Поврзете се со нас

Skopje Global

Меган Маркл го „победи” таблоидот „Дејли Меил“

Трендови + Општество

Меган Маркл го „победи” таблоидот „Дејли Меил“

cheekylorns2/Depositphotos.com

Меган Маркл го „победи” таблоидот „Дејли Меил“

Меган Маркл, сопругата на британскиот принц Хари, го доби судскиот спор против издавачката компанија која го издава лондонскиот таблоид „Дејли Меил“.

Војвотката од Сасекс, титула што таа ја има добиено по венчавката со Хари, син на престолонаследникот Чарлс и покојната принцеза Дијана, го тужеше овој тиражен весник за повреда на приватноста.

Тужбата беше поднесена откако „Меил“ го објави нејзиното лично писмо, што таа му го има испратено на нејзиниот отуѓен татко.

Повредена приватност

Писмото се појавуваше во дури пет продолженија, во серија од написи во неделното издание на таблоидот „Меил он Сандеј“ и на интернет страниците од овој весник – во текот на февруари 2019 година – во кои се распетлува работи од нејзината приватност и односите со таткото, разведен од нејзината мајка.

Весникот притоа објавуваше и делови од самото писмо, напишани од неа на рака, до таткото Томас Маркл, откако таа се омажи за принцот Хари.

Според образложението на судијата на лондонскиот суд кој ја донесе пресудата, тужителката е сосема во право, затоа што во секој случај можела само да се надева дека станува збор за приватно писмо, па дека и неговата содржина ќе остане приватна и нема да се појави во весник.

Раскин со таблоидите

Во секој случај, станува збор за голема победа на Меган против лондонскиот таблоид кој и по поднесената тужба против него, продолжи да „војува“ со сопругата на Хари.

Но, тоа е победа и на брачната двојка против британските таблоиди – воопшто – со кои тие обајцата објавија дека не сакаат повеќе да имаат било каква комуникација. Особено што повеќето од нив, уште од почетокот на врската на Американката и внукот на кралицата Елизабета, се имаат нафрлено врз неа.

Нејзините адвокати кои ја поздравија пресудата, дека постапката на весникот е недолична, затоа што во прашање е писмо, на пет страници, напишани на рака. Тоа е исклучително лично и наменето само за нејзиниот татко.

Писмо до таткото Маркл

Тој не дојде на венчавката на својата ќерка, според американските таблоиди, поради болест. Подоцна ја има сменето приказната и почна да дава изјави за тоа дека не бил воопшто повикан, обвинувајќи го зетот Хари дека не сакал да се појави таткото на невестата, а потоа почна да ја обвинува и својата ќерка.

Тогаш таа има напишано писмо во кое го моли таткото да престане да дава такви изјави, уверувајќи го дека нејзиниот сопруг не е за ништо виновен.

Некои лондонски весници во тоа време пишуваа дека таткото Томас ја има предизвикано целата ситуација, за да се појавува во весниците, добивајќи хонорар за тоа, како и дека само тој им го има дадено писмото од Меган на таблоидите – веројатно за пари.

Меган Маркл, американска актерка, се омажи за принцот Хари, во мај 2018 година, во дворецот Виндзор. Следната година се роди и нивниот син Арчи.

„Прикриен расизам“

Во март 2020 година Меган и Хари предизвикаа сензација, соопштувајќи дека се откажуваат од кралските обврски, како и дека сакаат да се преселат во Северна Америка. Од неодамна имаат купено куќа во Санта Барбара, во Калифорнија.

Таблоидите веднаш (одново) се нафрлија врз Меган, обвинувајќи ја дека таа е причината за заминувањето на популарниот млад принц во Америка. Се тврдеше дека Американката „не се поднесувала“ со Кетрин Мидлтон, сопругата на братот на Хари, принцот Вилијам, идниот британски крал.

Се покажа, меѓутоа, дека имало нешто меѓу двајцата браќа, но и дека на Хари му пречел преголемиот и негативен публицитет на таблоидите кон двајцата, а посебно кон Меган Маркл.

Еднаш го имам сето тоа видено со мојата мајка. Не сакам сега да се повторува и со мојата сопруга – има речено Хари.

Но, над се, му пречел „прикриениот расизам“ во медиумите и во делови од јавноста кон Меган. Таа потекнува од расно мешовит брак.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Трендови + Општество

Горе