Поврзете се со нас

Skopje Global

Како се финансираат талибанците

Свет

Како се финансираат талибанците

zabelin/Depositphotos.com

Како се финансираат талибанците

Многу брзо по одлуката на САД да се повлечат од Авганистан, а особено откако војниците заминаа, авганистанските сили како да се предадоа, без борба, не покажувајќи ниту волја да се спротивстават на муџахедините – талибанци. Стана брзо јасно дека својата одбрана и заштита ја врзувале исклучиво за американската војска и нивните сојузници. Па, кога тие заминаа авганистанските сили како да не постоеја.

Времето и парите потрошени за обуката на армијата на Авганистан, пропаднаа, речиси за миг, па талибанците без големи напори и без борба, забрзано почнаа да освојуваат територија и да ја преземаат контролата во неа.

Сега некои аналитичари се однесуваат како да заборавиле дека сите изминати 20 години, талибанците војуваа против сопствениот народ, пред се, повеќе низ терористички напади, но и низ борбени операции, против американските и сојузничките сили.

Опиум, донации и помош од пријатели

Нивното вшетување во Кабул и лесното и без борба освојување на власта, некои го примаат како големо изненадување. Други, пак, тоа го објаснуваат со силната материјална подлога врз која се потпира дводецениското војување на талибанците и нивната сегашна, завршна офанзива за покорување на Авганистан.

Велат, сето тоа беше можно со милијардите долари што талибанците, со години, ги обезбедуваат на разни начини и од разни извори.

Пред се, од производството и продавањето на опиумот, но и од разни донации од пријателски земји, од богати бизнисмени – исламисти, како и од држави кои ги користат талибанците за да „војуваат“ со Американците – односно за да ги натераат да си заминат од регионот во кој тие сакаат да доминираат, или да имаат главна улога.

Американските тајни служби признаваат дека не е можно точно да утврдат со колкав износ пари муџахедините располагаат, но се проценува дека годишно, тие добиваат, или успеваат да соберат од 300 милиони, до 1,6 милијарди долари.

Пари и обука и од Русија?

Еден извештај на ОН вели дека најголемиот дел од приходите и воопшто од парите, талибанците ги добиваат од продавањето опиум, но и од изнудување, или од откупнините по извршено киднапирање.

Според разузнавачки сознанија, само од дрогата, годишно, добиваат над 460 милиони долари. Освен тоа, талибанците прибираат пари и од природните ресурси на Авганистан, кои се наоѓаат на територијата што ја поседуваат, пред сегашната целосна контрола на земјата. Минатата година, на пример, од рударството имаат собрано 470 милиони.

Американците тврдат дека со години на ред, пари, разни видови оружје и муниција, како и воена обука за талибанските борци добиваат од Русија. Ова делува апсурдно – затоа што нивното појавување на авганистанската сцена тргнува од времето кога, како муџахедини, војуваа против советските војници, против советската окупација на земјата, кога Москва инсталира свој, комунистички режим во една силно муслиманска и етнички поделена земја.

Тоа предизвика брутална одмазда на муџахедините – талибанци врз советските окупаторски војници, врз заробениците, а подоцна и врз дотогашните властодршци – неверници, како што тогаш ги нарекуваа авганистанските комунисти и нивните советски тутори.

Иран и Пакистан

Некои аналитичари – американски, но и европски – сметаат дека талибанците примаат пари, воена опрема, но и друга помош, прво од Иран, а потоа и од Пакистан.

Оваа земја важи за западен сојузник и за проамерикански определена во регионот, но со години одржува конекција со авганистанските талибанци, за да преку нив ги има под контрола домашните, пакистански талибанци, кои во некои делови од земјата се одметнати.

Како и да е, она што сега е интересно тоа е прашањето дали талибанците – со парите што ги прибираат во текот на една година, колку и да се – можат да бидат доволни за да можат под контрола да го одржуваат целиот Авганистан, а не само неговите северни делови.

Податоците на Светска банка покажуваат дека авганистанската влада во 2018 година, има потрошено 11 милијарди долари. Од нив дури 80 отсто од парите стигнале како странска помош.

Продолжување со валканиот бизнис

Се верува дека во вакви услови, Америка би можела и натаму да има предност над талибанците, поради парите кои доаѓаат како странска помош. Други, меѓутоа, не веруваат во тоа, затоа што сметаат дека талибанците – едноставно – не се грижат премногу за странските пари и за помошта од странство.

Нивна основна цел е да владеат со Авганистан, а сега, кога веќе ја презедоа власта, впечаток е дека нема да имаат проблеми со парите. Како власт, талибанците ќе имаат пристап до авганистанската централна банка, до сите сметки на владата и конечно, ќе ги земаат парите од даноците што ќе ги прибираат.

Уште повеќе што се верува дека и понатаму ќе ги продолжат своите валкани бизниси, како во добро уредените мафијашко-гангстерски организации.

А, тоа значи дека ќе продолжи продавањето хероин, шверцот на луѓе, посебно на жени кои ги продаваат како „бело робје“, или продавањето човечки органи, но и од извршување убиства за пари.

Проценка на некои експерти е дека талибанците досега имаат примено пари и за да не извршат некој терористички напад, било каде во светот, а дека тој „бизнис“ нема да го прекинат и како властодршци во Авганистан.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе