Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

“El Loko” ќе става ред во Аргентина

“El Loko” ќе става ред во Аргентина

Новоизбраниот претседател на Аргентина Хавиер Милеј најавува дека Аргентина „одново ќе биде голема“ – копирајќи ги популистичките пораки на Доналд Трамп и на екс претседателот на Бразил Жаир Болсонаро- ветувајќи притоа и дека ќе воспостави ред во земјата.

Во кампањата за изборите тврдеше дека Аргентина била прва сила во светот (што никогаш не била), а дека сега е рангирана дури на 120 место (што не е точно), покажувајќи на тој начин дека кога треба да се купуваат гласачите- се може да се рече. Но, Аргентинците му веруваат дека може да се стави ред во економијата (која е во колапс) со инфлација од 145 отсто и со население кое половината живее  во сиромаштија-  па гласаа токму за него.

Без Централна банка и своја валута

Сега сите се прашуваат што се случи со Аргентина на гласањето, повеќето согласувајќи се  дека наместо стабилизација, смирување на инфлацијата и крај на кризата, земјата се соочува со уште поголема неизвесност и дестабилизација- доколку се спроведе дури и еден  мал дел од она што го заговара Милеј и ветуваше дека ќе го спроведе.

Домашни аналитичари предвидуваат дека многу брзо ќе уследи каење од ваквото гласање , особено што победникот на изборите  зборуваше  дека ќе направи радикални резови, какви немало досега во оваа голема јужноамериканска земја.

Пред се , укинување на аргентинската Централна банка (затоа што само печатела пари и создавала инфлација), како и  на националната валута пезос, заменувајќи ја со американскиот долар.

За заштеда на државните пари ќе укине низа министерства, а пред се, за култура и образование, како  и за здравство и министерсваото за женски прашања. Исто така, драстично ќе ги намали социјалните давачки, вклучувајќи ја и социјалната помош, ќе ја укине забраната за поседување оружје, ќе го укине правото на абортусот и ќе ја легализира продажбата на човечки органи.

Налик на Трамп и Борис Џонсон

Конечно, за да и угоди на новата потпретседателка, инаку офицерска ќерка, новиот шеф на државата најавува  менување (драстично ублажување) на односот на државата кон бившиот режим на воената хунта. Оваа политичарка на крајната десница тврди дека во време на хунтата (1976/1982) офицерите кои станаа политичари не се виновни како што тоа се прикажува, иако за околу 30 илјади исчезнати лица се уште не се знае што се случило со нив.

Очигледно, на власт во Аргентина се најде еден ултра десничар, кој од политичар- аутсајдер во земјата сега е ставен во положба да биде моќник и да ја определува судбината на земјата.

Неговите подржувачи, дури и оние кои се избрани како конгресмени (пратеници) во новиот аргентински Конгрес (Парламентот) сметаат дека Милеј е комбинација на Американецот Трамп и на Британецот Борис Џонсон (за овој само според фризурата). Консултатнтска фирма која учествувала во градењето на неговиот имиџ, пак,  уверува дека со фризурата сакале да наликува на Елвис Присли, затоа што на времето Милеј имал свој бенд, без разлика што не го бивало како пејач.

Малтретиран од родителите

За разлика од негвите симпатизери, меѓу кои има такви кои го сметаат дека е налик на марвеловиот лик Вулверин и дека (во основа бил анти-херој), сериозните аналитичари потсетуваат на една негова биографија која дава сосема поинаква слика за него.

Прво, за тоа дека бил дете со тешко детство. Бил малтертиран од своите родители, а подоцна  и од своите врсници во младоста, кога го има добиено прекарот ЕЛ ЛОКО (лудиот Милеј). Прекар кој го следи и кога станува економист и лидер на партијата Напредок на слободата и кога за прв пат (2021 година) ќе стане конгресмен во блокот на десницата.

Аргентинците не го паметат како некој вешт и зборлест пратеник во аргентинскиот Парламент, но станал популарен економист-гостин на разни ТВ станици постојано заговарајќи радикални мерки, што на луѓето им станало омилено за слушање и за верување, па на последните избори мнозинството се определија за него, за претседател.

Избор со инфлација од 145 отсто

Како што сметаат некои домашни аналитичари- само од очајната желба да се излезе од кризата, Коцкајќи се, затоа,  на тој начин со својата и со судбината на земјата, која поради тоа би можела да западне и во потешка криза.

Други веруваат дека реалната перспектива за неговиот мандат, сепак, не мора да е толку песимистична. Хавиер Милеј има 38 пратеници во Парламентот со 257 пратенички места и само седум сенатори од 72 членови на (Сенатот) Горниот дом.

Каков и да е El Loko сега како претседател на сите Аргентици ќе мора да биде внимателен при влечењето на своите потези, доколку навистина сака да се усвојат. Дури и кога станува збор за приватизацијата на државната енергетска компанија и на јавните електронси медиуми.

Особено при намерата да ги раскине врските со своите најсилни трговски партнери- Бразил и Кина (и двете во БРИКС) – земјите што ја поканија Аргентина да му се приклучи на овој анти-американски сојуз.

(С.Г.)

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе