Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Сунак и Мицотакис се скараа за Елгин

Сунак и Мицотакис се скараа за Елгин

Британскиот премиер Риши Сунак не се сретна со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис , кој престојува во Лондон, иако средбата беше најавена за вторникот (28 ноември)  напладне, во Даунинг стрит 10. Немаше средба затоа што  беше откажана во последен момент-во „пет минути до 12“- од британската страна.

Станува збор за гест крајно невообичаен за  обично дипломатски одмерените Британци и за случај каков одамна не е регистриран, посебно во британско-грчките односи.

Британската влада  наместо Сунак, за разговор со грчкиот премиер го имаат понудено британскиот заменик премиер, што грчката страна (разбирливо)  студено го има одбиено. Уште повеќе што Британецот тој ден беше во Лондон и немаше никакви специјални задолженија. Затоа, гестот на Даунинг стрит 10 веднаш предизвика дипломатска кавга меѓу Атина и Лондон.

„Мона Лиза пресечена на половина“

Причина за овој инцидент е старата и со децении развлечена расправија на Грција и Британија околу тоа чии се и каде треба да бидат скулптурите од храмот Партенон, во Атина, што британскиот лорд Елгин, на почетокот од 19 век,  ги има префрлено во Британија и потоа предадено на Британски музеј во Лондон, каде се изложени 191 години.

Дипломатски извори во Лондон велат дека овој инцидент, сепак, немало да се случи доколку Мицотакис немаше интервју за Би-Би-Си во кое тој зборува и за скулптурите, што популарно се  нарекуваат „мермерите на Елгин“.

Во интервјуто, прикажано 24 часови пред Британците да ја откажат средбата, грчкиот премиер го има повторено она што го зборуваат и го бараат сите негови претходници- дека скулптурите треба да се вратат назад во Грција.

Според Мицотакис, „сосема е јасно  дека скулптурите  се украдени “, па во оваа прилика има понудено своевидно „партнерство“ со Британски музеј за нивната своина, затоа што сегашната ситуација ја има опишано  како – „сликата на Мона Лиза да биде пресечена и поделена на две половини“.

Откажување во последен момент

Во прв момент не изгледаше јасно зашто била потребна една ваква реакција на Лондон, свесно предизвикувајќи дипломатски инцидент. Дилемите ги разјасни британскиот портпарол откривајќи дека „премиерот Сунак оценил оти после настапот на Мицотакис средбата на двајцата премиери нема никаква смисла“.

Британската страна сега тврди дека при договарањето на средбата, Атина ветила дека „мермерите на Елгин“ нема да бидат главната тема , како и дека грчкиот премиер нема јавно да го покренува ова прашање.

Од главниот грчки град, меѓутоа, веднаш уследи демант. Таму уверуваат  дека ниту грчкиот премиер , а ниту владата во Атина немаат дадено- „никакво ветување на Британците“- посебно за тоа дека нема да се зборува за скулптурите од Партенон.

Кавгата на тој начин се продлабочи уште додека Мицотакис се подготвуваше да се врати во Грција. Особено, откако претходно (пак, невообичаено за британската пракса) тој се сретна со лидерот на лабуристите кои во моментот имаат убедлива предност кај домашните гласачи, во однос на сега владеачките конзервативци (ториевците).

Политика со „мермерите на Елгин“

Наместо смирување на тензијата, се покрена и внатре британска расправија меѓу власта и опозицијата за „елгиновите мермери“, за тоа кој е поголем патриот и за тоа дали лабуристите се подготвени ( ако дојдат на власт) да им ги вратат скулптурите на Грција.

Тириевците ( пренесувајќи го и ставот на владата) соопштија дека „позицијата на официјален Лондон останува непроменета- „мермерите на Елгин“ не се предмет на преговарање. Извор од партијата на Сунак има изјавено дека скулптурите се дел од постојаната колекција на Британски музеј и му припаѓаат само на музејот во Лондон.

Освен тоа, ториевците ги обвинуваат лабуристите дека со средбата на нивниот лидер со грчкиот премиер, покажале дека се спремни да попуштат пред гркиот притисок, што треба да биде реакција на власта на критиките од опозицијата за откажувањето на средбата, уште и во последен момент. За лабуристите, таквиот гест бил „патетичен“.

Сето ова само покажува дека во реакцијата на Даунинг стрит 10 има многу политика. Без разлика  што спорот околу лордот Елгин, од пред 200 години, и треба и на владта во Атина, за пред грчката јавност, оваа кавга, сепак,  многу  повеќе му треба на Риши Сунак- за да ги зајакнува своите несигурни позиции пред тврдите конзервативци.

Двете страни со старите аргументи

Како и да е, старата и долга расправија околу лордот Елгин, инаку Шкотланѓнец, продолжува  со несмалена жестиа, но со старите и исти аргументи како и на почетокот кога владата на тогашниот грчки премиер- социјалистички популист- преки министерката за култура Мелина Меркури , побара од Британија на Грција да и ги врати скулптурите од Партенон.

За Грција и тогаш, а и сега – тие се украдени од Елгин кој пред 200 години бил британски амбасадор во Цариград. Британската страна, но и историчари тврдат дека лордот ги има купено „мермерите“ што стоеле расфрлани по ридот на кој е Акрополис, од властите на тогашна Атина која била под контрола на Отоманската Империја. И за тоа Британците имаат и потврда.

Во Лондон уште се смета дека лордот Елгин само ги има спасено, за да бидат сочувани од уништување . Последен пат , тие биле изнесени од музејот во Лондон во текот на Втората светска војна, во време на бомбардирањата од страна на нацистичката авијација. Биле сокриени во затворената станица Олдвич на подземната железница.

(Д.Л.)

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе