Меркел: НАТО е столб на нашата одбрана
Германскиот канцелар Ангела Меркел уште еднаш реагираше со несогласување околу ставовите на францускиот претседател Емануел Макрон, овој пат за НАТО, целосно отфрлајќи го неговото тврдење дека Алијансата е во состојба на „мозочна смрт“.
НАТО е столб на нашата (германска и европска) одбрана и секако дека сите земји од ЕУ кои се и членки на Алијансата треба да преземат поголема одговорност
…рекла Меркел зборувајќи на одбележувањето на 64 годишнината од создавањето на (новата) германска армија, но отфрлајќи ги квалификациите на францускиот шеф на државата.
„Во секој случај, треба да се засили европската страна од НАТО, (со најсовремена техника и вооружување), затоа што, токму поради тоа во ЕУ постои и соработка во областа на одбраната“
…изјавила германскиот канцелар Ангела Меркел.
На изјавата на Макрон реагирал и германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас. Во авторски текст во неделникот „Шпигел“ тој се дистанцирал од квалификациите на францускиот претседател за НАТО.
„Голема грешка би било да се растура Алијансата. Без САД, една Германија, како и ЕУ не би биле во состојба ефикасно да се одбранат“
…тврди шефот на германската дипломатија.
Претседателот Макрон ја разбранува европската јавност, откако минатата недела рече дека НАТО е во состојба на „мозочна смрт“, објаснувајќи го тоа со координацијата на САД со Турција, која воено интервенираше во Сирија.
Никој во ЕУ и меѓу членките на Алијансата не се согласи со една ваква квалификација на францускиот претседател. Американскиот државен секретар Мајк Помпео, пак, кој беше во Берлин на одбележувањето на 30 годишнината од паѓањето на Берлинскиот ѕид, се исмеал на една прес конференција кога бил запрашан да ги коментира зборовите на Макрон, иако и тој како и Меркел се заложил за реформирање на организацијата.
Единствена поддршка и силно одобрување, Макрон има добиено од Москва. Руското министерство за надворешни работи, преку својот портпарол, за изјавата на претседателот на Франција има речено дека „ова се златни зборови“!
Ова е прв пат по многу години, еден француски претседател да го критикува НАТО и да се занимава околу неговата иднина. Последен пат тоа го има направено уште Шарл де Гол во шеесетите години на 20 век, кога Франција излезе од воениот дел на Алијансата, со образложување дека не сака своите воени сили да ги стави „под американска команда“.
Франција после тоа остана само во политичкиот дел од НАТО. И тогаш, како и сега, постапката на Париз беше поздравена од официјална Москва.