Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Десет години Лисабонска спогодба

Travellaggio/BigStock.com

Десет години Лисабонска спогодба

На првиот ден од декември, Европската Унија ја одбележи десет годишнината од Лисабонската спогодба, или од стапувањето во сила на европскиот „устав“ како што овој историски документ го нарекуваа и сакаат да го нарекуваат приврзаниците за поцврсто обединување на Европа.

Спогодбата го носи името на португалскиот главен град, затоа што беше донесена во Лисабон на 13 декември 2007 година, по долги и ни малку лесни преговарања и усогласувања на земјите членки кои траеја неколку години.

Главната дилема беше околу тоа дали ЕУ носи свој устав, или само спогодба која ги уредува внатрешните односи меѓу земјите членки, меѓу главните органи и тела на Унијата, за да биде пофункционална, особено откако од мај 2004 година таа беше зголемена со десет нови членки, а од јануари 2007 година со уште две други – со Романија и Бугарија.

Устав или спогодба

Унијата, особено нејзините поголеми и постари членки, остро се поделија околу ова прашање- Франција, а делумно и Германија (Зелените и левицата), како и помалите држави од Западот, не се спротивставува лисабонскиот документ да биде Устав на Унијата. Меѓутоа, на тоа најмногу се спротивставуваше Велика Британија.

За Британците, аргументите против донесувањето „устав“ беа дека тој е највисокиот правен акт на една суверена држава. ЕУ, пак, не е федерална држава, како што некои порано сугерираа, па дури нудеа и име – Соединети европски држави – туку Сојуз на суверени држави кои секоја за себе има свој устав.

Тони Блер кој беше британски премиер во текот на преговарачкиот процес, иако самиот силно проевропски определен политичар, ги предупредуваше европските партнери дека Британија има евроскептична опозиција (конзервативците), дека такви се мнозинството од нивните гласачи, па дека затоа донесувањето устав на ЕУ може да предизвика бранувања во британската јавност и едноставно да не биде прифатен. Исто онака како што Британија не ги прифати ниту еврото, ниту Шенгенскиот договор.

На крајот, сепак, се најде компромис, каков што Унијата секогаш наоѓа, бидејќи тоа претставува основа за нејзиното единство и постоење, па во Лисабон, ЕУ усвои спогодба.

„Чувари на духот од Лисабон“

Документот стапи во сила на 1 декември 2009 година, а оваа година, јубилејната годишнина се совпадна со стапувањето на должност на новата Европска комисија со 27 еврокомесари (без Британија) и со новиот претседател на европската „влада“, Германката, Урсула фон дер Лејен.

Таа и новоизбраните претседатели на Европскиот Парламент, Италијанецот Давид Сосоли, на Европскиот совет, Белгиецот Шарл Мишел и директорот на Европската централна банка, Французинката Кристин Легард, заеднички ја одбележаа десетгодишнината од Лисабонската спогодба. По тој повод, Сосоли и Мишел и предадоа копија од спогодбата на Фон Дер Лејен.

„Ние сега (мислејќи на новоизбраните највисоки европски функционери) сме чуварите на Лисабонската спогодба и на неговиот дух. На нас е да ја направиме ЕУ уште посилна од онаа која ја наследивме од нашите претходници“ – рекла по тој повод новата претседателка на Европската комисија. Фон дер Лејен минатата недела побара и доби од Европскиот Парламент мандат со поддршка за, како што тогаш рече, новиот почеток на Европа. Првата работа со која таа и Комисијата ќе се соочат е Самитот за климата, што неделава се одржува во Мадрид.

Зголемени овластувања

Со Лисабонската спогодба беше воведена функцијата претседател на Европскиот совет, како и висок претставник за надворешна и безбедносна политика, што по функција е и еден од потпретседателите на Европската комисија.

Со Спогодбата од Лисабон се зголемија и овластувањата на Европскиот Парламент кој стана многу повеќе она што парламентите треба да бидат, а во Европскиот совет беше воведено гласање со т.н. квалификувано мнозинство, наместо дотогаш доминантното гласање со консензус. Тоа сепак, не беше целосно укинато, затоа што се применува кога треба да се гласа за некои клучни подрачја.

До пред десет години, улогата на претседател на Европскиот совет ја имаше премиерот, или претседателот на државата членка, за време на шестмесечното претседавање со Унијата. Тој систем, меѓутоа, беше критикуван затоа што со честите смени (на секои шест месеци) се губеше континуираноста во раководењето и водството на ЕУ, која со влегувањето на земјите од поранешна, комунистичка Европа беше значително поголема и побројна.

Ромпуј и Туск

Прв претседател на Европскиот совет беше Белгиецот Херман Ван Ромпуј кој остана на таа функција во два мандата од по 2,5 години. Него го наследи Полјакот Доналд Туск кој исто така остана пет години на чело на ова тело, давајќи и на функцијата многу посилен и личен и политички печат од неговиот претходник. Сега на тоа место е уште еден Белгиец, досегашниот белгиски премиер Шарл Мишел.

Претседателот на Европскиот совет, иако на тоа место различно делуваа Ромпуј и Туск, можеби и затоа што и европските политички прилики не беа еднакви со првиот и со вториот претседател, сепак, не значи дека политичарот на таа функција е претседател на ЕУ, како што евроскептиците тоа сакаа да го толкуваат на почетокот од Лисабонската спогодба. Последниот збор, во секој случај, го имаат европските лидери, а тоа најубаво се виде на октомврискиот Самит во Брисел.

На него, само еден од лидерите (францускиот претседател) се спротивстави Македонија сега да добие датум за почеток на преговорите за членство, иако и Европската комисија и Европскиот Парламент и претседателот на Европскиот совет се определија за тоа Скопје да го почне преговарачкиот процес.

Доналд Туск, како актуелен претседател, тогаш јавно и остро ја осуди француската блокада, означувајќи ја како штетна за Македонија, опасна за регионот на Западен Балкан и целосно погрешна за кредибилитетот на Унијата, со што можеби за прв пат, на таа функција и даде и политичка, а не само техничка улога.

(А.И.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе