Поврзете се со нас

Skopje Global

Муџахедините ветуваат помирување

Вести

Муџахедините ветуваат помирување

Муџахедините ветуваат помирување

Во една вистински неочекувана офанзива за шармирање на светот, само два дена по влегувањето во Кабул, муџахедините (талибанци) ветуваат помирување во Авганистан, тврдејќи дека после 20 години војување ја еманципирале земјата и ги набркале странците.

„Им простуваме на сите – нема да има одмазда” – изјави талибанскиот портпарол Забихула Муџахид кој одржа прес конференција.

На оваа прва средба со домашните и со странските медиуми, тој уште порача дека земјата нема повеќе да биде бојно поле, како и дека жените нема да бидат дискриминирани, што се заедно, според него, претставува момент со кој треба да биде горда целата држава.

„Им простивме на тие што војуваа“

„Ние сакаме да се погрижиме Авганистан да не биде повеќе, ниту да се третира како боиште. Им простивме на сите кои војуваа против нас. На омразата и на непријателството им дојде крајот. Не сакаме никакви, ниту внатрешни, а ниту надворешни непријатели“ – рекол Муџахид.

Тој рекол дека сака да ја убеди меѓународната заедница дека никому нема да му се нанесе зло, како и дека новата власт не сака да има проблеми со меѓународната заедница, но и дека сегашната власт има право да делува во склад со своите верски начела.

„Други земји имаат свои начела, свои принципи, со различен пристап и со свои прописи. Авганистанците имаат право да имаат свои правила и прописи во склад со нашите вредности. Ние сме посветени на тоа жените да ги имаат сите права – според шеријатскиот систем. Но, тие ќе работат – раме, до раме – со нас. Затоа, сакаме да ја увериме меѓународната заедница дека нема да има дискриминација“ – рекол талибанскиот портпарол.

Ветување – слободни медиуми

Тој уште зборувал и за слободата на медиумите и истакнал дека таа е битно прашање.

“Медиумите мораат да бидат непристрасни. Мораат да обрнат внимание и да ги посочат нашите недостатоци, за можеме да бидеме подобри“ – изјавил Муџахид, инсистирајќи дека “ништо не смее да биде спротивно на исламот, па и медиумите не треба да работат против нас, туку да дејствуваат во интерес на државата“.

Според талибанскиот портпарол, новите власти не се арогантни затоа што ја имаат освоено целата земја во неколку денови. Тој смета дека ситуацијата во Авганистан и понатаму е воена и дека така ќе биде се до создавањето на влада, кога работите ќе станат појасни.

Овој функционер на новата власт инсистирал дека Авганистан е муслиманска земја, како што беше и пред 20 години. Но, рекол дека талибанците во овие две децении се промениле, порачувајќи им на сите дека земјата ќе се управува според законите и за тоа ќе биде одговорна владата.

„Нема испрашување и прогoнување”?

„Не сакаме младите кои овде пораснале, да си заминат од земјата. Никој нема да им тропа на вратата и да ги прашува за кого работеле досега. Ќе бидат сигурни и безбедни, затоа што нема да бидат испрашувани, ниту прогонувани. Им простивме на сите во интерес на стабилноста на земјата и за мир во Авганистан” – рекол Забихула Муџахид.

Така зборува портпаролот на талибанците за кого велат дека е дел од тимот кој работи на формирањето нова влада и за уредување на нова власт, а големи резерви и неверување и натаму останува кај странските посматрачи во Кабул, откако се јави дека лидерите на талибанците се вратиле во земјата од Катар, каде досега беше нивниот главен штаб.

Колку што се знае, токму во Доха, во главниот катарски град, неколку години се водеа преговори за ставање крај на војната и на непријателства – како меѓу разните авганистански струи, така и со меѓународната заедница и со САД.

Некои тврдат без некој успех и за тоа ги обвинуваат недоверливите талибанци кои и она што еднаш ќе го прифатат и за што ќе се постигне договор, потоа нема да го почитуваат, ниту ќе го прифаќаат.

„Нови” талибанци

Во исто време, едни странски известувачи јавуваат дека ситуацијата (засега) е мирна, а други тврдат дека во главниот авганистански град владее хаос.

Има навестувања дека животот веќе почнал да тече според строгите талибански правила, при што кабулскиот аеродром останува опседнат од оние (Авганистанци) кои стравувајќи за својата безбедност, настојуваат брзо и по секоја цена, да избегаат од земјата – во која (сега) никој во никого не пука.

Првиот впечаток е дека во овие први моменти по преземање на власта, игра е една софистицирана ПР кампања на (новите) талибанци, кои допрва треба да докажуваат колку сето ова, од првите ветувања, ќе стане вистина.

Односно, да се види – колку навистина се промениле, како и тоа – до каде ќе одат со примената на шеријатското право.

Недовербата останува

Првите слики кои ги имаат испратено во светот се однесуваат на образованието, за тоа како девојчиња одат на училиште. Тоа треба да ја покаже разликата, затоа што претходните талибанци тоа го забрануваа – не дозволувајќи образование за женските деца.

Поентата е дека ништо во секторот на образованите нема да се менува, барем околу тоа дека нема да има дискриминација.

Репортерите, во меѓувреме, јавуваат дека многу од обичните Авганистанци кои нема да бегаат, сепак, стравуваат за иднината – својата и на земјата.

Едноставно, тие не веруваат во она што талибанците го зборуваат, па многу жени и без да им биде наредено, почнале да се облекуваат „традиционално“. Целосно забрадувајќи се, онака како што тоа им беше наложени со строго казнување, пред повеќе од две децении.

(С.Г.)

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе