Поврзете се со нас

Skopje Global

Трендови + Општество

Грција: Судир на владата и ГПЦ за геј браковите

Грција: Судир на владата и ГПЦ за геј браковите

Владата на десниот центар во Грција настојува веќе следниот месец да ја почне постапката за легализација на геј браковите во земјата, но за таа своја иницијатива се соочува со силниот отпор на Грчката православна црква (ГПЦ) која, за разлика од најголемиот број земји во ЕУ и во Европа, не е одвоена од државата.

До средината на февруари, предлог законт за легализација на истополовите бракови ќе биде ставен на гласање, во Парламентот, што според атинските медиуми е и порано од првично најавениот рок. Доколку законот биде усвоен, Грција ќе биде првата држава со мнозинско православно население во која се озаконети ваквите бракови.

Противење на Вселенската патријаршија

Иницијативата на премиерот Киријакос Мицотакис, меѓутоа, наидува на остра критика и несогласување и од Вселенската патријаршија во Цариград ( Истанбул) која е црква-предводник  на православниот свет, од каде се порачува дека Патријаршијата не го одобрува таквиот чекор на владата во Атина.

„Бракот е заедница на маж и на жена под Христовиот благослов, па црквата не прифаќа никаква кохабитација на црковните поданици , во било кој друг облик , освен  во брак како што Господ има определено“- се вели меѓудругото во соопштението на Вселенската патријаршија.

Ваквото соопштение е само повторување на одлуката на Синодот на ГПЦ. Портпаролот на Синодот соопшти дека приговорите на Црквата ќе бидат испратени до сите пратеници на Парламентот и ќе се читаат во сите цркви во Грција, на неделните верски служби на 4 февруари.

Според овој портпарол , за ГПЦ- бракот е заедница на мажот и жената и за црквата – претставува  извор на животот, изразувајќи притоа и  загриженост за иднината на семејствата во земјата.

Несогласување и во владата

Овој претставник на грчката црква , изјавил дека е премногу рано да се каже каков ќе биде ставот на црквата кон децата од истополовите родители.

Аналитичарите во Атина,пак, сметаат дека премиерот , при гласањето во Парламентот, ќе мора да бара и да добие подршка од пратениците на опозицијата, бидејќи за легализацијата на геј браковите постои отпор меѓу пратеници  на владеачката Неа Демократиа, а дека за тоа не се ниту сите владини министри.

„Зборуваме за нешто што е веќе озаконето на пет континенти и во 36 држави, а тоа никаде  не ја има нарушено кохезијата во општеството“- има изјавено  Мицотакис на состанок со сите министри. Според него, одлуките ги носи владата, водејќи сметка за сите граѓани и тие не се засновани врз верските уверувања.

„Демократијата во Грција налага дека не може да постојат две класи од граѓани- и секако дека не може да има деца на понискиот Господ,“- рекол грчкиот премиер.

Поделеност во грчката јавност

Последното испитување на јавното мислење открива дека и грчката јавност е поделена околу геј браковите. Меѓу гласачите од владеачката партија, пак, големо мнозинство од нив се против.

Неодамна, Естонија изгласа легализација на истополовите бракови  и стана првата земја од Балтикот која тоа го направи.

Јуроњуз по тој повод објави каде во Европа ваквите бракови се легални. На тој список се- Велика Британија, Ирска, Исланд, Норвешка, Данска, Шведска, Финска, Германија, Австрија, Словенија, Швајцарија, Франција, Шпанија, Португалија, Холандија и Белгија.

Истополови  граѓански заедници- партнерства- се легализирани во Унгарија, Чешка, Италија, Грција, Летонија, Хрватска и Црна Гора.

Држави во ЕУ и на континентот каде геј бракови и истополови заедници се забранети- се  Русија и Белорусија, потоа Полска, Литванија, Словачка, Романија и Бугарија, како и Албанија, Северна Македонија, Србија, БиХ и уште Украина, Молдавија и Турција.

(А.Г.)

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Трендови + Општество

Горе