Поврзете се со нас

Skopje Global

ЕУ – Со компромис до пакетот за санација

Европа/ЕУ

ЕУ – Со компромис до пакетот за санација

XavierLejeune/BigStock.com

ЕУ – Со компромис до пакетот за санација

Лидерите на земјите членки на ЕУ, на крајот на својот Самит во Брисел, како што тоа обично и се случува, успеаја да постигнат компромис за финансискиот пакет за санација и за обнова на европската економија, по штетата предизвикана од кризата со глобалната пандемија со коронавирусот.

Пакетот е огромен и тежи цели 750 милијарди евра, што ќе бидат распределени во форма на грантови и на поволни заеми наменети за сите 27 земји членки во наредниот период.

Постигнувањето на компромисот, меѓутоа, не беше ниту лесен, а ниту едноставен, па разговорите беа маратонски и како што откриваат европските медиуми, крајно напнати. Траеја дури четири дена, или 90 часа, што е за 25 минути помалку од досегашниот рекорд, забележан на Самитот на ЕУ во Ница, во 2000-та, кога се решаваше за идното проширување на Унијата.

Богатите контра Југот

Ваквата разврска на овој Самит, како и напрегнатата атмосфера, исполнета со спротивставени гледања и позиции, беше очекувана уште во времето на неговото подготвување.

Уште тогаш беа манифестирани острите несогласувања на неколку, инаку богати земји членки на ЕУ, со оние од „јужното крило“ на Унијата, во Медитеранскиот блок членки кои најтешко беа погодени од кризата со епидемијата- платија со најмногу жртви и со економија на работ од колапс, поради долгиот карантин.

Разликите беа изразени околу висната на пакетот за санација, како и во начинот како тие пари ќе се доделуваат.

Тие спротивставени гледања пред Самитот беа и јавно манифестирани откако Германија и Франција, заедно со Европската комисија се согласија за финансиски пакет од 750 милијарди евра. Мерка која досега никогаш не е донесена и посебно не во волква износ.

„Штедливци“ – Скржавци“

Нервозата настана кога предлагачите определија 500 милијарди да се доделуваат како грантови, додека другите 250 милијарди да бидат распределени како заеми (кредити) за земјите-членки.

Четири држави (Холандија, пред се, како и Австрија, Данска и Шведска) веднаш се спротивставија.

Според нив, станува збор за огромен износ (згора тука е и европскиот буџет за следните седум години, во износ од рекордни 1100 милијарди евра).

Бараа намалување на пакетот за помош, уверувајќи дека штетата, сепак, не е толку висока, како и намалување на изност предвиден за грантови (неповратни средства).

На тоа, земјите од Југот на ЕУ, пред сите, Италија и Шпанија, како и Португалија, ги обвинија оние од „четворката“ дека не се „штедливци“, туку дека се „скржавци“.

Италијанскиот премиер Џузепе Конте, уште и предупреди дека „четворката“ ги урива темелите на Унијата и принципот на солидарност, затоа што во овој случај кризата не е резултат на лошо и недомаќинско работење, туку е предизвикан од „надворешна и невидлива сила“ која ја разори европската економија.

Италија и Шпанија пред сите другите

Со првичната шема за распределба на грантовите, Италија требаше да добие 81,8 милијарди, Шпанија нешто над 77 милијарди евра.

Потоа следуваа Франција 39 милијарди, Полска 38, Грција 32, а Германија 30 милијарди евра.

Во групата на првите осум земји-членки за добивање грантови се наоѓаа и Романија со предвидени 19,8 и Португалија со 17 милијарди евра.

Разликите и несогласувањата останаа до почетокот на корона-самитот, а сега е јасно дека се одржувале и во текот на неговото одржување.

Но, за претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел – најважното е дека договор е постигнат.

Станува збор за компромисна согласност за најголем износ на заедничка позајмица, што, според Мишел, има „клучно значење за ЕУ”.

Помалку пари за грантови

Според компромисното решение, програмата за доделување грантови сега “тежи” 390 милијарди евра, или помалку за 110 милијарди, но главнината останува да биде префрлена за земјите со најголема штета од пандемијата, а пред се, за Италија и Шпанија.

Во текот на преговорите и трагањето по компромисно решение, овие две земји инсистираа дека износот за грантови да не падне под 400 милијарди. Тоа на крајот не им помина.

Од друга страна, наместо 250 милијарди, првично определени за заеми, сега многу повеќе, или 360 милијарди ќе се делат на тој начин – како кредити, со прифатливи каматни стапки.

Тоа значи дека вкупниот износ од предложените 750 милијарди остана непроменет, но компромисот со „штедливите“ се направи кај намалувањето на парите за неповратни средства, за сметка на заемите.

Контролен механизам за доделените пари

Како и да е, овој огромен финансиски пакет се очекува да им помогне на членките да ја одржат потрошувачката и по карантинот, што во голема мерка се одрази на јавните финансии, траејќи од неколку недели до неколку месеци, во зависност од стапката на ширење на инфекцијата и на владините мерки во одделни земји.

За да се избегнат злоупотреби, договорот предвидува серија контролни механизми преку кои ќе се следи трошењето на парите.

Секоја земја ќе треба до Европската комисија да приложи план за трошоци, а мнозинство од другите членки ќе имаат право да ги блокираат проектите.

Овие механизми до некаде потсетуваат на промените во политиката за пристапни преговори за новите членки на ЕУ, односно на новата методологија, иницирана од Франција.

Таа, исто така, содржи редица алатки за проверка на напредокот и за евентуални „казни” изразени, меѓу другото, и со задршка на планираната финансиска помош.

Тупаница на Макрон и закани на Орбан

Пакетот за ублажување на финансиските дупки во 27 те земји членки, сега, треба да биде ратификуван во Европскиот парламент, откако земјите членки ќе ги завршат сите преостанати технички преговори, што не исклучува повторно покренување на прашања и дилеми.

Медиумите сега откриваат детали од атмосферата на Самитот во Брисел, па пишуваат дека во еден момент, францускиот претседател Емануел Макрон дури морал да удри со тупаница по масата, посочувајќи и на “штедливата четворка” дека го доведуваат во опасност целиот европски проект.

Разлики меѓу лидерите на земјите членки имаат и предлозите за врзување на помошта од корона кризата со “владеењето на правото” во земји какви што се Унгарија и Полска.

Предлогот за тоа го има поставено холандскиот премиер Марк Руте, на што прозваните две земји од Истокот на Европа се имаат закането со правото на вето.

Во еден момент тоа било ставено и на преговарачката маса, со што бил доведен во прашање Самитот, но и целиот план за помош, што уште еднаш го покажува егоизмот и самоволието на Будимпешта, пред се, како и на Варшава.

Егоизмот на Будимпешта и Варшава

Излегува така, дека според нив, може и да не успее договарањето помош за сите членки (вклучувајќи ги и тие две), само за да не се дозволи да се усвојат одредби кои предвидуваат запирање на финансиската инјекција кон држави кај кои постои застој во демократските принципи. А, тоа веќе подолго време во ЕУ се Унгарија и Полска.

Но, сепак, претседателката на Европската комисија, Урсула вон дер Лејен, на крајот оцени дека “договорот е историски чекор со кој сите треба да се гордеат”, а задоволството од целиот пакет не го кријат ниту лидерите на земјите од централна и источна Европа.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, на пример, чија земја од вкупниот “колач” ќе добие 22 милијарди евра (буџетски пари и од фондовите за закрепнување), договорот го оцени како резултат на политичка зрелост на Европа.

Сумата за Хрватска е двојно поголема од вкупната финансиска помош што земјата ја има примено од сметката на ЕУ во изминатите 7 години членство во клубот.

На крајот – сите задоволни

Земјите од Медитеранот, Шпанија, Италија и Португалија, на крајот, исто така се задоволни. Португалскиот премиер Антонио Кошта рекол дека “пакетот за помош можеше да биде малку поголем, но сепак е доволно робустен за да одговори на сегашните проценки за штетата од корона кризата”.

Европската унија, за да го реализира планот за закрепнување, ќе позајми 750 милијарди евра од меѓународните финансиски пазари.

Од оваа инјекција е исклучена Велика Британија. За тоа е само таа виновна. Гласајќи за Брегзит, земјата на почетокот од годинава излезе од европското семејство по 46 години членство.

А, и една ваква силна финансиска инјекција и тоа како добро ќе и дојдеше. Британија е една од најтешко погодените економии поради пандемијата и бележи најголема смртност во Европа од Ковид-19.

(Б.С.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе