Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

„Американската демократија е нападната“

„Американската демократија е нападната“

Американскиот претседател Џо Бајден во говор во Вашингтон, посветен на одбраната и заштитата на демократијата во земјата, изјави дека таа  е нападната како никогаш досега.

„Демократијата во САД е нападната затоа што поразениот ( на изборите пред две години) поранешен претседател, одби да ги прифати изборните резултати . Одби да ја прифати изборната волја на американските гласачи , а и понатаму тоа го прави, неприфаќајќи дека има доживеано пораз. Наместо тоа, тој ја има злоупотребено својата моќ, како претседател, ставајќи се себе си пред лојалноста кон американскиот  Устав“- има речено Бајден , зборувајќи пред Националниот одбор на Демократската партија на САД, одржан во близината на вашингтонскиот Капитол.

Закани со непризнавање на поразот

Во оваа прилика Бајден предупредил дека Америка сега се наоѓа на крстосница, кога станува збор за изборите , предвидени за идната недела, на кои Американците ќе треба да одлучуваат и за тоа- дали се за демократијата , или се против неа – што пак, според актуелниот претседател, може (одново) да ја потресе американската демократија.

Ваквото предупредување на демократскиот претседател доаѓа по некои изјави дадени од републикански кандидати за Конгресот на САД, за тоа дека тие нема да ги признаваат изборните резултати, на Мидтерм изборите на 8 ноември, доколку не победат!

Станува збор за кандидати кои се блиски до анти-демократската филозофија на Доналд Трамп која се има раширено кај добар дел од Републиканската партија, против што се огласи и поранешниот американски потпретседател Мајк Пенс. Тој кој остро ги нападна „трамповци“ во републиканските редови, обвинувајќи ги дека со својата реторика и заложбите што ги нудат во јавноста, им нанесуваат штета на традиционалните вреднисти на оваа, инаку, најстара партија во САД.

Медиумите во Вашингтон уште  од порано посочуваа дека Трамп продолжува да го шири „злото на недемократијата“ низ партијата .

Голем број од номинираните републикански кандидати за дополнителните избори за Конгресот и Сенатот, се негови истомисленици, кои претходно ги имаат елиминирано умерените републиканци и оние кои го имаат критикувано Трамп. Во таа чистка, во руско-кинески стил, настрадаа сите кои со демократите гласаа за импичмент за сега екс претседателот.

Мидтерм избори за Конгресот и Сенатот

Сите тие сојузници на Трамп кои се смета дека би застанале и зад неговата повторна номинација, на претседателските избори во 2024 година,  не сокриваат дека веруваат во измислените теории на поразениот Трамп дека ( наводно) „ му била украдена победата“ на изборите во 2020 година. Иако таквото обвинување со ништо го нема докажано, како и тоа дека ниту еден  американски суд- федерален , или во сојузните држави-   нема потврдено изборна измама, расправајќи по неговите жалби.

Зборувајќи во Вашингтон, Џо Бајден, затоа,  им порача на американските гласачи да внимаваат и да не згрешат, бидејќи после тоа,  грешката ќе  ја плаќаат сите Американци.

„Демократијата е за сите нас ( а не за еден човек , или за една партија)- рекол претседателот на САД во своето обраќање пред изборите, следната недела.

На нив,  ќе се води битка за тоа дали демократите ќе го задржат сегашното мнозинство што го имаат во Претставничкиот дом на Конгресот и во Сенатот ( благодарејќи на „златниот глас“ што го имаат преку демократскиот потпретседател на државата), или пак едниот, или двата дома ќе се најдат под републиканска контрола.

Осуда на политичкото насилство

Во политичката историја на САД тоа досега многупати се има случувано-  Конгресот да биде под контролата на една партија, а претседателот на државата  од друга. Но, американската демократија секогаш досега победувала минувајќи низ не лесната , но сепак, одржлива кохабитација- во интерес на Америка.

Претседателот, по американскиот Устав,  има кај себе голема моќ и простор за дејствување, но за многу работи и одлуки потребна е и согласноста и подршката на конгресмените и сенаторите.

Се стравува дека во сегашната клима што ја создава крајната десница,  при евентуалната кохабитација, соработката тешко би се одржувала. Најмногу поради „трамповци“ и нивниот уште од сега наметнат притисок дека нема да признаваат изборни резултати во кои тие не се победници.

Од тие причини, Џо Бајден ги повикува американските гласачи , не само да го осудуваат политичкото насилство ( како она на 6 јануари 2020) со нападот и упадот во Конгресот за да се спречи транзицијата на власта, или како со политички мотивираниот упад во домот на спикерот на Конгресот, Ненси Пелоси од пред неколку денови, туку и за да низ гласањето и низ изборот,  потврдат дека го отфрлат насилството и  политичкото застрашување.

Предупредување од Бајден

„Демократијата не е совршена работа и тоа така било одсекогаш, но сега сите ние во САД сме должни да ја браниме“- има речено Џо Бајден, потсетувајќи дека напаѓачот во куќата на Пелоси, ја барал политичарката, за да се пресмета со неа и да ја казни.

Вознемирувачко е што напаѓачот ги употребувал  истите зборови што ги користеа насилниците кои упаднаа во зградата на Конгрест на САД, што политичката јавност, но и специјалната конгресна комисија која ги истражува тие настани,  ги оквалификуваа настаните како обид за пуч на претседателот на заминување.

„Ние во САД не ги решаваме нешите разлики и политички недоразбирања со бунтови, со разулавена толпа, со оружје, или со чекан ( како напаѓачот кај Пелоси)„- истакнал американскиот претседател . Барајќи, притоа,  од гласачите добро да размислат пред да гласаат, инсистирајќи дека Американците своите политички разлики ги решаваат мирно- на избори и на гласачкото место.

Едно истражување, направено во минатата недела, меѓутоа, покажува дека околу 49 отсто од Американците смета дека има „измами при гласањето“ . Дури 69 отсто од републиканците веруваат во тоа.

(В.А.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе