Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

„Белокосиот“ Трошев нов водач на Вагнер ?

„Белокосиот“ Трошев нов водач на Вагнер ?

Владимир Путин се огласи за прв пат по падот на приватниот авион во кој беа тројца од најважните луѓе на паравоената , платеничка група Вагнер- лидерот Евгениј Пригожин, неговиот воен командант Дмитри Уткин, како и одоворниот за бизнисот и финанасите на групата- одбегнувајќи да потврди дека во леталото (навистина) бил и Пригожин, како што стои во листата на патниците.

Сепак, Путин и за него, како и за сите другите зборуваше како да ги нема повеќе, најавувајќи истрага за која рече дека „ќе треба време“ за да се утврди причината за падот на леталото.

Во обраќањето до јавноста Пригожин  го нарече „успешен бизнисмен“  со кого се познавал уште од деведестите години на 20 век и кого го пофали дека помагал во борбата – против – како што рече- „неонацистичкиот режим во Украина“.

Предлог на Путин

И додека рускиот претседател продолжува да ја оправдува својата инвазија и окупација врз лажни обвинувања за демоктратски избраната власт во соседната држава, странските и руските медиуми веќе пишуваат за тоа- дали Вагнер ќе може да преживее без „успешниот биснисмен“ , а московски Комерсант , на кого се повикува и Си-Ен-Ен, зборува за тоа дека Кремљ веќе има човек за наследник на Пригожин.

Уште во јули годинава, по бунтот на вагнеровци, лично Путин го има предложено Андреј Трошев , сугерирајќи дека под неговото водство единицата Вагнер може да продолжи и да постои, а и да дејствува на теренот.

Името на Трошев прв пат било споменато по неуспешниот марш на Москва, кога Пригожин и Путин почнале да преговараат околу иднината на Вагнер – согласувајќи се припадниците на овие паравоени сили да се дислоцираат во Белорусија, во посебно уреден воен логор.

Воен ветеран

Тогаш рускиот претседател предложил  и нов човек, што според московскиот весник, вагнеровци го прифатиле- климајќи со главите.

Трошев кој е познат по прекарот „белокосиот“ (седој на руски) е пензиониран воен полковник. Тој е еден од основачите на Вагнер , а за него досие , направено при воведувањето санкциите , имаат  ЕУ, како и Франција и Британија.

Во досието се открива неговата улога во интервенцијата на оваа паравоена , платеничка милиција во Сирија, на страната на режимот во Дамаск, кога беше спасуван за да остане на власт Башар ал Асад – главниот сојузник на Москва и на Путин на Блискиот Исток.

И тој , како и Путин е роден во поранешен Ленинград ( сега Санкт Петербург) во 1953 година и е вистински воен ветеран, учесник во низа „валкани“ војни и воени интервенции на Русија, како и на СССР, пред распадот на државата.

Соборец со Дмитри Уткин

Од војната во која заглави Советскиот Сојуз во Авганистан, кога оваа мирна азиска средноисточна држава- во тоа време кралство- Русите по наредба на тогашниот лидер Леонид Брежнев, решија да ја претворат во комунистичка  република,  па преку Сирија, се до интервенцијата во Либија, во тамошната граѓанска војна, а против владата во Триполи.

За Сирија каде бил назначен за извршен директор на Вагнер, на Западот е обвинуван дека има извршено насилства врз цивилното сириско население. Бил припадник и на специјалните сили на руското МВР.

За „белокосиот“ Трошев се вели дека бил учесник на двете војни во Чеченија, за што е одликуван. Високи одликувања има и за војувањето во Авганистан против џихадистите кои тогаш се создадоа , војувајќи против советската армија.

Негов соработник и соборец во повеќето од овие советски/руски војувања му бил Дмитриј Уткин , познат по прекарот „Вагнер“ и по тоа што никогаш ги нема сокривано симпатиите кон нео-нацизам.

Вагнер творба на Кремљ

Уркин е еден од жртвите во паднатиот авион, кој (заедно со Пригожин)  и со Трошев го имаат создадено Вагнер- по налог на Кремљ и на Путин- за руските валкани операции. Почнувајќи од потикнувањето и покренувањето на бунтот против владата во Киев, во Источна Украина, во пролета 2014 година, веднаш по окупацијата на Крим.

Тоа е време кога и Москва, а и самиот Путин ги отфрлаа тврдењата на Западот дека (практично) Русија, уште од пред осум години, војува против Украина, а не бунтовното руско население на украинскиот Исток, во Луганск и во Донецк.

Кремљ ги отфрлаше и  обвинувањата дека Вагнер е руска творба.

Вистината, сепак, се обелодени  во 2016 година. Тогаш лажните  путинови деманти беа соборени , откако на еден државен прием во Москва, самиот Владимир Путин се има појавено со двајцата водачи на Вагнер- „Седој“ Трошев и Уткин- и обајцата закитени со нови одликувања, за што постојат и докази, низ бројните фотографии во руските медиуми.

(С.Г.)

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе