Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Елизабет Трас нов премиер на Британија

"Liz Truss Trade Talks with Australia" (CC BY-NC-ND 2.0) by UK Prime Minister

Елизабет Трас нов премиер на Британија

Елизабет Лиз Трас која досега беше првата жена – шеф на британскиот Форин Офис – влегува во Даунинг стрит 10 (седиштето на владата на Обединетото Кралство), како третата по ред премиерка во британската политичка историја, после Маргарет Тачер и Тереза Меј.

По падот на Борис Џонсон, со изнудената оставка која ја бараа и ја добија мнозинството од неговите, ториевски пратеници во Долниот дом и долгата кампања во рамките на владејачката Конзервативна партија, за избор на нов лидер, што автоматски значи и нов премиер на Британија, Лиз Трас во финалниот двобој го порази својот против – кандидат Риши Сунак, министер за финансии во владата на Џонсон.

Победа во тешки времиња

Нејзината победа на партиското гласање (по пошта) кое траеше еден месец, е помалку уверлива од очекуваната (освои 81 илјада гласови, наспроти 60 илјади Сунак, од вкупно околу 200 илјади регистрирани членови на партијата со право на глас), но е сосема доволна за да од кралицата Елизабета го добие мандатот за да формира нова влада и да го доврши мандатот на Џонсон, во следните две години.

Трас беше фаворит кај ториевците и зад нејзината кандидатура застанаа повеќето од досегашните министри, но општ е впечатокот во Лондон дека таа станува премиер во најтешкиот период за Британија, по крајот на седумдесеттите години на 20 век и победата на Тачер на изборите во 1979 година.

Британците сега надвор од ЕУ, се соочени со економска криза, висока инфлација и висок раст на цената на енергијата и на животните трошоци, за што не им е утеха тоа што станува збор за една општа европска и глобална криза, која бара од новиот премиер и од новата влада решенија за излез од ситуацијата.

Во текот на кампањата таа постојано зборуваше дека има план за кризната ситуација – како за бизнисот, така и за намалување на падот на стандардот на обичните луѓе – чија суштина е намалување на даноците, за да се покрене водечкиот бизнис и решавање на шоковите со цените на енергијата, која најтешко го погодува населението.

„Одлучни и храбри чекори“

Досегашниот премиер Борис Џонсон кој исто така дојде на лидерската позиција со партиски пуч што самиот го предводеше, соборувајќи ја Тереза Меј, на заминување од Даунинг стрит 10 и даде силна поддршка на Трас и ги повика сите конзервативци, да престанат со меѓусебните борби, за да застанат зад новиот партиски лидер во борбата за справување со кризата.

„Знам дека Лиз и владата ќе направат се што треба за да се преброди кризата и дека Британија може да издржи и да победи. Знам дека Трас го има вистинскиот план за тоа“ – рече Џонсон.

Притоа, му порача на Владимир Путин дека се излажал ако мисли дека ќе успее со своите уцени со гасот, како и со малтретирањето на Британија, но и на светот, со блокадата на гасот, предизвикувајќи раст цената на овој енергенс, како и дека ќе продолжи борбата против Путиновата војна која тој ја наметна,

Елизабет Трас (47 години, родена во Оксфорд, во левичарско семејство) во првата изјава по победата, има речено дека како премиер ќе преземе ”одлучни и храбри чекори за да се надминат сегашните тешки времиња, за да се засили британската економија и за да се ослободи потенцијалот што го располага земјата“.

Целта на таа програма и на битката е да се блокира растот на инфлацијата и да се одбегне натамошн раст на рецесијата во која се најде Британија. Трас им ветува на Британците „борба со енергетската криза, со домашните сметки за енергија, што стануваат се повисоки и потешки, но и за долгорочно обезбедување во снабдувањето со енергија“.

Тврда позиција кон Москва

Меѓутоа, гласачите кои нејзе и дадоа довербата да ја води земјата, а не на богатиот бизнисмен и финансиер, од индиско потекло, Риши Сунак, и самите знаат дека новата премиерка има исклучително тешка задача.

Затоа, британската јавноста, прилично скептично гледа на смената на врвот кај ториевците и на премиерската позиција. На почетокот од изборната кампања, на пример, Британците се определија за „нова челична леди“, давајќи и предност на Трас. Во анкетите кои ги имаат направено некои лондонски медиуми, пред крајот на август, излегува дека мнозинството сега нема доверба дека таа ќе може да се справи со кризата.

Од своја страна, таа не крие дека Тачер и е политички идол, а сликајќи се (како министерка за надворешни работи во Естонија, покреј тенк и во Москва, со шубара на главата,) во британската јавност веднаш беше означена како „челичната дама“ од Форин Офисот.

Посебно кога стана јасно дека таа е максимално остра кон Путин, кон она што е денес Русија и кон инвазијата на Украина. Британија се покажа како најголемиот донатор на Украинците во нивната пресметка со руската агресија, а самиот Џонсон три пати се сретна со Володмир Зеленски – како никој друг од Западот.

Незавршениот Брегзит

Европа и ЕУ и честитаа на Трас на изборот за нов премиер, а првата честитка и тоа на англиски јазик дојде од Германија од Олаф Шолц, како и од претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

Со позитивен одглас на смената во Лондон се огласија и водечките европски медиуми. Но, и политичарите и медиумите не заборавија да ја потсетат премиерката Трас дека ќе треба да ја заврши работата околу Брегзит и кризната состојба, што по трет пат, ја предизвикува Британија околу т.н. Северноирски протокол.

Џонсон кој самиот го уреди протоколот, таков каков што е сега, покрена нова криза со Брисел откако најави дека Лондон бара уште една измена на постигнатиот и ратификуван договор со ЕУ за трговијата со Република Ирска, преку територијата на британската покраина Северна Ирска.

Како министерка за надворешни работи, Трас беше определена да се справи со новата ситуација која ЕУ (разбирливо) од почетокот – не ја прифаќа. На тој начин, веќе за десетина денови, новата премиерка се соочува со заканата од криза во односите со ЕУ И воведување европски санкции кон Британија, што би можело да предизвикаат трговска војна меѓу Брисел и Лондон, која во овој момент, никому не е потребна.

Грижа за Западен Балкан

Тоа се однесува и за односот на Лондон кон Москва и посебно кон Путин и неговата војна наметната во Украина, но и неговата воинствена стратегија во односот кон Европа. Елизабет Трас ќе продолжи таму каде беше како шефица на дипломатијата – вклучувајќи ја и позицијата на Западен Балкан од отровното влијание на путинова Русија и плановите да се дестабилизира регионот.

Таа беше на Балканот уште додека Џонсон беше премиер, порачувајќи дека иако Британија не е во ЕУ, сепак, силно ги подржува амбициите на земјите од Западен Балкан на нивниот европски пат и уверувајќи ги дека преку НАТО Лондон ќе се спротивставува на руското инфилтрирање во регионот.

Тоа ја направи Трас непријател на Москва, па затоа и не чуди што во тамошните државни медиуми, нејзиниот избор за нов премиер се означува како – „катастрофа“.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе