Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Парите од ЕУ условени со владеење на правото?

Janeuk86/Bigstock.com

Парите од ЕУ условени со владеење на правото?

Европската комисија и Брисел настојуваат на секаков начин да воспостави контрола врз владеењето на правото и системот на вистински правна држава и во рамките на самата ЕУ, меѓу земјите членки, колку и тоа да изгледа неверојатно. На ваквите барања кои по правило им се поставуваат на државите кои претендираат да се зачленат во Унијата, сега Брисел ги потсетува и земјите членки кои очигледно отстапиле од правилата.

Последниве години, ЕУ има проблеми со земјите од некогашната Вишеградска група- четворката од Средна Европа (Полска, Унгарија, Чешка и Словачка) која важеше за предводник во пост-комунистичката транзиција на државите од некогашниот советски воено-политички блок, кои на почетокот од деведестите години на 20 век  посакаа одново да се вратат во демократска Европа.

Посебно сериозни се проблемите што Брисел ги има со националистичките и десничарско-популистички влади во Варшава и во Будимпешта.

Прекршување на правилата

Полската и унгарската влада во низа наврати ги имаат прекршено основните одредби и правилата на ЕУ, врз кои се потпира европската интеграција, во делот за владеење на правото, на почитување на слободата на медиумите, правосудниот систем, па дури и на вистинската демократија. Станува збор за  низа ситуации, посебно при носењето на контроверзните закони за судиите, судскиот систем, или за медиумите. Или, пак, дури и за создавање општествена атмосфера блиску до авторитарното владеење, како на пример во Унгарија.

Владите на овие две земји и Европската комисија, повеќепати имаат разговарано за овие состојби кои Брисел  редовно ги осудува, уште со стариот состав на Комисијата. Подоцна, од Брисел до Варшава, а посебно до Будимпешта стигнуваа и предупредувања за можно санкционирање на овие две источно-европски држави за нивното непридржување на европските правила кои, инаку, ги имаат прифатено во текот на преговарачкиот процес за влез во Унијата, како и при потпишувањето на европскиот договор за членство.

Нови механизми

Ништо досега не помогна да се натераат владите во овие две држави да се вратат на европскиот пат, па против нив ( одвоено) се покренати постапки кои би можеле да завршат со нивно казнување. Според одредбите на член седум од Лисабонската спогодба, тие би можеле да бидат казнети со забрана на правото да гласаат, казна која досега не е применета против ниту една од членките на ЕУ.

Уште старата Европска комисија, а сега и новата, предводена од Урсула фон дер Лајен, настојува да се внесат нови механизми со кои би се санкционирало отстапувањето од европските правила и повелби. Едно од нив е парите од европските фондови за побрз развој ( што земјите од Истокот ги користат во големи износи) да бидат врзани ( условени) со тоа како државата која бара вакви  пари се однесува кон системот за владеење на правото.

Еден ваков механизам може да биде силно орудие на Европската комисија за ставање ред, кога станува збор за владеењето на правото, затоа што во текот на изминатите 15 години- од 1 мај 2004 година- новите десет членки, од кои осум екс комунистички- имаат добиено финансиска помош од 375 милијарди евра. Само Полска има примено дури 135 милијарди.

За ова се расправало на последниот состанок на европските министри за правда, во главниот град на Хрватска, земјата која во следните шест месеци претседава со ЕУ. Според еврокомесарот за правда Дидије Рејндерс , Европската комисија заговара во новиот буџет на ЕУ, исплатата на средствата од развојните фондови, да се врзува за владеењето на правото.

Порака до Истокот на ЕУ

Никој, секако, не споменува што е поводот за ваквата намера на Брисел, освен дека сето ова се става во настојувањето, како што се вели,  за „ стегнување“ на Унијата, која по големото проширување од  2004 година,  не ретко на моменти, изгледаше како да нема „ командант на бродот“.

Но, очигледно е дека се испраќа порака до некои членки во ЕУ на Истокот од европскиот континент, затоа што ваквата намера се обелоденува токму во времето кога Полска го турка својот крајно контроверзен закон за правосудство и за судиите, со кој меѓу другото треба да се дисциплинираат судиите, критички настроени кон реформите во судскиот систем.

„ Нешто мораме да направиме , а тоа би можело да се внесе во рамките врз кои се уште се подготвува новиот европски буџет„- рекол на состанокот еврокомесарот кој е од Белгија. Според експертските толкувања, за ова веќе постојат определени алатки, како што е од оваа година отворената канцеларија на главниот европски обвинител, како и првиот извештај за состојбата со владеењето на правото во Унијата, што треба да биде изготвен годинава.

Тешко до консензус

Во Брисел велат дека Европската комисија сега настојува да ги увери сите 27 земји-членки  дека целата ЕУ, сегашноста и иднината на Унијата, како и  нејзиниот престиж ќе имаат голема полза од постоењето и функционирањето на една ваква мерка-  врзувањето на  давањето пари за тоа каква е состојбата со владеењето на правото.

Скептиците, а тие не се малку, меѓутоа, проценуваат дека ваквата мисија на Брисел е „ сизифовска работа“ .Тие сметаат  дека реално,  мали се шансите, сите во ЕУ, а посебно  оние членки од Истокот, да се согласат да им се наметне еден ваков механизам.

Едноставно, ваквата мерка, како и новиот буџет на ЕУ, треба да се донесат едногласно, со согласност на сите во Унијата. А тоа, како сега стојат работите, тешко ќе помине кај владите во Будимпешта и во Варшава, барем додека таму се на власт сегашните политички гарнитури.

(Д.Б.)

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе