Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

„Советските инвазии во 20 век беа погрешни“

„Советските инвазии во 20 век беа погрешни“

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека советските инвазии во 20 век- врз Унгарија, а потоа и врз тогашна Чехословачка- биле погрешни.

Зборувајќи на еден форум посветен на економијата, во Владивосток, на рускиот Далечен Исток, Путин рекол дека е „погрешно да се преземе некаков чекор во надворешната политика што би можело да им наштети на интересите на други луѓе“.

Ваквата изјава на шеф на една држава , би била нормална и на место доколу се даде во едни нормални околности. Но, оценката за агресиите на поранешен СССР во Европа, од пред многу децении, доаѓаат во време додека Русија на Путин продолжува со својата агресија врз соседна Украина, по инвазијата од пред 18 месеци.

Изненадувачко толкување

Руските новински агенции кои ја пренесуваат изјавата, откриваат дека модератотот на Форумот го прашал претседателот за тоа како тој ќе реагира на зборовите на оние кои тврдат дека СССР се однесувал како колонијална сила , кога има испратено тенкови и војска во Будимпешта (1956) и во Прага (1968).

На тоа Путин одговорил дека  од подамна било познато за грешките во советската политика кои само воделе кон тензии во односите. „Една  работа која не смее да се направи во надворешната политика е да се дејствува спротивно на интересите на другите луѓе“- рекол рускиот претседател.

Ваквата изјава делува како изненадување , затоа што е прва во путиновите 23 години владеење со Русија. А особено,  затоа што токму тој  настојува да се обнови, или барем да се ревитализира пропаднатиот Советски Сојуз , што го смета за „политичка катастрофа на 20 век“.

Меѓутоа, во неговата изјава нема ниту жалење за дејствувањето, спротивно на интересите на Унгарците и на Чесите и Словаците, кои тогаш живееја во една држава, а ниту  барем извинување.

Путиновска реторика

Наместо тоа, признанието за погрешните потези на советската политика, на Путин му се потребни за да се осуди Западот. Односно , за да го обвини дека западните земји, а пред се, САД, имаат направено грешки како и СССР во минатото.

Неговата изјава е сосема во спротивност со направената елаборација на  путиновиот личен советник Владимир Медински кој пред неполни два месеци објави остри критики и осуди за настаните во Будимпешта од пред  67 години. Унгарската продемократска револуција тој ја означи како „фашистичко востание“ организирано од Западот. Овој автор уште и тврдеше дека „било тешка грешка ( на Москва)  одлуката за повлекување на советските трупи од територијата на Унгарија, во 1990 година“.

Повеќемина унгарски историчари и политичари реагираа со осуда на ваквото квалификување на настаните од 1956 година од страна на путиновиот советник. Но, сето тоа брзо беше примирено, од страна на официјалната власт, за да не им се наштети на специјалните врски на Виктор Орбан со Владимир Путин.

Додека постоеше, СССР го сочинуваа 15 советски републики, а како свои Москва ги третираше сите источноевропски земји ( од Полска и Источна Германија, до Романија и Бугарија) кои станаа  советски сателити и останаа такви се до падот на комунизмот. Присилени да го изградуваат советскиот (руски) модел на комунизам.

Лажно и неискрено

Немаше никаков „фашизам“  во бунтот во Унгарија, освен барање  демократија. Уште помалку тоа може да и се припише на „Прашката пролет“ во 1968 година и на определбата на тогашното ново раководство на КП на Чехословачка кое заговараше само изградба на „социјализам со човечко лице“, според моделот на Југославија.

Сите источноевропски комунистички земји ( освен Романија) со своја војска, во август таа година, учествуваа во инвазијата врз Чехословачка. Веднаш потоа,  беше соборена тогашната пролиберална комунистичка власт, а во Прага беше поставена нова, која гарантираше дека ќе ја спроведува советската политика- на внатрешен и надворешен план.

Тогашна Југославија беше единствената од социјалистичкиот и комунистичкиот свет која храбро застана зад Чесите и Словаците и нивното право да си одберат свој пат за иднината. Спротивставувајќи им се на СССР и на целиот Исток, ризикувајќи притоа и самата да се соочи со заканата од инвазија од страна на Москва.

Затоа, она што сега го има речено Путин во Владивосток, чекајќи го на гости диктаторот од Северна Кореја, делува и лажно и неискрено.

Русија по советскиот пат

По наредба на рускиот претседател,  е покрената сурова  војна против Украина, без повод, освен за да се освои територија. Сега Русија има освоено и анектирано 18 отсто од украинската државна територија, спроведувајќи казнени операции против Украинците само затоа што одбраа нов пат- наместо вазалството кон Москва, свртување кон Западот.

После распадот на СССР, Русија продолжи со воени интервенции и инвазии, во стариот советски стил.

Во 1991 година, Русите  ги запоседнаа Придњестровје , во Молдавија и областа Абхазија во Грузија. Во 2008 година од Грузија  беше грабната  Јужна Осетија, а во 2014 Крим и делови од украинските источни области Луганск и Донецк. На сите три поранешни советски републики, Москва им го гарантираше, со посеби договори, територијалниот интегритет.

Во ова редење на инвазии, означени како грешка на  советската експанзионистичка политика, ниту Путин, а ниту бил кој во Русија, ја споменува инвазијата на СССР, врз дотогаш мирниот и неврзан Авганистан кој после тоа стана полигон на војната и на теророт на  исламските терористи.

(С.Г.)

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе