Луѓето во ЕУ се позадоволни од живеачката
Луѓето во земјите, членки на ЕУ, во целина, сега се позадоволни со ситуацијата во своите домаќинства, отколку пред шест години, во 2013 година, покажуваат резултатите од најновата анкета на европската Еуростат агенција.
Просечната оценка, на ниво на сите (се уште) 28 земји, е 6,5 од вкупно 10, колку што е максималната оценка. Пред шест години Европејците својата ситуација ја оцениле со оценка шест.
Најзадоволни со својата домашна економија и овој пат се Скандинавците – жителите на Данска, Финска и Шведска кои својата ситуација ја оцениле со просечно 7.6. По нив следуваат Холандија, Австрија, Белгија, Луксембург и Малта. Во овие земји, просечната оценка е седум.
Најнезадоволни во Унијата се Бугарите. Тие својата домашна економија ја оценуваат со 4,3. Пред нив се Грција, Хрватска и Литванија чии жители дале оценка 5,2.
Иако постои забележителната разлика меѓу северот и југот на Унијата за тоа како луѓето гледаат на својата ситуација дома, според анализата на експертите од Еуростат, во сите земји каде е правена анализата, зголемено е задоволството од состојбата во домаќинствата на луѓето, во однос на 2013 година кога последен пат е работено едно вакво истражување. Само во Литванија задоволството пред шест години имало оценка 5,8 а сега тоа изнесува 5,2.
Во Данска, Луксембург и во Холандија во овој период оценката останала иста. Најголем пораст во задоволството на луѓето е регистриран во Грција, Ирска и Португалија, а тоа се трите држави од еврозоната кои беа најтешко погодени со економската криза што ја зафати Европската Унија после 2008 година. Сите три земји беа спасувани со вонредни средства и интервенција на Унијата и на ММФ. Посебно големи средства беа вложени во Грција која по банкротството, мораше да се спасува и од целосен економско-финансиски крах што можеше тешко да им наштети и на еврото и на целата еврозона.
Истражувањето на Еуростат било направено во текот на 2018 година.