Поврзете се со нас

Skopje Global

Трендови + Општество

Милијардерски развод на Бил и Мелинда

World Economic Forum from Cologny, Switzerland, Remy Steinegger - World Economic Forum - Melinda French Gates, Bill Gates - World Economic Forum Annual Meeting Davos 2009 (by-sa), CC BY-SA 2.0

Милијардерски развод на Бил и Мелинда

Веста за разводот на бракот меѓу соосновачот на Мајкрософт и едно време најбогатиот човек во светот Бил Гејтс и неговата сопруга Мелинда, брзо се нареди меѓу информациите што го заобиколија светот, секаде примена со големо изненадување.

Неговиот 27 годишен брак со некогашната соработничка во компанијата Мајкрософт, а потоа мајка на нивните три деца и партнер во Фондацијата „Бил/Мелинда Гејтс“ како и во сите нејзини проекти, се сметаше за складен и стабилен.

„Шок меѓу филантропите“

„После многу размислување и многу труд на нашата врска, донесовме одлука да го окончаме својот брак. Повеќе не веруваме дека можеме да продолжиме понатаму како двојка, во следната фаза од нашиот живот“ – напиша на Твитер Бил Гејтс. Истото соопштение го има објавено и Мелинда Гејтс, на својата страница.

Во својата порака на оваа социјална мрежа, тој уште има речено дека заеднички ќе продолжат на одржување и издигнување на Фондацијата, но повеќе не како брачна двојка.

Бил и Мелинда во брак беа од 1994 година. Венчавката била на Хаваите, на една мала, интимна свеченост. Од 1996 година, Мелинда ја напуштила дотогашната работа во Мајкрософт, за да целосно се посвети на подигнување на семејството.

Угледниот американски весник „Њујорк Тајмс“ пишувајќи за овој развод смета дека тој ќе предизвика шокираност во светот на филантропијата каде обајцата припаѓаат откако ја имаат создадено Фондацијата во 2000 година. Таа сега управува со безмалку 50 милијарди долари, што ја прави најголема приватна фондација во светот.

Донирани 30 милијарди

Бил Гејтс во изминатите години има донирано 30 милијарди долари, за помагање на луѓето, најчесто помагајќи во здравјето, во искоренувањето на некои од најтешките болести., како и финансирајќи проекти за искоренување на сиромаштијата.

Овој весник уште забележува дека разводот на Бил и Мелинда ќе го шокира и светот на бизнисот, но за пошироката јавноста, најинтересно ќе биде како досегашните сопружници ќе го разделат големото богатство со кое располагаат.

Според списанието „Форбс“ богатството се проценува на 130 милијарди долари, но освен во пари, акции и патенти, Бил Гејтс има и голем, скап и богат имот и цела низа вредни и скапи предмети. Мајкрософт има регистрирано илјада патенти, од кои девет се негови.

Обичниот свет, како што тоа се вели и бројните сеирџии сега ги интересира кој што ќе добие при разделбата на целото ова богатство, ако тоа се случува и што и како (материјално) ќе се спроведе разделбата на Бил од Мелинда. Некои весници веќе пишуваат дека, како сега стојат работите, најмалку ќе добијат нивните три деца.

За децата – пет отсто

Уште порано Бил Гејтс има објавено дека планира 95 отсто од вкупното богатство да биде насочено за хуманитарни цели.

Сака заработените милијарди да бидат користени за пронаоѓање и за примена на лекови со кои светот би се ослободил од некои болести, како детската парализа, или сидата за која научниците трагаат да откријат вакцина. Додека остаток од пет отсто би го оставил на трите деца – ќерката Џенифер (25), синот Рори (21) и најмалата ќерка Фиби (18).

Во последно време, меѓутоа, се тврди дека Гејтс има речено дека на сите тројца би им оставил само десет милиони долари, што излегува дека е помалку од 1 отсто од богатството. Ова изгледа како малку веројатно, но факт е дека тој зборувајќи на оваа тема еднаш има речено дека е “мечкина услуга (на децата) да им се оставаат големи пари, милијарди“. Тогаш има откриено дека на ова го има подучено еден друг милијардер – Ворен Бафет кој уште во 1986 година зборувал за ова, согласувајќи се целосно со неговиот став.

„Моите деца ќе стекнат образование, а по тоа ќе мора самите да си изградат кариера и да си одберат животен пат. Да им се остават огромни пари, значи да им се уништи животот“ – рекол Гејтс. Затоа, ниту еден од нив нема место во Мајкрософт.

Неговите наследници нема да им биде оставено да ја водат компанијата, а и Фондацијата каде ќе отидат сите пари, туку дека ќе мораат самите да се снајдат за работа. Во секој случај, тие нема да останат на улица, ниту ќе бидат сиромашни.

Милијардер на 30 години

Ваквите погледи на човекот кој важи за еден од најбогатите во светот, сепак, не се големо изненадување. Тој досега има давано разни „мудрости“ и совети за животот, посебно упатени на младите, повикувајќи се сопственото искуство – пробивајќи се низ животот и градејќи го богатството.

Според Бил Гејтс – “животот не е фер и секој треба да се навикне на тоа“, потоа дека – „ако погрешиш не ги обвинувај родителите“, или пак – “немој да плачеш над грешките – учи од нив“!

Роден е на 28 октомври 1955 година, во Сијетл, во сојузната држава Вашингтон, во семејство на банкари и интелектуалци.

Но, самиот си прави пат во животот, па уште на 14 години има направено една програма, за која тој и уште двајца негови другари имаат заработено 20 илјади долари. По создавањето на Мајкрософт почнува вртоглавиот успех, а големи пари заработува со лансирањето на оперативниот систем Виндоус. На 31 година ја има заработено првата милијарда долари. На 40 годишна возраст веќе е најбогат во светот.

Луѓе на годината

Неделникот „Тајм“ го има ставено меѓу 100-те највлијателни луѓе во светот, а него и Мелинда Гејтс, во 2005 година ги има прогласено за луѓе на годината – за хуманитарната работа на која целосно и се посветуваат.

А, што се однесува до целиот имот и до сето она што го поседува со сопругата – малку е веројатно дека таков каков што го знае светот, ќе дозволи со разводот сето богатство, едноставно, да се распартали.

Од она што се знае, тие двајцата располагаат со четири големи резиденции и куќи, од кои најголема и најскапа е „Ксанаду-2“ покрај брегот на езерото Вашингтон, а тука се неколку ранчеви и ергели со коњи на разни локации во САД.

Брачната двојка има на располагање и приватен авион за 12 лица, што Бил го користи постојано, секаде каде патува низ светот и низ Америка, како и цела „ергела“ од скапи автомобили, скапи уметнички дела, голема маса најразлични „гаџети“ – скапи “играчки“, како и вредни книги и стари ракописи.

Највреден е оној на Леонарадо Да Винчи, од 1510 година, за која уште пред повеќе од 20 години има платено 30 милиони долари.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Трендови + Општество

Горе