Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

И бол и бес во Турција

И бол и бес во Турција

Вистинско чудо е што и после повеќе од 160 часови од катастрофалниот потрес во  Турција, спасувачите се уште извлекуваат преживеани од под урнатините . Членовите на домашните и  на  странските спасувачки екипи, меѓу кои има и од Македонија, пронаоѓаат повредени, но преживеани, откако веќе и самите почнуваат да не веруваат дека се уште има некои кои чекаат спасување- осум, или девет денови по земјотресите од понеделникот утрината.

Едно девојче беше најдено и извлечено од кршот од цемент, железо, малтери и прав, после 180 часови поминати во она што останало од куќата  во која живеела со своето семејство. Се јавува и за случајот на 13 годишно момче кое седум денови останало затрпано во урнатините, а  од таму беше извлечено живо.

Спасувачите губат надеж

Секој таков случај, спасувачите и оние кои ги надгледуваат ваквите операции,  со големо воодушевување го поздравуваат извлекувањето на некого од под урнатините.

Но, луѓето кои трагаат по преживеаните користејќи специјално дресирани кучиња, а сега и  термални камери со сензори , сепак, се повеќе стануваат очајни, затоа што чувствуваат дека ја губат трката со времето. Особено кога знаат дека 40 илјади лица веќе се бројат како жртви на катастрофата, а  повеќе од стотина илјади други се ранети.

Освен тоа, се знае дека има ограничување  до кога човечкото тело може да издржи без вода ,  заглавено во крајно мал и тесен простор,  со сосема мал простор за дишење. На тоа треба да се додаде  и степенот на повредите претрпени при уривањето на зградата , како и брзината на пружање на најнеопходната помош. Медицински експерти , притоа, потсетуваат дека згора на се-  операциите за спасување се изведуваат во зимски услови и при ниски температури, што уште повеќе ја усложнува нивната  мисија.

Eксперти на ОН, затоа,  предвидуваат дека крајниот биланс на земјотресот во Турција и Сирија, кога станува збор за  жртвите, може да биде и два пати поголем од сегашниот. Откако  се повеќе слабее надежта дека ќе се наоѓаат преживеани  кои ќе бидат извлекувани од под здробените бетонски плочи.

Вината за обемот на катастрофата

Се смета дека од сега па натму , работата ќе се насочува кон опоравување на повредените и на преживеаните. Пред се,   за изнаоѓање – прво- привременио засолништа за сите кои останаа без своите домови , а потоа и  за носење потрајни решенија за  1,2 милиони луѓе во десете турски провинции тешко погодени со катастрофата, кои повеќе немаат покрив над главата.

Останува на крајот и најважното прашање- дали вината за ваквата огромна катастрофа  и за олку големиот број починати е последица на моќта на природната стихија, или пак е резултат на човечката немарност и неодговорност. Со непочитувањето на градежните прописи и стандарди и со лакомоста за пари и профит – сето тоа, врзано со болните политички амбиции на политичката елита во  Турција.

Претседателот Реџеп Таип Ердоган изјави дека државата ќе реагира со целиот свој механизам во справувањето со несреќата- прво, при помагањето на луѓето и нивното згрижување и обезбедувањето храна и каква-таква здравствена заштита.

Апсење на „градежната мафија“

Но, луѓето на теренот тврдат дека не се гледа ништо од тоа  ветување и обвинуваат дека државата целосно има затаено во своето соочување со катастрофата. Уште повеќе,  што во  својата прва изјава, при посетата на еден од тешко погодените реони со земјотресот-  Ердоган за она што и се случи на Турција ја обвини само- судбината.

Подоцна беше објавено дека се подигнати преку 120 обвинителни акти за апсење на градежници и на оние кои ( и таму) ги нарекуваат како „градежна мафија“ , затоа што целосно се урнати и до темел се уништени новоизградени згради за кои експерти сметаат дека би требало да го издржат и потресот од 7,8 степени по Рихтеровата скала. Или,  барем да бидат тешко оштетени, но не и да се претворат во прав и пепел, како да се кули направени од карти.

За дваесетина лица се знае дека се уапсени, особено што како тешко обвинување за градежниците останува сликата од еден од најтешко погодените градови , во кој единствена неурната зграда е онаа во која бил сместена комората на градежните фирми и архитекти. Велат затоа што  само таа била градена според стандардите за изградба на трусно подрачје.

Политичко профитерство со градењето

За оваа зграда сега се зборува како за пример за јавашлукот при градењето  и за инсистирањето за брзо градење на цели станбени блокови и комплекси, за остварување поголем профит . Но,  и за политичко профитерство на локалните политичари и на власта на Ердоган , опседната со владеењето кое трае над 20 години и со популистичкото верување дека тој е единствениот кој може да ја развива земјата.

