Поврзете се со нас

Skopje Global

Конечно – НАТО и ЕУ

Македонија

Конечно – НАТО и ЕУ

Julius Kielaitis/BigStock.com & AlexLMX/BigStock.com & JanPietruszka/BigStock.com

Конечно – НАТО и ЕУ

Македонското државно знаме подигнато на јарболот пред седиштето на НАТО, првата министерска седница на политичкиот дел од Алијансата на која шефот на нашата дипломатија (прв пат) учествува во својство на министер на земја – полноправна членка, а сето тоа започнато во декември, кога нашиот во тоа време премиер, учествуваше на рамноправна основа, на специјалниот Самит на оваа организација по повод нејзиниот 70 годишен јубилеј во Лондон, се моменти за паметење во македонската современа историја.

Тоа се историски моменти, затоа што државата на голема врата влезе во Европа, извлекувајќи се после бројни вековни и децениски настојувања од Балканот, не во физичката смисла на зборот.

Уште, заокружувајќи го нашето излегување на големата меѓународна сцена со (конечното) добивање „зелено светло“ за почеток на преговорите за влез во ЕУ.

Историско постигнување

После приемот во ОН, кога независната македонска држава за прв пат беше запишана во Светската организација, како целосно независна и суверена, остварувајќи го на тој начин сонот на многу генерации ВИСТИНСКИ македонски патриоти – да се има сопствена држава, како што тоа го имаа другите балкански народи – полноправното членство на Република Северна Македонија во НАТО и отворената врата за ЕУ, се вистински историски постигнувања.

Во тие моменти, разни дежурни скептици, „бљак“ интелектуалци, фрустрирани квази експерти, а над се лажни патриоти и исто такви националисти, ставени и овој пат во службата на туѓи интереси, покажаа уште еднаш – колку не си ја сакаат сопствената држава.

Македонија, така, доживеа како никој друг, нејзиното енергично зачекорување по евро-атланската патека да помина – без малку молкум.

За една скопска телевизија која настојува да се прикаже како некаква „ марка“, веста за НАТО се најде зад пласманот на зелките. За другите „мудреци“ на Фејсбук и на интернет кои живеат во шемата дека се некаква совест на домашната јавност, или уште повеќе, дека од таму треба да раководат со државните работи, порачуваа дека не било време за славење- сме се наоѓале среде криза со пандемијата со коронавирусот.

Крах на медиумите

И тоа е така. Судбината сакаше овие моменти на кои другите околу нас, на времето им се радувале, за нас да се поклопат со времето кога државата, Европа и светот се соочува со најголемата пандемија во последните 100 години. Згора на се, државата е со „техничка“ влада, во времето до пред закажаните, па одложени предвремени избори.

Требало да се користел некаков ступиден модел „Пржино-2“, што еднаш се направи кога се уриваше деспотскиот режим на сегашната опозиција, која бараше тоа да се користи и за овие избори, иако тие доаѓаат во сосема демократска и релаксирана политичка атмосфера.

Водејќи сметка за ова, а во исто време борејќи се со заразата, актуелната техничка влада, изгледа не сакаше во едни вакви услови да отвора политичка борба со националистичката, антиевропска и антизападна опозиција.

Уште помалку со домашните медиуми, од кои некои несвесно, а другите свесно им служат на противниците на европеизацијата. Тие, пак, се погрижија вирусот, зелката, низа технички работи околу пандемијата, па работното време на разни служби и прашањата на семоќната јавна администрација, да го потиснат триумфот со македонското излегување во Европа.

Антиевропска опозиција

Од она што се нарекува опозиција тоа и се очекуваше. Па, тие 11 години на режимската власт ги потрошија за попречување на европеизацијата на земјата, за воведување деспотија, за криминал и за заробување на државата, заменувајќи ги НАТО и ЕУ за дружбата со Русија, изолирајќи ја целосно државата од Европа, правејќи ултра-десничарска црна алијанса, против слободната, либерална европска демократија.

Тоа друштво во Македонија кое сега го управува поранешниот ген.сек. на партијата, која инаку се води од Будимпешта, од избеганиот осуденик-лидер, во моментите кога требаше како сите екс комунистички држави од Источна Европа, кога влегуваа во НАТО/ЕУ, да помагаат и да лобираат за својата држава, тоа не го направија.

Наместо тоа, тие БАРАА ОД ЕВРОПА, да не и се даде зелено светло на Македонија за ЕУ.

Нивни „експерти“ и партиски функционери пишуваа писма до функционери во ЕУ и странски дипломати, со такви барања, агитирајќи против сопствената држава!!

Тие се против НАТО, затоа што немало од кого да се плашиме и немало кој да не нападне, како што цинично тврдат – сега имаме добри односи со сите наши соседи. Од тоа друштво ни доаѓаат и пораките дека наместо НАТО/ЕУ, нам ни требало „ сојузење со Србија на Александар Вучиќ и со Русија“.

Долго чекање

Ако од ваквите антимакедонски позиции на лажните патриоти на домашната опозиција ништо не треба да не изненадува, домашните медиуми требаше да имаат далеку поголем сенс за моментот. Можеби и токму затоа што го засенува пандемијата со коронавирусот.

Ако тоа чувство за големина, за историчност, за постигнувањето на една проевропска и прозападна влада, го немаа овдешните медиуми, пријателите на државата низ светот- од НАТО и ЕУ, од САД, преку Европа, па до една Грција – тоа го имаа. Тие и го честитаа постигнувањето и го врзуваа тоа за безбедноста, на земјата која конечно е под колективниот чадор на Алијансата, но и за регионот, потсетувајќи дека Македонија, конечно, ги реализира своите стратешки цели- прифатени уште пред повеќе од четврт век.

А, чекавме на овие моменти долго време – повеќе од сите другите.

Веднаш по прогласувањето на независноста, Скопје ја отфрли понудата на Москва да биде дел од тогашната руска идеја за некаква јужнославјанска, или православна асоцијација, која би се предводела од Русија.

Беше тоа обид да се замени растурањето на источноевропскиот, советски блок, во кој Македонија никогаш не припаѓала, ниту како дел од поранешна Југославија.

Македонија пред другите

Македонската ориентација, напротив, уште тогаш беше определена кон Западот, кон НАТО и кон европските интеграции. Кога во втората половина на деведесеттите години на 20 век, Алијансата направи список на претендентите за членство во НАТО, Македонија со Словенија го делеа седмото и осмото место. Една Словачка беше зад нас, Бугарија и Романија не знаеја се уште каде да се определат, Хрватска беше во поствоен хаос, Црна Гора не постоеше како независна држава, а Албанија беше пред распад.

Пред нас беа само трите држави на тогашната Вишеградска четворка (Полска, Чешка и Унгарија) и трите балтички земји. Македонија имаше реална шанса да биде заедно со Словенија во тоа друштво, но не стана.

За разлика од денес, кога националистичката опозиција е отворено против нашиот европски пат и повеќе го сака моделот на една Белорусија, во тие години, луѓето од таа партија ја подржуваа определбата на државата, како што тоа го правеше и големото мнозинство од јавноста.

Сепак, остана последна – на крајот – како триесеттата членка, зад земјите кои ниту имаа амбиции како нашите, а ниту мислеа дека ќе отидат на „другата“ страна.

Времето (не)работи за нас

За добар дел од овдешната јавност, вината е во блокадите на соседна Грција, која од почетокот на нашето осамостојување го постави прашањето за името на нашата држава, настојувајќи да ја увери меѓународната јавност дека името „Македонија“ за новата држава претставува закана за нејзината безбедност, како и основа за „иредентизам“, кон областа Македонија во северниот дел од Република Грција.

Во 1993 година, државата доби привремено име – Поранешна југословенска република Македонија и остана со него до договорот од Преспа. Во 1995 година, Скопје и Атина постигнаа договор за нормализација на односите.

Новата независна држава го тргна сонцето од Вергина, од државното знаме што тогаш „ некои мангупи“ ни го поттурија, иако сите знаевме дека тоа никогаш и никаде не било симбол врзан за етничките, словенски Македонци, врз кои се потпира современиот македонски национален идентитет.

Од тогаш, се прифати тезата дека времето работи за нас, што ќе се покаже како грешка.

Прво, затоа што и одговараше само на Грција која така своето „ македонско прашање“ можеше да го стави „ под килим“.

Второ, затоа што доколку тогаш собравме храброст, лидерство и вистински патриотизам, а не ситно партиски сметки, за да се имаат при рака т.н. „егејски гласови“, Македонија можеше да се испазари со Атина и да има отворена врата кон евро-атлантските интеграции.

Едноставно, многу рано ќе можеше да ги реализира своите стратешки цели и да стане и европски партнер и да биде многу побогата и поразвиена држава, во секој поглед.

Во ЕУ со Хрватска

Во секој случај, Македонија можеше да биде дел од ЕУ, заедно со Хрватска, во 2013 година, ако деспотскиот режим на избеганиот екс премиер, осуден за криминал, не ги започна своите валканите игри. Тој во 2008 година, се спогоди со САД за договор за името со Грција – „свитка кичма“ за без малку истиот модел на дил, како оној што го постигна Зоран Заев со Алексис Ципрас, но десет години подоцна, во Преспа.

Кога се мислеше дека работата е готова лидерот на националистите, заедно со тогашниот претседател на државата, на Самитот на НАТО во Букурешт, се направи како спогодба со Американците, зад затворена врата, да не постои.

На Самитот се обиде да им продаде магла, како што тоа го правеше со македонските гласачи, па понуди решение со името „Република Македонија/Скопје”.

Секако, знаеше дека тој предлог, инаку првиот на Метју Нимиц, не беше прифатлив за Атина, но беше отфрлен и од Скопје, со одлука на Собранието и со гласовите на националистичките пратеници.

Во НАТО не купуваат магла, па од јадранската тројка-кандидати за НАТО, беа примени Хрватска и Албанија. Македонија остана надвор, точно така како што сакаше деспотот.

Од тој момент тој отвори војна со Западот, почна да не убедува дека не сме Словени, туку некакви антички Грци. Од Скопје направи Лас Вегас, со кич антички споменици за што се фрлија 800 милиони евра (најмалку) – сметајќи ја и провизијата што ја земаа оние кои станаа дел од новата класа што режимот ја создаваше до крајот на владеењето.

Преспа го обезбеди идентитетот

Валканиот гест во Букурешт, неговите новинари во Скопје го претворија во патриотско дело. Тажно беше што сето тоа гласачите го прифатија здраво за готово, а прифатија и од нивната земја да се направи партиско-семејна компанија.

Не знаеја дека деспотот, сега бегалец од затвор, во Букурешт, практично, по втор пат ги измами Европа и сите оние кои сакаа да ни помогнат.

Во 2005 година, кога Тони Блер како претседавач со ЕУ, успеа да се избори за кандидатски статус, на тогашната позиција и на опозицијата (предводена од деспотот, тогаш продавајќи се за реформатор) им беше порачано – статусот на земја, кандидат е тука, но за датум за преговори ќе мора дил со Грција за името.

И тогаш деспотот ветил дека ќе го направи тоа, но набргу по преземањето на власта, стана јасно дека тој и неговото националистичко друштво, не прават и не сакаат дилови.

Тие не го сакаат Западот, додека на деспотот му е најважно да владее авторитарно.

Својот подем кон Европа, државата го почна дури кога на власта (по неуспешниот пуч, подржан од странство) дојдоа Зоран Заев и неговата проевропска и прозападна влада. Тој и министрите ја вратија државата на нејзиниот европски колосек.

Конечно, се најде лидер кому интересите на државата му беа најважни, па го направи оној компромис што се бараше од почетокот – географска одредница, како додавка на името, за се општа употреба. И, ја внесе државата во НАТО, отворајќи го патот за ЕУ.

Притоа, го обезбеди словенскиот идентитет и националната посебност на Македонците- и тоа со меѓународен договор.

(Т.И.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Македонија

Горе