Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Бродови горат на отворено море

Marinha Portuguesa

Бродови горат на отворено море

Во само 48 часови, два брода се запалија на отворено море – едниот полн со патници, а другиот товарен и полн со скапи автомобили. Првиот – италијански ферибот – се запали на 50 км од грчкиот остров Крф, во Јонското Море, а другиот – во Атлантикот, недалеку од португалските Азорски Острови, на пат за Америка.

Двата брода тешко се оштетени, но додека оној товарниот веќе го влечат кон првото пристаниште, иако (велат) пожарот се уште тлее, во инцидентот во грчките територијални води – до саботата попладне – пожарот се уште не беше изгаснат. Медиумите во Атина јавуваат дека прашање е каква ќе биде крајната судбина со фериборот „Гарибалди“.

Дванаесет исчезнати лица

Сепак, најважно е дека најголемиот број од околу 350 патници и членови на посадата, се спасени и евакуирани на безбедно. Десетмина се во болница со проблеми со дишењето, но сите надвор од животна опасност. Меѓутоа, се трага по 12 лица – сите камионџии – кои се водат како исчезнати.

Седуммина од нив се бугарски државјани, други тројца се грчки,  еден е  литвански, а другиот е турски државјанин. Нивната судбина е неизвесна, затоа што се верува дека сите спиеле во кабините на своите камиони, за да не платат за бродските кабини, а токму во делот каде биле камионите и другите возила, избувнал пожарот.

Фериботот тргнал малку после полноќ во петокот, од грчкото пристаниште Игуменица, кон италијанскиот брег, кон пристаништето Бриндизи, на инаку својата редовна морска линија. Два часа подоцна била дадена тревога, кога долниот дел од бродот бил во пламен.

Илегални мигранти

Покрената е истрага за причините, но засега само се верува дека огнот, прв пат, се појавил во едно од возилата.

Пожарот, меѓутоа, откри дека (најверојатно) бродот носел со себе и илегални мигранти, Авганистанци, кои на некаков начин влегле во фериботот и потоа брзо се измешале со другите патници.

Случајот се откри кога спасувачките екипи од делот кај возилата имаат спасено, во последен момент, две лица – еден бугарски државјанин и еден Авганистанец кој никаде не бил заведен како патник. Сега се трага меѓу спасените патници, за уште сокриени илегални мигранти.

Операцијата е покрената, затоа што грчките власти знаат дека оваа бродска линија, и бродовите кои тргнуваат на полноќ од Игуменица. често се користат за илегално префрлање на мигранти од Грција во Италија.

„Порше” и „Бентли“

Во товарниот брод, под германско знаме, имало само 22 членови на екипажот и сите се спасени. Нема повредени и ниту еден од нив нема побарано медицинска помош. Но, сигурно е дека ќе има голема материјална штета – како на самиот брод, така и на неговиот скап товар.

Бродот пренесувал од Германија до Америка околу 4000 луксузни автомобили на „Порше„, „Ауди“ „Фолксваген“ и британската фирма „Бентли“. Засега се знае дека имало натоварени 1100 луксузни и скапи „поршеа“, како и 190 возила од уште поскапата марка „Бентли“. Другите компании не го имаат објавено податокот колку нивни возила се наоѓале на запалениот брод.

Се верува дека најголем дел од возилата се или целосно уништени, или се тешко оштетени и (најверојатно) неупотребливи.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Вести

Горе