Градејќи станови како на фабричка лента, секако се постигнуваат бројки за брз економски растеж и за големо производство, но кога тоа ќе се помеша со доделување работа на газди и фирми блиски до власта, на терен кој е исклучително силно трусно активен- се доаѓа до една ваква катастрофа.

Првите проценки на независни експерти потврдуваат дека доколку ги немало ваквите состојби, црниот биланс од земјотресот би бил драстично помал.

Затоа во турската јавност се смета дека  сегашните апсења  повеќе се за пропагандни цели. Само за да се покрие неодговорноста на државата и нејзината неспособност да реагира на еден ваков земјотрес, отколку  што навистина се сака  да се казнуваат  виновниците.

Примерот на Ерзим

Со години на ред, турски градежни стручњаци имаат предупредувано дека голем број новоградби во земјата не се безбедни за живеење, обвинувајќи ги за тоа – ендемската корупција во Турција и политиката на владата, со инсистирањето за  забрзана станбена изградба , за да може да се покажува големиот економски и градежен бум – за политички потреби . Сега власта признава дека стотици илјади згради ( од таквото темпо на градење), повеќе  не ќе може да се користат за живеење.

А, градот Ерзим , сместен во тешко настраданата област Хатај , сепак, нема такви проблеми!

Во ова место од 45 илјади жители, нема урнатини, нема урнати станбени згради , а оштетени се само неколку постари куќи и џамиите кои останале без своите минариња. Градоначалникот уверува дека во Ерзим нема ниту жртви и повредени лица, за разлика од ситуацијата во соседниот Хатај. Има речено дека во тоа нема ниту чудо, а ниту судбината така определила.

Едноставно, тој и градските власти  со години на ред  имаат поведено бескомпромисна борба со  бесправното градење, а она што се градело морало  да биде според строгите прописи за изградба во земјотресни зони. Овој градоначалник тврди дека оние згради кои не се прописно градени биле урнати, пред да бидат вселени.

Влошување на ситуацијата

На примерот на овој мал град, сега  се раѓа бесот и гневот за она што се случи во Турција, не можејќи да се потисне болката за жртвите, за загубените блиски, за изгубениот дом и се она што со години и децении се создавало.

Бесот за погрешната политика и за неоговорноста за сметка на невините граѓани кои сега го плаќаат данокот во крв , соочени со сите слабости на државата, за кои се мислело дека ги нема, во еуфоријата на економскиот и градежниот бум. Бесот, велат, се надополнува и со сознанието дека Турција сега делува  како да не знае како  да се справи со ситуацијата на теренот која станува се потешка.

Згора на се и со безбедносните проблеми кои натераа австриските и германските спасувачи да ги прекинат- за момент- работие, откако околу нив се водат вистински битки на разни криминални банди, кои војуваат околу тоа кој да ја дистрибуира храната и опремата која пристигнува, како и  вкупната помош.

Каде е турската војска?

Тоа го прави ранлив Ердоган кој во мај сака да освои уште еден претседателски мандат и да продолжи да делува како незаменливиот „татко на нацијата“. Најмногу затоа што владата и системот на власта и натаму делуваат како да не знаат што да прават- особено откако веќе е видливо големото задоцнување во реакцијата по земјотресот.

Се смета дека тоа е „срамота за земја која има големо искуство со земјотресите и која има организирана сила за брза реакција на вакви вонредни ситуации“. За тоа  одново се обвинува политиката. Најмногу затоа што во една ваква ситуација со речиси катаклизмички последици- никаде ја нема турската војска, која во секоја земја , во вакви случаи излегува прва на теренот.

Наместо тоа, на теренот е оставена само цивилната заштита која колку и да се труди, сепак, ја нема ниту организацијата, а ниту силата која ја има армијата- посебно во Турција. Затоа,  се бара вклучување на војската, но неа ја нема. За нејзиното покренување потребна е одлука на политиката, а таа (засега) молчи.

Амнестирање на виновниците

Останува власта да одговори  зашто паѓаат новоградби кога земјата има исклучително строги градежни прописи, целосно прилагодени на меѓународните стандарди и норми- какви има и една Јапонија. Критичарите велат дека паѓаат затоа што се слабо и лошо градени, затоа што се небезбедни за живеење.

А, тоа е така затоа што турските градежни компании (секогаш) наоѓаат начин за да бидат амнестирани за изигрување на прописите. Дури десет илјади барања за амнестија имало за локациите во кои земјотресот од минатиот понеделник , направи пустош. И, велат дека најголем број од нив биле прифатени.

Унијата на градежни инженери подолго  време  има предупредувано дека – „амнестирањето на виновниците за изигрување на прописите за градење во трусни зони, еден ден ќе направи гробишта од турските градови“. Сега многумина веруваат дека тој ден се случи на 6 февруари 2023 година.

(С.С.Г.)

 

 

 

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе