Поврзете се со нас

Skopje Global

Лукашенко најавува повлекување

Свет

Лукашенко најавува повлекување

palinchak/BigStock.com

Лукашенко најавува повлекување

Белорускиот претседател Александар Лукашенко изјави дека веднаш по усвојувањето на новиот Устав на државата,  ќе се повлече од функцијата. Веста од Минск за повлекувањето „вечниот претседател“ кој е непрекинато на власт уште од 1994 година и важи за последниот европски диктатор, ја има пренесено руската државна агенција РИА-Новости

Веста од белорускиот главен град, за која се смета дека сепак треба да се земе со резерва, доаѓа после неколку месечните масовни протести на стотици илјади граѓани на оваа поранешна советска република, како и после низа брутални интервенции на тамошната полиција и на специјалните сили кои се пресметуваа со демонстрантите.

„Не одам зашто сакам“

Протестите почнаа во август, веднаш по соопштувањето на изборните резултати од претседателските избори, на кои одново победи Лукашенко. Овој пат дури со 80 отсто од гласовите, што опозицијата и посматрачите веднаш ја оценија како изборен фалсификат.

Соопштувајќи ја намерата да си оди од власта, белорускиот деспот признал дека тоа не го прави, затоа што го сака.

„Не го правам ниту Уставот за себе. Кога ќе стапи во сила, нема повеќе да бидам претседател. Па, затоа, смирете се и поднесете го тоа мирно“ – им порачал Лукашенко на демонстрантите кои и натаму се на улиците, барајќи од незадоволните граѓани да престанат со протестите.

Ваквото решение го објаснил, како што рекол, во интерес на белорускиот народ, за да работите завршат без војна, без судирања кои, инаку, би можеле и да се случат, доколку се продолжи со демонстрирањето.

Игри со Уставот?

Во оваа прилика, доследен на своето деспотско владеење со Белорусија, Лукашенко рекол дека не ги прифаќа предлозите на опозицијата за конечниот текст на Уставот. При тоа, открил дека веќе отфрлил две работни верзии за уставните промени.

Според него, тоа морал да го направи затоа што стравува дека доколку се прифати се она што го бара и заговара опозицијата, на земјата би можело да и се случи она што му се случи на некогашниот СССР- да се распадне!

Или, како што појаснил Лукашенко, на Белорусија би можело да и се случи „времето на Михаил Горбачов“ (!?) кога процесот на отворен дијалог што овој го промовираше, како еден пример за демократија во тоа време и во тогашните советски услови, практично, е виновник за распаѓањето на Советскиот Сојуз.

„Сега (овие, овде во Белорусија) го сакаат истото – да се распадне земјата” – рекол белорускиот претседател.

Москва го чува деспотот

Засега, не се знае до каде е работата на Уставот, за да може да се процени кога би можело да биде усвоен, а тој (навистина) да се повлече. Претходно, споменуваше дека во земјата ќе се спроведе јавна дебата за уставните промени, како и одржување референдум. Сето тоа, есеноска, во екот на најжешките протести, го има најавувано за во почетокот на 2021 година. Но, во сегашните извештаи од Минск, тоа не го има споменато.

ЕУ и меѓународната заедница одбија да ги прифатат изборните резултати, давајќи им силна поддршка на опозициските лидери кои сите мораа да избегаат во странство, во соседните балтички држави. ЕУ воведе санкции за Белорусија, по бруталната полициска репресија врз голораките демонстранти, а откако се види дека таквата постапка кон демонстрантите продолжува, Брисел воведе санкции и кон белоруските високи функционери, вклучувајќи го и Лукашенко.

Москва, меѓутоа, беше и остана негов силен, ако не и единствениот поддржувач. Русија ја прифаќа приказната на Лукашенко дека во настаните има „мешање од странство“, настојувајќи никако да не се дозволи Минск да има свој „Мајдан“, како во Киев, во раната пролет на 2014 година, кога во Украина беше тргната од власт проруската политичка елита.

Минск нема „Мајдан“

Затоа во случајот на Белорусија, Москва настојуваше и успеа да му наметне на Лукашенко да ја смири својата груба, непријателска реторика во јавноста, во пресметката со демонстрантите и со опозицијата, во обидите да го амортизира притисокот на улицата.

Има мислење  дека и најавата на белорускиот претседател, дека ќе се повлече од функцијата е руско дело. Случајно, или не, тоа се случува по престојот на рускиот министер Сергеј Лавров во Минск. Од друга страна,  демонстрантите и онака бараат од власта оставка и повлекување на претседателот кој четврт век владее сам со земјата. Тие, засега, не споменуваат промени какви бараа украинските демонстранти пред шест години.

Според едно сценарио, Москва веќе има определено и човек кој ќе го замени Лукашенко, секако, на избори кои би биле во руски стил.

Останува уште да се види кога деспотот од Минск ќе замине од власта, како и дали белоруската опозиција ќе се вклопи во сценариото за кое се зборува дека е руско – за тоа , да се задоволи само со тргањето на Александар Лукашенко.

(М.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе