Поврзете се со нас

Skopje Global

Едиторијал

Понуда што не се одбива

Понуда што не се одбива

Оваа година има крупна и значајна промена во односот на Брисел и на ЕУ кон земјите кандидати и претенденти за влез во Унијата, кога станува збор за годишните извештаи на Европската комисија (ЕК)  за нивниот напредок кон полноправното членство. Тоа посебно се однесува на земјите од Западен Балкан кои долго (некои како Македонија цели 18 години) чекаат на некакво придвижување на тој план.

Вината за долгото чекање, критичарите на Брисел ја припишуваат на долгото развлекување  на Унијата со процесот на проширувањето, кој застана пред десет години, кога беше примена Хрватска, која инаку, претходно, беше дел од Западен Балкан. Но, објективните и непристрасните аналитичари вината ја бараат и во неподготвеноста и несакањето на западнобалканците – самите , да почнат со својата европеизација – излегувајќи од балканштината која  им носи само штета и назадување.

Проект каков досега немало

Како и да е, новото е што , овој пат,  извештајот за напредокот на регионот, од пред неколку месеци  започна со најавата од највисоко место во ЕУ за тоа дека ситуацијата во светот и војната во  Европа, како и руската ( и кинеска)  закана за натамошна дестабилизација на Балканот, налагаат итно покренување на процесот за прием на земјите од Западен Балкан во Унијата. Определувајќи за прв пат и рок – до 2030 година – до кога и ЕУ и регионот треба да бидат подготвени  за почеток на примањето нови членки.

Во исто време  се тргна со ревитализација на Берлинскиот процес, кој  ја врза за себе иницијативата Отворен Балкан што веќе функционира и дава резултати, иако во неа не се сите од регионот, за да непосредно пред објавувањето на годишниот извештај на ЕК ,  претседателката Урсула фон дер Лајен ги посети сите земји ( тргнувајќи од Скопје) за да и официјално го промовира сосема новиот пристап на Брисел.

Станува збор за проект на ЕУ  и за понуда до Западен Балкан , каква немало ( во ваков облик) до  оние земји кои  веќе се во Унијата, примани во членство по падот на комунизмот. Односно, за помагање- политичко и финансиско – на регионот за да побрзо и полесно може да се интегрира во Европа,  за да сите земји од Западен Балкан бидат спремни за полноправно членство.

Интеграција пред интеграцијата

Пораката од Брисел тргнува од тоа  дека општата оценка на Европската комисија  -генерално гледано- е оти  кај сите има некаков напредок во однос на лани- без разлика што за сите остануваат забелешките за забрзување на реформите. Но, во исто време, ЕУ  на шесторката  од регионот ( иако Косово нема статус на земја кандидат) овој пат – практично- и нуди интеграција во ЕУ , пред шестмината  стварно  се интегрираат во Унијата.

Едноставно, ЕУ сака овие земји кои ги третира како свои   партнери , побрзо да се интегрираат во Унијата- и тоа во четири нејзини  сектори – непреченото движење на стоките и на услугите, како и на движењето на луѓето и на капиталот. Со ова се настојува да се придонесе за комплетирање на стабилноста на целиот регион , но и за неговиот просперитет.

За тоа, пак, е потребно државите да се однесуваат едни кон други , онака како што тоа го прават кон ЕУ и сегашните нејзини членки , или како што се однесуваат кон Брисел. Но, во исто време, силно да работат и на своето  не лесно реформирање. И тоа уште сега, додека тече овој проект на Европската комисија , во следните години, се до крајот на оваа деценија.

Забрзан економски развој

Затоа, Европската комисија го покренува овој план  за  позабрзан стопански развој и економски раст – со подршка од шест милијарди евра за државите кандидати, за да тие ја почувствуваат ползата и предноста од членството во ЕУ, уште пред да се најдат во Унијата.

Според Фон дер Лајен, можностите од овој план се извонредни за регионот во следните години, затоа што се отвора перспектива за  двојно  зголемување на стопанскиот раст. Тоа би значело многу за сите во овој дел од Европа, кога се знае дека бруто националниот производ (БНП) на целиот Западен Бална е 50 отсто од оној на целата ЕУ. Во тоа Северна Македонија е на ниво од 42 отсто, а со планот на ЕУ би требало да се искачи до над 52 отсто од БНП на Унијата, што ја отвора вратата за членство.

Целта, во секој случај е , во комбинација со реформите и со вложувањата , Западен Балкан да може брзо да ги почувствува предностите и ползата во клучните сегменти на единствениот пазар на ЕУ. А, во тоа се вклучени  и единственото плаќање во евра, трговијата и комуникациите, како и енергијата и единствениот дигитален пазар.

Влез на единствениот пазар на ЕУ

Инструментите за растот и за реформите на регионот- за периодот од 2024 до 2027 година- се во вредност од шест милијарди евра, при што две милијарди Брисел ги има определено како неповратна помош, а другите четири, во вид на мошне поволни зајмови. Исплатите од овие инструменти ќе бараат од земјите кандидати  да се реформираат, но и тоа  донесените реформи да се применуваат во пракса.

Најважното е силно зајакнување на интеграцијата на регионот во единствениот пазар на ЕУ ( што дежурните критизери на Унијата на Западен Балкан бараа). За тоа ќе биде неопходно сите земји да ги ускладат  своите закони со правилата кои веќе важат за функционирање на тој пазар, а со тоа да покренат свои релевантни сектори со своите соседи. И тие ускладени со правилата на единствениот пазар на ЕУ.

Тоа е она што во Брисел го истакнуваат како потикнување на економската соработка, внатре во рамките на Западен Балкан, низ еден регионален заеднички пазар, втемелен врз принципите и правилата кои важат во Унијата.

Завршување на ветените обврски

Во Брисел се уверени дека тоа би предизвикало силен раст на регионалните стопанства, а тоа би ги покренало напред реформите , приближувањето кон Европа и над се- привлекувањето странски инвестиции.

Како и да е, планот на Европската комисија- што  претходно им беше презентиран на сите земји од регионот- во време на посетата на Урсула фон дер Лајен – е понуда која не може и не смее да се одбие.

Потребно е само секој од оваа западнобалканска шесторка да го заврши она што веќе го има ветено дека ќе го направи. Србија и Косово да ги нормализираат своите односи, БиХ (најпосле) да стане уредена и функционална држава, Црна Гора да ја стабилизира својата внатрешно-политичка нестабилност, што трае предолго, Албанија  да се ослободи од критиките дека е држава со организиран  криминал , а Северна Македонија да ја заврши постапката за дополнувањето на уставната преамбула.

Во прашање, сепак е техничка операција  која е далеку најлесна обврска во споредба со она што се очекува да го направат другите во регионот.

(Спектатор)

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Едиторијал

Горе