Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Аја Софија во рацете на Ердоган

Bulgn/BigStock.com

Аја Софија во рацете на Ердоган

Во своите без малку 15 векови постоење, на Аја Софија во некогашен Константинопол, денес Истанбул, нејзината судбина секогаш била во рацете на оние кои владееле со просторот на Босфорот, сместен меѓу два континента – Европа и Азија и меѓу две различни култури.

Изградена е за да биде симбол на христијанството на Истокот и на моќта на Византиската Империја, како најголемата црква во тоа време во светот, со одлука на нејзиниот император. По околу илјада години, е претворена во џамија со наредба на еден султан кој бил доволно мудар и (веројатно восхитен) од нејзината архитектонска убавина и величина, за да не ја урне, туку на четирите страни од катедралната црква, само да изгради четири минариња.

Притисок од конзервативците

Во средината на триесеттите години на 20 век, одново еден владетел – овој пат „ таткото“ на современа, секуларна Турција, има одлучено таа да не биде ниту џамија, а ниту црква, туку да се претвори во музеј.

Во денешно време, шефот на таа држава, треба да одлучи што да биде со Аја Софија, во иднина. Дали да остане и натаму музеј и да го почитува аманетот на Мустафа Кемал – Ататурк, или пак, одново да се претвори во верски објект, во џамија.

Актуелниот турски претседател Реџеп Таип Ердоган, најверојатно, ќе треба да пресуди за нејзината судбина, откако Државниот совет на Турција (највисокиот административен суд во земјата) расправаше за Аја Софија, но излезе дека на крајот не донесе конечна одлука.

Според аналитичари во Анкара, тоа значи дека Ердоган кој владее со земјата 20 години и неговата влада, сега, ќе треба да пресечат за како што се вели – „силниот притисок“ и за барањата на конзервативците, на националистите и на исламистите, како и на приврзаниците на ердогановата владејачка партија – Аја Софија, наместо музеј, одново да се користи само за религиозни потреби и за молитви – како џамија.

И музеј и џамија?

Турскиот весник „Хуриет“ смета дека одлуката веќе била донесена и дека таа би можела да се обелодени уште на 15 јули, на четири годишнината од неуспешниот пуч против Ердоган и неговата исламска партија.

Таквото тврдење на овој весник, меѓутоа, не е потврдено, но никој ниту го демантира. Владата, пак, претходно, само соопшти дека ќе се почитува одлуката на судот (на Државниот совет).

Има и мислење дека на крајот би можело да се обезбеди некакво решение кое во Истанбул се нарекува како компромис, на тој начин што Аја Софија би била и натаму музеј, но во неа би се изведувале и верски обреди.

Приврзаниците на ваквото решение сметаат дека тоа е најдобрата солуција во овој момент, посочувајќи дека тоа е направено со истанбулската Сина џамија, што е отспротива на Аја Софија, која е отворена за туристички потреби, но се користи за религиозни обреди.

Кога се разбра дека власта во Турција (одново) размислува за судбината, поттикнат од засилениот исламизам во земјата, во последните петнаесетина години, врз Ердоган и врз неговата влада се испратени низа пораки и барања да не се менува статусот на некогашната црква, па потоа џамија.

Неприфаќање на историјата

Од ОН, на пример, со сугестија дека Аја Софија треба да остане музеј, затоа што преку неа се истакнува и посебноста што ја има градот каде таа опстојува речиси 1500 години.

Потоа, од Унеско, под чија заштита се наоѓа како објект што е дел од светското културно наследство, како и од американската администрација, преку писмото на државниот секретар на САД, Мајк Помпео до турскиот претседател.

Изградена е како црква во 537 година (во шестиот век) за да биде најголемиот објект во тогашниот православен свет, во Византија и само во времето на владеењето на Млечаните, таа служела и како католичка катедрала.

И останала да постои и да делува како црква се до 1453 година кога османлиските сили, конечно, го освојуваат Константинопол, применувајќи го градот во Истанбул, додека црквата со наредба на султанот Мехмед Освојувачот, се претвора во џамија.

Тврдите денешни турски исламисти, меѓутоа, не ги признаваат и не ги прифаќаат ваквите факти на историјата кои се гледаат од внатре и од надворешноста на Аја Софија, па едноставно, бришат над 900 години историја и тврдат дека објектот е ОСТАВИНА на султанот Мехмед.

Токму тие се и предводници на сегашното барање овој историски објект, кого годишно го посетуваат над еден милион странски туристи, во иднина да биде САМО ЏАМИЈА, онака како што тоа го наредил султанот кој го освоил градот.

Секуларисти и исламисти

Тие бараат судот да ја поништи одлуката на владата на Ататурк од 1934 година, додека од сегашната турска влада бараат пресудата веднаш да стапи во сила, затоа што НЕ ВЕРУВААТ во легалноста тогашниот Совет на министрите (влада на тогашна Турција).

Според нив, не е ниту точно дека Мустафа Кемал го видел и го потпишал тоа владино решение, затоа што тврдат дека неговиот потпис (наводно) бил фалсификуван!

Оние кои добро ја познаваат турската политичка сцена и реалноста во која живее денешна Турција, тврдат дека сето ова околу Аја Софија не е битката за зграда, за еден објект изграден од памтивек, туку дека во барањата на исламистите и ултра – конзервативците и распалената дебата што да биде со неа, има многу домашна политика.

Прво, тоа е жестокиот судир меѓу секуларистите, оние кои инсистираат земјата да продолжи на принципите врз кои Ататурк ја има поставено Турција и исламистите и националистите кои во најголемиот број се во редовите на партијата на Ердоган и се мнозинството од неговите гласачи. Второ, тоа е веќе познатата тактика на турскиот лидер да се расправа со Западот и да собира дома поени, обично, кога на внатрешен план (економски или политички) не и оди добро на државата.

Политикански игри

А, се смета дека сега е токму таков случајот. Турската економија која и пред тоа навлезе во рецесија, се соочува со дополнителна криза, поради пандемијата со коронавирусот.

Независни аналитичари, поради ова, проценуваат дека тој самиот ја има поттикнато целата оваа дебата, потсетувајќи дека Аја Софија и покрај сите барања на меѓународната јавност, повеќепати е користена и како верски, исламски, објект на кои во неколку наврати присуствувал и самиот Ердоган.

Затоа, се верува дека неприкосновениот турски лидер, преку Аја Софија настојува да ја зацврсти уште повеќе својата конзервативна, исламска база, од каде се регрутираат и неговите гласачи и да го тргне јавното мислење од сегашната криза во земјата.

Секуларниот дел од турското општество ги осудува овие, како што се вели, политикански игри на Ердоган, но над се остро се противи на намерата да се тргне настрана политичката филозофија на Ататурк, за сметка на натамошната исламизација на општеството, само за да може актуелниот претседател бесконечно да владее со државата.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе