Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Нема виновници за убиството на новинарот Ќурувија

Нема виновници за убиството на новинарот Ќурувија

Четврт век после убиството, смрта на белградскиот новинар Славко Ќурувија останува без правна, но  и без политичка разрешница, колку и да  овој случај е присутен на српската политичка сцена – и порано и сега. Предизвикувајќи бранување во демократската јавност,  која и во времето на убиството , а и сега, води битка за ослободување на медиумите од контролата на политиката и од злоупотребите што се прават.

Повод за повторното навраќање на убиството , извршено во април 1999 година, е огорченоста што ја предизвика одлуката на Апелациониот суд на Србија да ја поништи и втората пресуда и да ги ослободи четворицата, кои пред неполни  девет месеци беа прогласени за виновни и осудени за убиството на Ќурувија.

Жалбениот суд оценил дека при носење на пресудата била повредена судската постапка, а освен тоа немало доволно конкретни докази за она што им се припишувало на обвинетите и за нивната вина.

„Трн во окото“ на Милошевиќ

Славко Ќурувија беше сопственик, директор и главен уредник на весникот „Дневен Телеграф“ и на неделникот „Европјанин“. Беше застрелан од зад грб, додека со својата партнерка влегувал во куќата во која живееле, во строгиот центар на Белград.

Неговите весници беа  остри критичари на тогашната власт и претставуваа „трн во окото“ на режимот на Слободан Милошевиќ, но беа единствените во тогашна Сојузна Република Југославија (СРЈ) кои беа вистински независни и кои претставуваа глас на демокатскиот дел на Белград и на Србија од тоа време.

Но, првото судење за убиството кое  од секогаш се смета дека е политичко и изведено  само од политички мотиви- за да се замолчи Ќурувија- се одржа во 2015 година, дури 16 години по ликвидацијата на новинарот.

Според суровиот српски (југословенски) закон за медиуми, донесен од режимската власт на Милошевиќ, „Дневен Телеграф“ како и уште неколку други медиуми, беше забранет во октомври 1998 година, (седум месеци пред убиството).

Напад од режимски весник

Белградски медиуми сега потсетуваат дека од пролета следната година тој бил „видливо следен“ од тајната служба – како непријател на државата. Особено, откако , Ќурувија пркосејќи и на власта, одлучил весникот да се печати во Црна Гора- која со Србија ја сочинуваше милошиќевата „мини Југославија“.

Беше осуден на пет месеци затвор, казна од која неговите адвокати успеале да го спасат-  да не оди во затвор. Обвинет и осуден беше за „вознемирување на јавноста“.

На само пет денови пред убиството, белградскиот весник „Експрес Политика“ има објавено текст во кој новинарот се напаѓа и во кој се дисквалификува како “непријател“- наводно затоа што „единствен се радувал на бомбардирањето на територијата на СРЈ“.

Колку за потсетување- неколку западни сили бомбардираа делови на тогашната држава, како и воени објекти во Белград, за да се спречат војската на Милошевиќ и неговите паравоени сили,  да извршат гоноцид врз цивилното население на Косово.

„Пресуда“ од Мира Марковиќ

Бомбардирањето почна во март и во интервали траеше до јуни, кога  со договорот од Куманово, бомбардирањата се прекинаа. Милошевиќ ги повлече од Косово  воените сили, но и целата српска власт, оставајќи ја покраината, на која претходно и ја одзеде автономијата- на локалните власти на косовските Албанци.

Подоцна, новинарот на „Експрес“ се има оправдувано дека текстот го направил врз основа на една претходна изјава на сопругата на Милошевиќ- Мира Марковиќ- сива еминенција на тогашниот режим и формален лидер на партијата ЈУЛ (Југословенска обединета левица).

Таа го има означено Ќурувија за „предавник“  кој  наводно „цело време посакувал земјата да биде нападната  и сонувал за бомби против Србите“. Порачувајќи му притоа дека „неговото предавство нема да се заборави“.

При убиството, извршено набргу потоа, неговата партнерка , која била покрај него, не е повредена, затоа што не била ниту нападната,  бидејќи убиството на Ќурувија е класичен пример за ликвидација од професионалци.

„Државата како убиец“

Навраќајки се на тоа време, сегашни медиуми во Белград потсетуваат дека веста за убиството на познат новинар, среде Белград, за државната телевизија РТС, сепак,  била второразредна по значење, па така и била третирана.

Забележувајќи дека  така се прави и во денешно време – со српската демократска и проевропска опозиција и со ним наклонетите медиуми. Односно,  дека одново се користат некогашните методи , па опозицинерите и медиумите  се означуваат  како „непријатели“ и како “предавници“, онака како што тоа се правеше во времето  на Милошевиќ.

Затоа,  во сегашната политичка криза по фалсификуваните избори, одлуката на Апеалциониот суд доби и политичка тежина. Премиерката  Ана Брнабиќ , на пример, во изјавата има речено и тоа   дека првото  судење почнало кога Александар Вучиќ бил премиер ( во 2015 година).

Опозицијата, пак, која е во жесток судир со власта, потсетува дека убиството на Ќурувија се случило кога Вучиќ бил во власта- како еден од замениците на премиерот- а дека  пресудата  дека – практично- нема виновници за смрта на новинарот- е во време кога е претседател.

За опозицијата затоа – убиецот е државата која има дадено налог за ликвидацијата.

(Д.Б.)

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе