хуманитарниот центар“ во Ниш, веќе е претворен во руска шпионска база.
Во српската јавност, пак, дополнителниот притисок на Москва врз Белград околу определувањето, дополнителни силни поделби во тамошното општество – на проевропејци и на русофили.
Дури и овој руски весник смета дека приказната за базата намерно е пуштена да циркулира токму во овој момент, кога Србија прави влада (во која треба да биде застапена руската струја) и се опира на западните очекувања – земјата да ги исполни своите обврски, како кандидат за ЕУ – приклучувајќи се на европските санкции кон Русија.
„Ноевска политика никој не сака“
На тоа уследи реакција на српскиот претседател Александар Вучиќ за тоа дека “на Србија не и се потребни воени бази, од било кого“.
„Комерсант“ ваквата изјава ја смета за збунета и дадена колку да не се остане без коментар на шефот од државата, но со цел да не се форсира темата за Русија и нејзиниот однос кон Белград, како и за да не се расипуваат односите со Москва.
Без разлика што подметната информација за руска воена база, ги поткопува српските интереси.
Низа белградски аналитичари, затоа, го користат (сегашниот) силен притисок на Кремљ за определување, за осуда на надворешно – политичката стратегија на земјата. Според нив властите требаше одамна да разберат дека седењето на три столчиња и водењето „ноевска политика“ (со главата забодена во песок), не може да помине – ни на Западот, а ни на Истокот,
Московски „Комерсант“, сепак, смета дека во наредните месеци нема ништо побитно да се случи, па затоа нема да има ниту кардинални промени во таквата српска политика. „Тоа ќе трае се додека столчињата не почнат да се прошируваат, едно од друго“ – констатира овој весник.