Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Дерна- градот што повеќе не постои

Дерна- градот што повеќе не постои

Средоземно море веќе неколку денови постојано на брегот исфрла тела на загинатите жители на градот Дерна , во североисточна Либија, покажувајќи го  на тој начин  катастрофалниот обем на големата несреќа што ја погоди оваа северноафриканска земја, во неделата вечерта, по моќното торнадо  и уривањето на двете заштитни брани , што требаше да го обезбедуваат градот од вакви непогоди.

Според градоначалникот на Дерна, бројот на жртвите би можел да достигне и 20 илјади загинати, откако досега, во набрзина направените масовни гробници , се закопани над три илјади лица.

Целата околина на несреќниот град, буквално е избришано од површината на земјата и во морето е однесено  се она што на неа се наоѓало, од моќниот удар на големата вода, налик на цунами.

„Библиски “ потоп

Сега никој не помислува да зборува за тоа- има ли сили за обнова на градот што веќе не постои- па затоа,  целата енергија е  насочена  за да се спасуваат и  за да им се помага на преживеаните и да се  трага по повеќе од десетте илјади исчезнати лица, како и да се обезбеди каков-таков покрив над главата за сите кои се уште се наоѓаат во овој мртов град.

Она што се настојува да се направи во првите четири денови по големата несреќа е  да се објасни што и се случи на Дерна,  која е многу поблиску до Египет, отколку до главниот град Триполи на , инаку,  поделената и со граѓанска војна зафатена Либија.

Според искажувањето на сведоци во неделата вечерта , силно торнадо проследено со силен ветер и со незапаметени врнежи од дожд, го погоди градот. Велат дека тоа е она истото што во минатата недела создаде хаос во делови од Грција.

Во Дерна во период од 24 часови  се паднати 400 мм. дожд на квадратен метар. Станува збор за исклучително многу вода за регион каде , обично, во септември, паѓа дожд од само 1,5 мм. на квадратен метар – и тоа за целиот месец.

Уривање на двете заштитни брани

Експерти за Би-Би-Си изјавиле дека (засега) не може оваа катастрофа директно да се поврзе со климатските промени и со глобалното загревање . Но тие сметаат дека она што се случува  на планетата , секако, остава последици врз времето и создавањето силни бури и торнада , какви обично нема на северот од пустинскиот дел од Африка.

Во секој случај, огромно количество вода се има втурната врз градот и неговата околина, предизвикувајќи брзо преполнување на двете заптитни брани , изградени да го одржуваат под контрола дотокот на вода во акумулациите што ( во нормални прилики)  го носи реката Вади, од планините во внатрешноста на Либија.

И реката, а и акумулациите   обично се суви во најголемиот дел од годината, но овој пат необично многу дожд и вода , придонесле  за максимално зголемување на притисокот врз двете брани.

Жителите на градот на кои локалните власти им наредиле да останат во своите домови, за да се заштитат од големото невреме, го слушнале пукањето на двете брани- една, по друга- како сила експлозија. Затоа,  првично помислиле дека станува збор за некаква детонација од  моќно оружје, или бомба.

Но, веднаш потоа, биле сведоци на досега не забележаното случување кога врз градот се истурила огромна и силна водена  маса која носела се пред себе.

Градот однесен во морето

Едната брана, на пример, имала капацитет од 1,5 милиони кубни метри вода, додека другата, многу поголема од првата, имала капацитет од 22, 5 милиони кубици.

Како за илустрација, хидролошки експерти објаснуваат дека еден кубен метар вода, тежи еден тон, а кога тоа ќе се помножи со 1,5 милиони кубни метри, се добива тежина од 1,5 милиони тони.

Згора на тоа, треба да се додаде и падот на водата што постои во Дерна, низ  реката, која се спушта од планините во подалечната околина и оди кон морето, па тогаш се добива огромна забрзувачка сила која урива се пред себе.

Според овие експерти,  вода во висина од 20 см. со пад, може да собори човек со нормална тежина. Вода висока 60 см. меѓутоа веќе може да понесе паркиран автомобил. Тоа во случајот на Дерна значи дека не е ниту малку чуден размерот на катастрофата и тоа што цели згради, со луѓето во нив, се носени од водената стихија  кон морето , како да се направени од картон.

Земјени наместо бетонски брани

Засега нема сознанија за тоа  што го предизвикало уривањето на браните- преголемата и премногу силна водена маса, или слабата структура на браните. Познато е дека тие биле направени од големи камени блокови, чакал и земја, а не од бетон, за кој експерти од Лондон на кои се повикува британскиот медиум, веруваат дека брани изградени од бетон би го издржале притисокот на големата вода.

Во Дерна во неделата, прво се распаднала  браната во горниот тек на реката, што ослободувајќи ја водата насобрана во нејзината акумулација , придонесла и втората брана да се распадне со првиот налет на водата, предизвикувајќи ја оваа катастрофа каква во Либија не се памети.

Сега се споменува дека во изградбата на брани во  седумдесети години на 20 век , во реонот на Дернма биле вклучени градежни фирми од поранешна Југославија, пред се, тогаш познати и угледни белградски фирми, но сега никој не споменува кој и како ги градел браните, а уште помалку се посочува на нечија одговорност.

Меѓутоа, либиски хидролози откриваат дека до една ваква катастрофа немало да дојде доколку биле почитувани нивните предупредувања во текот на изминатите години.

Катастрофа во хаотичната земја

Тие предупредувале дека треба да се засили одбраната на Дерна од ваква голема  вода и од потенцијалната закана за градот од „непредвидливиот“ Вади басен. Особено што веќе се знаело за попуштањата и оштетувањата забележани и кај двете брани. Но, никој и ништо нема преземено, на што му кумувала и долгата политичка и безбедносна нестабилност во која се наоѓа Либија со години на ред.

Станува збор за (практично) поделена држава во која отцепениот Исток, со Бенгази е под контролата на генереалот Хафтар кој сака да ја преземе под своја команда целата земја, непризнавајќи ја централната власт во Трполи и на Западот од државата. Битката е и за контролата на либиската нафта и природниот гас што главно се наоѓаат на Истокот, каде е и Дерна.

Излегува дека состојбата во државата помогнала оваа катастрофа да биде и поголема и потешка . Во хаосот во кој се наоѓа, останува само да се бројат загинатите и да се прибираат остатоците од она што некогаш беше  Дерна, со нејзините стотина илјади  жители. И едната и другата страна во Либија сега можат само да се соочуваат со последиците од „судниот ден“ што му се случи на градот.

(С.С.Г.)

 

 

 

 

 

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе