Поврзете се со нас

Skopje Global

Трендови + Општество

Џефри Раш го победи Руперт Мардок

Starfrenzy/BigStock.com

Џефри Раш го победи Руперт Мардок

Оскаровецот Џефри Раш, конечно, го победи моќниот новински медиумски тајкун Руперт Мардок, откако Врховниот суд на Австралија, во жалбена постапка, ја отфрли жалбата на неговата компанија „Нејшнвард Њуз“, која го издава весникот „Дејли Телеграф“ од Сиднеј и ја потврди првичната одлука на основниот суд.

Актерот Раш не само што е ослободен од сите обвинувања за наводно сексуално „малтретирање“ на една австралиска актерка, туку има добиено и целосна правна и материјална сатисфакција за клеветењето на кое бил изложен, во неколкуте написи на овој весник.

Врховниот суд не само што ја има потврдено пресудата за тоа дека мардоковата компанија треба да му исплати отштета на Раш, туку го потврдил и износот на отштетата за што се жалеле и компанијата и редакцијата на сиднејски „Телеграф“.

Највисока отштета во Австралија

Џефри Раш кој е познат по своите бројни улоги во низа филмови, во јавноста на Австралија сега се прикажува и како човекот кој успеал досега да добие и највисока отштета за клевета, во приватен спор, во историјата на австралиското судство од 2,9 милиони австралиски долари (два милиони американски).

И тоа, против компанија на моќниот Мардок.

Според конечната пресуда, Раш добива отштета за повреда на угледот што му ја имаат направено написите во весникот, потоа за материјалната загуба со која се соочил поради текстовите кои го прикажуваат како „сексуален напасник“ во времето додека целиот случај бил отворен, како и надокнада за штетата што може натаму да му го предизвикува клеветењето, како што двата суда го имаат окарактеризирано пишувањето и однесувањето на весникот.

Адвокатите на актерот, првично, имаат побарано отштета од дури 25 милиони австралиски долари. Сега тие, сепак, се задоволни од конечната пресуда на судот.

Адвокатите на новинската компанија, како и на весникот, меѓутоа, сметаат дека судот погрешил што го има отфрлено сведочењето на актерката по чие зборување биле правени написите во „Телеграф“, што на некој начин покажува дека тие и натаму остануваат на позициите дека актерот не заслужува да бара и да добие отштета.

Обвинување од актерка

Случајот потекнува од времето кога низ светот се раширија примерите за „сексуално насилство, или за сексуално вознемирување“ на жените, на работното место, што со помош на силната медиумска поддршка прерасна во своевидно движење познато како „Me Too”.

Тоа особено доби на силина по обвинувањата и судењето на некогаш мошне познатиот и угледен холивудски продуцент Харви Вајнстин – за сексуално насилство и силување – но, поради овој случај во САД, целото движење, во далеку најголем број случаи, се задржи во светот на филмот, забавата и театарот.

Во тоа време ии во една ваква атмосфера кога се повеќе жени, се охрабруваа да откријат дека биле жртви на „сексуално вознемирување“, во Австралија се појави „случајот Раш“, откако актерката Ерин Џин Норвил го обвини за „неприкладно“ однесување, или за сексуално вознемирување.

Врз основ на нејзините искази сиднејски „Дејли Телеграф“ има објавено серија од неколку написи во кои актерот се прикажува во едно сосема поинакво светло од она кое важи за него во светот на филмот и театарот.

„Гола клевета“

Приказната на Норвил потекнува од 2015 година, кога таа му била партнерка на Џефри Раш во театарската претстава Кралот Лир, на Вилијам Шекспир.

Раш веднаш ги има отфрлено сите вакви обвинувања, означувајќи ги како „гола клевета“ од актерката, а преку своите адвокати има побарано од весникот да не верува во приказната на Норвил и да не ги објавува написите кои биле подготвени.

Редакцијата на „Телеграф“ го отфрла тоа барање, уште означувајќи го и како притисок врз медиумите, а Раш покренува судски спор.

Судот уште во првичната постапка, меѓутоа, го има отфрлено сведочењето на колешката на Раш, констатирајќи дека нема основа за тешките обвинувања што ги има во написите, а судијата ја има оквалификувано Норвил како „личност склона кон претерување“.

Едноставно, уште веднаш судот утврдил дека при заедничката работа, Џефри Раш се нема однесувано „како што не треба“, па затоа и се определил да му пресуди на весникот дека написите се само клевета, како и да определи висока отштета за повреда на угледот на актерот.

Весникот, како и да е, со серијата написи за еден познат и популарен актер, има постигнато тираж.

Тоа преку рекламите го има зголемено и неговиот приход, а тоа е филозофијата на работењето на Мардок уште од времето кога тој почнува да ја гради својата медиумска империја.

Профитот пред вистината

Таа филозофија тргнува од тоа дека најважен од се е профитот – можеби и актерката Норвил и да не е за верување, но тоа секако ќе се чита и може да го подигне тиражот. Сега ќе се плати отштета, меѓутоа, може ќе се покаже дека таа е помала од она што весникот на крајот го постигнал – материјално. Низ неговата заработувачка.

Тоа не го одобрува поголемиот дел од австралиската јавност која се спротивставува на бројни написи кои се појавуваат во јавноста со „тенки“ факти и многу често никакви докази.

Во таквата атмосфера, овој дел од јавноста гледа со одобрување на високата казна за „Телеграф“ од Сиднеј, верувајќи дека тоа ќе ги натера медиумите да се размислат добро, пред да пуштаат написи во кои има само клевета и ништо друго.

Медиумите, пак, сето тоа (па и случајот на Џефри Раш) го прикажуваат како потреба да се задоволат јавниот интерес и барањата на читателите.

За приказната за Раш овој, но и некои други весници, сметаат дека требало да се објави тврдењето на актерката Норвил, затоа што тоа е во јавен интерес – да се знае како се однесува една јавна личност, каков што е Џефри Раш.

Без разлика дали е така како што таа тврди. Според оваа „филозофија“, тој ќе треба да докажува дека е во право!

(Г.И.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Трендови + Општество

Горе