Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Еврокомесар за премиер на Бугарија ?

Еврокомесар за премиер на Бугарија ?

Актуелната комесарка за иновации и истражување на Европската комисија (ЕК) Марија Габриел (43), преку  која се спроведуваат програмите на ЕУ, како што се „Хоризон Европа“ и „Еразмус“, е предложена во Софија за иден премиер на Бугарија.

За новата функција таа е номинирана од  десно-центристичката и проевропска партија ГЕРБ на (се уште актуелниот лидер) Бојко Борисов. Оваа партија на последните, пети по ред предвремени избори , одново успеа да освои најмногу гласови ,овој пат во услови на најниска излезност на гласачите во пост-комунистичка Бугарија,  но  и овој пат  остана далеку од тоа да може да има мнозиннство за да формира влада.

Очајнички обид на Борисов

Ваквиот предлог на оваа бугарска партија- за мандатор и за преговарач со другите бугарски партии, за формирање стабилна владина коалиција -претставува (безмаку) очајнички   обид за надминување на политичката криза и на политичката нестабилност во земјата која трае веќе две години.

Контроверзниот Борисов кој 11 години беше бугарски премиер, знае дека ниту една од партиите кои влегоа во Парламентот,  не сакаат да коалицираат со ГЕРБ, посебно доколку тој  биде мандатор. Затоа, сега  настојува – нудејќи  едно сосема  ново лице, каква што  е Габријел – да се овозможи создавање влада и спречување нови, шести по ред, предвремени избори.

Во изјавата во Софија, Борисов има речено дека сегашниот ангажман на Габриел во ЕК во Брисел е „токму она што е главен приоритет на партијата во постизборниот период“- позабрзан развој на земјата која се повеќе заостанува зад другите членки на ЕУ. Но,  најави дека основните прашања за кои Габриел и партијата ќе се насочат во преговорите со другите политички партнери, се формирањето  влада предводена од ГЕРБ.

Во ЕК од 2017 година

Оваа партија на последните избори обезбеди 69 пратенички места, што е далеку од неопходниот минимум од 121 пратеник што е потребнп  за добивање парламентарна доверба.

Марија Габриел  во Европската комисија е од 2017 година, кога на функцијата еврокомесар ја замени Кристалина Георгиева, актуелната директорка на ММФ, задолжена за дигитална економија и  општествени прашања. Во ЕК  беше номинирана како кандидат на ГЕРБ.

Откако Урсула фон дер Лајен стана претседател на ЕК, бугарската комесарка во европската влада го доби ресорот за истражување, иновации, образование, култура и млади кој располага со над 95 милијарди евра фондовски пари за финансирање на програмите „Хоризон“ и „Еразмус“ преку која се покрива размената на студенти.

Габриел, освен тоа,  е и европарламентарка , во блокот на десно-центристичките партии (ЕПП)  што е најбројната политичка формација во Европскиот Парламент.

„Невозможна мисија“ за Габриел

Во меѓувреме, таа веќе ја има добиено  согласноста на Фон дер Лајен (привремено) да се повлече од функцијата еврокомесар за да се посвети на новиот ангажман, како мандатор за создавање владина и парламентарна коалиција во Бугарија. Како што јавува Јуроњус, станува збор за неплатено отсуство на Габриел.  Доколку успее да стане премиер,  владата во Софија ќе мора да номинира нов човек за еврокомесар од Бугарија.

Во Брисел, каде се настојува оваа балканска членка на ЕУ побрзо да излезе од кризата и притоа  (дискретно) се заговара создавање на „голема коалиција“,  подршка на Марија Габриел и даде и лидерот на пратеничкиот блок ЕПП, Манфред Вебер. Тој  изјави дека таа има „ и искуство и знаење  и меѓународен авторитет“  за да биде бугарски премиер.

Политички експерти во Софија, сепак, остануваат скептични кон можноста – една актуелна комесарка на ЕК,  да успее да ги надмине сите пречки и да формира влада, во која таа би била премиер. Тоа тешко би се постигнало без учество , или без парламентарна подршка на втората,  според  бројот на пратеници,  партија – Продолжуваме со промените (ПП) на Кирил Петков. Оваа партија досега одбиваше да прави коалиција , или да подржи влада во која би била партијата ГЕРБ која ја обвинува за кризата во Бугарија што почна уште во 2021 година.

(С.Б.)

 

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе