Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

ЕУ прошарана, но не и поразена

LeonidAndronov/Bigstock.com

ЕУ прошарана, но не и поразена

Изборите за Европскиот Парламент беа и поминаа, гласачите во сите 28 земји-членки (избори имаше и во брегзитерска Британија), преку гласачките ливчиња кажаа што мислат, па сега партиите и понудените политички опции што тие ги понудија, секоја на свој начин, ги коментира резултатите.

Едно, меѓутоа, е сигурно. ЕУ по годинешниве избори стана политички прошарана, повеќе отколку што тоа беше досега, но не беше поразена, како што и го предвдуваа и посакуваа евроскпетиците и ултрадесничарите, Москва и ултрашите- промотори за европска „црна алијанса“ собрани околу Американецот Стив Бенон. И сето тоа во услови на најголема излезност на гласачите- од крајниот југ на континентот до неговите северни граници –  во последните 20 години,  што е потврда дека интересот за европската идеја не бледее, а дека вербата во институциите на Унијата продолжува да се одржува.

Не се исполнија „црните“ прогнози на антиевропските сили  дека ултрадесницата, националистите и популистите „ ќе ги збришат“ традиционалните, проевропски партии. Тие досега не успеваа да се изборат за места во европскиот Парламент, но следните пет години, нивни избрани претставници ќе седат во пратеничките клупи во Стразбур. Сепак, ова законодавно тело на Унијата останува и натаму широко проевропски, без разлика што досегашниот, традиционален блок на левоцентристички и десноцентристички партии не постигна мнозинство, па сега ќе мора да се прави коалиција со некоја од групите застапени во Парламентот- како Зелените и Либералите- кои овојпат имаат забележителен успех.

„Пробен балон“ во Германија

Во секој случај, како и да се компонира мнозинството, резултатите од овие избори создадоа ситуација со која ќе мора да се смета на крајната десница, со националистите и популистите од сите бои, затоа што тие постојано ќе притискаат врз „ владеачкото“ мнозинство, па поради тоа реално е да се претпостави дека во наредните години, барем до следните избори, ќе има ситуации кога тешко ќе може да се донесуваат одлуки за некои од европските закони, или за некакви позначајни промени.

Во Германија, практично, се прекопираше тамошната распределба на силите во Бундестагот, по последните парлментарни избори. Коалицијата ЦДУ-ЦСУ на Ангела Меркел освои најмногу гласови (29 отсто), втори се искачија германските Зелени со 20 отсто, претекнувајќи ги социјалдемократите (освоија 15,9 отсто) и ие се најголемите губитници од овие евро-избори, додека крајната десница Алтернатива за Германија (АфД) освои 11 отсто, што е помалку отколку на германските парламентарни избори, но и тоа е повеќе  за 4 отсто, отколку во 2014 година.

Некои веднаш резултатите ги означија како „ ново понижување“ за Меркел, па се пушти „ пробен балон“ за тоа дека Германците би можеле да организираат предвремени избори, што би значело нејзино предвремено изпраќање во пензија, наместо во 2021 година, кога се редовните избори. Но , главниот интерес во Европа, сепак, не беше во Германија, туку во Франција, каде претседателот Емануел Макрон за прв пат учествуваше на  европските избори, и одново требаше да се соочи со ултрадесничарскиот и националистички Фронт на Марин Ле Пен, која уверливо ја порази на француските избори во октомври 2017 година.

Плашењето со Ле Пен

Токму со тој политички дуел, од Париз не заплашуваа нас во Македонија и другите западнобалканци, околу нашите европски амбиции, а „ стравот“ од Ле Пен, инаку многу добра другарка на рускиот претседател Владимир Путин, француската дипломатија го користеше за да се оправда промената на позицијата на официјален Париз кон Балканот, откако е Макрон во Елисејската Палата .

Со страшната Ле Пен и со  нејзината антимигрантска, националистичка армија од гласачи, која би можела да ги покрене и другите Французи за да гласаат против проевропските партии ( и партијата на Макрон), доколку Париз подржи две од државите од Западен Балкан- Македонија и Албанија – беше заплашуван регионот. Затоа на брзина се измислија  некакви екстра барања за безбедност и стабилност , како и тоа дека Западен Балкан, безмалку, треба да се претвори во Шведска,  за да се покрие француското противење да даде согласност САМО за почеток на преговорите за влез во Унијата.

Париз добро знае дека  преговорите траат шест, седум, па и повеќе години, што ќе рече дека и сега да почнат , ќе ги фатат и следните евро избори во 2024 година,а тоа значи и некое ново стравување ( или само плашење) со ултрадесничарите од француската политичка сцена, а тоа само ја девалвира европската идеја, определбите на ЕУ и нејзините веќе донесени одлуки и кредибилитетот на самата Франција во регионот, кој остана последен во Европа, надвор од Унијата.

Само 0,9 отсто разлика

Некои тирански аналитичари стравуваат дека Париз веќе ја има отпишано Албанија, не толку поради опструкцијата што ја прави тамошната опозиција, туку со плашењето на француската јавност со наплив на албански мигранти, доколку би се отворил преговарачкиот процес.

На крајот се покажа дека годинешниве избори за Парламентот во Стразбур, во Франција поминаа со неуспех на Макрон да ја порази Ле Пен, но излезе  дека ниту таа не успеа да го совлада, без разлика на големиот пад на популарноста на претседателот и на неговиот неуспех да и се наметне на јавноста и да ја поврати довербата на гласачите.

Ле Пен освои само 0,9 отсто повеќе од гласовите , што е далеку од заканувачкото „ цунами“ , добивајќи 23,3 отсто . Партијата на Макрон, пак, освои 22,4 отсто. Згора на тоа, ултрадесничарката овојпат има резултат кој е полош од оној пред пет години, кога имаше освоено повеќе гласови на евроизборите во 2014 година. Тоа значи дека стравувањата биле или претерани , или биле вештачки набилдани, особено, што се знае дека со години на ред, Французите, но и другите Европејци, гласаат различно кога станува збор за европскиот Парламент и кога се определуваат за домашните избори.

Ултрашите останаа без победа

Нема потреба од претерување со  „плашење деца“ со ултрашите и националистите, кога во поголемиот број земји членки, тие имаат доживеано пораз, или неуспех кај гласачите. Така е во Австрија, Бугарија, Хрватска, Кипар, Данска ( каде се очекуваше нивни силен подем), Естонија, Финска, каде исто така се очекуваше тамошните десничари собрани во Финс, засилено да напредуваат, во Грција , Златна Зора се сведе на 4,9 отсто од гласовите, наместо 9,5 отсто пред пет години, во Летонија и Латвија, Португалија и Романија.

Во Холандија некогашниот кандидат за предводник на „ црната алијанса“ на ултрашите во ЕУ Герт Вилдерс, доживеа дебакал и ги загуби сите свои досегашни пратенички места во Парламентот во Стразбур. Неуспех забележи и шпанската ултра десница Вокс која напредна на последните парламентарни избори во Шпанија, како и во Шведска, каде не се исполнија прогнозите за засилен напредок на крајнодесничарската Шведски демократи.

Ако се погледнат конечние резултати, тогаш излегува дека во ниту една земја ултрашите немаат победено,  иако тоа се очекуваше.

Што се однесува до Унгарија, таму и натаму доминира Фидес, иако со минимален раст на гласовите, во споредба со пред пет години, но и со тежок пораз на ултрашите од партијата Јобик. Во Италија успех има забележано националистичката и десно популистичка партија Лига ( порано позната како Лига Норд) на Матео Салвини. Пораст има регистрирано и претходно владеачката Демократска партија, но има потфрлено левичарско-популистичката Чинкве Стеле ( Пет Ѕвезди). Во Полска,  владеачката конзервативна и националистичка партија на Правото и праведноста на европската сцена ја има потврдено својата позиција во домашната политика, со сигурна победа и на евроизборите.

Десноцентристичкиот блок- најброен

Во Ирска, пак,  Шин Феин доживеа неуспех, додека партијата Фина Гел, на премиерот Лео Варадкар извојува сигурна победа. Малта е посебен случај. Таму нема крајна десница , но оваа мала островска земја има регистрирано најдобро постигнување на евроизборите. Тамошната владеачка Лабуристичка партија има освоено дури 54,3 отсто од гласовите, што е далеку најдобро постигнување во сите земји членки и покрај бројните обвинување кон владата за раширената корупција.

Таквиот распоред на гласовите го компонира новиот европски Парламент во кој левицата има 39 европратеници, социјалдемократите 146 и се втора по големина група, Зелените имаат 69, Либералите 109, кои ги подржува и партијата на Емануел Макрон,  додека другите леви партии, заедно, собраа 29 пратеници. Незавсни има само осум европратеници, додека во десниот блок, десно-центристичките партии обезбедија 180 пратеници, со што одново се најбројната група, потоа конзервативците со 59,популистите со 54 и ултрасеничарите и националистите со 58 пратеници во Парламентот во Стразбур.

Имиграцијата главно прашање

Според европските аналитичари, гласачите во ЕУ од сите партии имаат побарано одговор што нив најмногу ги погодува во сопствената држава, а тоа за овие евроизбори беше имиграцијата и заканите од наплив на бегалци и мигранти од неевропските држави.

Едно истражување што е направено пред изборите, покажува дека ако пред пет години, главната тема за која се определувале гласачите во ЕУ, била економијата, сега убедливо тоа беа имиграцијата и миграциските процеси. Дури 40 отсто од анкетираните, го ставиле ова прашање како најглавно, додека економијата сега е далеку назад.

А, токму покренатиот мигрантски бран во 2015 и делумно во 2016 година, за кој се уште не е утврдено- кој и зошто наеднаш го покрена, пет години по почнувањето на граѓанската војна во Сирија- послужи за забрзано растење на крајнодесничарските групи и организации кои се претвораа брзо во партии, често добивајќи странски пари и подршка од земји надвор од ЕУ.

Останува вербата во ЕУ

Тоа , пак, го покрена ( повторното) раѓање на милитантниот национализам во Европа, исламофобијата, расизамот и антисемитизмот. Сето тоа вешто сокриено зад популизмот, како што сега се случува во Италија и Унгарија, во Франција, во дел од Средна Европа и Скандинавија, при што ширењето на омразата се покрива со социјалните проблеми, најчесто на младите од каде и се регрутира ултрадесничарската армија.

Во една таква клима која се одржува во ЕУ (секако не во целата) проевропските сили , сепак, се задоволни од реакцијата на големо мнозинство од европските гласачи.

Вшечаток е дека лугето веруваат оти Унијата има одлучувачка улога за најважните прашања- климатските промени, човековата околина (што го објаснува растот на подршката за Зелените и Либералите), потоа новата енергија, правата на работниците , човековите права и слободи, финансиската стабилност на сите земји-членки, не само тие од евро-зоната, како и борбата со тероризмот.

(С.С.Г.)

 

 

 

 

 

 

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе